СОФИ ДОЛ: КОГА ОД СУРОВИОТ ЖИВОТЕН ПАТ СЕ СОЗДАВА УМЕТНОСТ

СОФИ ДОЛ: КОГА ОД СУРОВИОТ ЖИВОТЕН ПАТ СЕ СОЗДАВА УМЕТНОСТ

По минатонеделната посета на библиотеката со добитници на Евопската награда за литература, овој пат ќе влеземе во еден истовремено суров, но и неверојатно емотивен книжевен свет на француската авторка и актерка Софи Дол.

Софи Дол уште од почетокот на своето образование се истакнувала со достигнувањата по уметничките предмети. Актерката од францускиот театар станува особено позната во европските литературни кругови откако во 2019 година нејзината книга „На големото корито“ ѝ ја донесе водечката титула во романескната борба за Европската награда за литература.

Барајќи начин да се избори со тешките удари што ѝ ги задава животот, таа почнува да пишува. И првиот и вториот роман, „Камил, мојата птица“ и  „Шиење“, се посветени на загубата на драгите личности. Софи Дол вградува дел од себе во своите романи запишувајќи ја својата трагична судбина на хартија, прво за смртта на нејзината мајка, а подоцна и на нејзината ќерка.

„На големото корито“ раскажува со тешки, повеќезначни зборови преку кои ги балансира ужасот, насилството, хуманоста и каењето. Во овој роман Дол прикажува невидена психолошка димензија на своите мисли, комбинирана со литературна моќ. Ова е едно храбро соочување со најстрашните зборови – каење, гризење на совеста, искупување.

Сижето, надвор од романескните конвенции, следи една романсиерка која учествува во телевизиска емисија по повод објавувањето на нејзината прва книга. Нејзиното најавено гостување во малиот град ќе вознемири еден од телевизиските гледачи. Тој е обичен градинар кој води мирен живот, но пред да погледне во екранот бил затвореник кој 30 години ја отслужувал својата казна. Неговиот мир е нарушен кога дознава дека романсиерката е ќерка на неговата жртва.

Оваа книга нѐ освестува за значењето на нашите одлуки, но и за тоа дека колку и да се погрешни, мораме да ги прифатиме. И најважно од сè – лошите одлуки не се секогаш доказ за лош човек.

Целиот роман е исткаен од потрагата по вистината и потребата од прошка. Речениците во него се како разнобоен конец. Можеби болат зборовите што се груби како убоди од игла, но по читањето, резултатот е неверојатно закрепнувачки. Вознемирувачка и смела книга – токму каков што треба да биде еден роман на врвот од листата на европски конкуренти.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново