ЗА ДА НЕ ТИ ПОБЕГНАТ МИСЛИТЕ, МОРА ДА ТРЧАШ БРЗО

ЗА ДА НЕ ТИ ПОБЕГНАТ МИСЛИТЕ, МОРА ДА ТРЧАШ БРЗО

Мураками помислил дека може да стане писател и станал писател. Исто така, некој не станува тркач зашто некој друг му го препорачал тоа. Почувствувал дека може да стане тркач и станал. Па, во која група на маратонци спаѓате вие? Оние што трчаат со стапалата или оние што трчаат со мислите?

Прочитајте го следниот извадок од „За што зборувам кога зборувам за трчањето“ и инспирирајте се да ја зграпчите книгата со совети од Мураками. Колку километри треба да се поминат за да се стане тркач, а колку страници треба да се напишат за да се стане автор?

„Како да се стане писател што трча“

Писателите кои се надарени со вроден талент можат да пишуваат романи без разлика со што се занимаваат во животот – или не се занимаваат. Како вода која истекува од природен извор, речениците слободно им течат и таквите писатели без напор ги создаваат своите дела. Повремено ќе наидете на таков писател, но за жал, јас не спаѓам во таа категорија. Во моја близина не постои таков извор. Морам со длето да удирам во карпата за да направам длабока дупка пред да успеам да го најдам изворот на креативност. За да напишам роман, морам физички да се оптоварам и да потрошам многу време и напор. Секојпат кога почнувам нов роман, морам да ископам нова длабока дупка.

Ама бидејќи веќе со години живеам таков живот, станав мошне ефикасен во копањето дупки во цврстите карпи и наоѓањето нов извор, како од техничка така и од телесна гледна точка. Затоа, штом ќе забележам дека еден извор ми секнува, можам веднаш да најдам друг. Но ако луѓето кои се потпираат исклучиво на природниот извор на талент ненадејно откријат дека го исцрпиле единствениот извор што го имаат, тогаш се во голема неволја. Со други зборови, да бидеме реални: животот во суштина е неправеден. Но дури и во неправедна ситуација мислам дека е возможно да најдеме ронка праведност. Се разбира, за тоа се потребни многу време и труд. И можеби ќе ни изгледа дека не вредело за маката. Останува секој поединец да одлучи самиот за себе дали вредело или не.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново