10 СОВЕТИ ЗА ПИШУВАЊЕ ОД ГОЛЕМИТЕ МАЈСТОРИ

10 СОВЕТИ ЗА ПИШУВАЊЕ ОД ГОЛЕМИТЕ МАЈСТОРИ

Поети, прозаисти, драматурзи, интермедијалци, сите вие кои водите дневници, кои ги криете своите тетратки, кои секогаш ги бришете напишаните реченици... Земете ги тетратките од нивното тајно место, кликнете на папката Корпа за отпадоци на вашиот компјутер и вратете го текстот што сте го избришале. Клучот за успешни текстови е под пенкалата на книжевните мајстори. Прочитајте што имаат да ви кажат.

Придржувајте се до едноставното – Харуки Мураками

Бидете едноставни – нè советува јапонскиот генијалец. Мураками ни посочува дека кога се работи за фикција, особено за долги романи, не можеме да пишуваме спонтано или разговорно. Да, идејата ќе ви дојде на сон, но во толку нејасен облик што ќе копнее по обликувач. Тоа е момент на експлозивна брилијантност кој доаѓа ненадејно, но обликувањето, уредувањето на текстот е вистинска работа. Писателите мора да ја јакнат својата издржливост – или, како што тоа го дефинира Мураками, да се подготват за долго и напорно копање додека не ја најдат тајната вода. Идејата е потта што ви капе при копањето, но кога таа капка пот ќе падне во скриената вода и ќе се обедини со неа – тоа е мигот на успешно создавање.

Напуштете го реалниот свет – Нил Гејман

Нил Гејман поголемиот дел од своите книги ги напишал помеѓу осум часот навечер и пет наутро. Но при крајот на 90-тите години, еден ден откако се откажал од пушењето, заспал врз тастатурата и завршил со 500 страници испишани со буквата М. Затоа, почнал да престојува во најмени простории, хотелски соби, места каде ќе биде опкружен со непознатото, каде што ќе биде сам, без Интернет и телефон. Тогаш успевал да го дофати необичниот универзум во кој не постои ништо освен пишувањето.

Дајте им време на идеите – Исак Асимов

Умот работи на мистериозен начин. Кога нештото ќе го оставиш настрана, потсвеста гради простор околу него. За да имате добри идеи, треба и да се интересирате за добрите идеи што веќе постојат околу вас. Асимов вели дека никогаш не зјапал во празни листови хартија. Никогаш не поминувал денови и ноќи чукајќи си ја главата и обвинувајќи се дека идеите не му доаѓаат. Наместо тоа, вели тој, некое време оставете го романот настрана, читајте, живејте, сè додека не созреете. Кога ќе се пронајдете себеси во идејата, обидете се повторно. Кога ќе се среди просторот во вашиот ум, сè оди полесно.

Бидете прецизни – Џорџ Орвел

Пишувањето книга е исцрпувачко искуство. Тоа е долг период на боледување. Боледувате кога не можете да ја пренесете идејата на хартија, кога нема да можете да ги најдете вистинските зборови, или обратно – кога ги имате вистинските зборови, но идејата е на стаклени нозе. Затоа, Орвел ве советува секогаш да бидете прецизни, да дефинирате што сакате да кажете и начинот на кој сакате да го направите тоа. Орвел советува секогаш да пишувате кратко и јасно, каде што има простор за тоа. А ние велиме малите идејни шајки да ги ковате со зборовните чекани токму таму каде што им е местото. На крај, иако се толку мали, ќе држат цврста романескна градба.

Прво откријте каков е вашиот книжевен херој, а потоа следете ги неговите желби – Реј Бредбери

Бредбери секогаш остава ликовите да го одредуваат сижето. Дури и кога е одлучен дека некое дејство треба да се случи така како што го замислил, ако тоа не им е својствено на ликовите, тогаш ќе ги следиме нивните чекори и нема да отстапуваме од нив. Изградете ги ликовите толку реално што ќе ви се чини дека излегуваат од страниците. Не наметнувајте им постапки или зборови што не сакаат да ги прават или кажат. Тие се свои личности. Пред да почнете со пишување, напишете ги сите карактеристики на вашите херои – дури и на оние кои на крај нема да се појават во книгата.

Заборавете на совршенството – Вуди Ален

Како врвен уметник, Ален знае дека големите уметници секогаш се стремат кон некое достигнување што им се чини дека постојано им бега од раце. На Вуди Ален не му се допаѓа секоја снимена сцена. Но тој на филмското платно ги остава и оние сцени што не му се допаѓаат. Задоволството е во несовршенството. Ако совршеното беше дофатливо, ќе постоеше ли уметноста?

Следете ги само сопствените мисли и ничии други – Садгуру

Вашата глава е сунѓер. Секој што доаѓа во допир со вас ве потопува со неговите идеи. Вие полека впивате и впивате, а со текот на времето, колку е понатопен, толку сунѓерот повеќе се уништува. Затоа, не дозволувајте секој да ви влијае врз мислите. Гледајте ги само своите и стремете се кон нивна реализација, онака како што вие сакате.

Вие сте својот читател – Ју Несбе

Додека пишува, Несбе си замислува публика пред себе, а во таа публика има само еден човек – самиот тој.  За него, пишувањето не е во посетувањето на некои места и луѓе, туку е во поканувањето на луѓе таму каде што си ти. Ако се прашате каде би сакале да патува еден читател како вас, ќе се почувствувате изгубено. Ако се прашате: што ќе ме натера да станам утре и да ја допишам приказната?, тогаш ќе стигнете до одговор. Приказната сама ќе ви ја покаже насоката. Секако, вие сте авторот, но постои некоја книжевна гравитација која е движечка сила на идејниот процес.

Создајте си свој сопствен свет – Елиф Шафак

Кога Шафак гледа во своите ракописи, гледа обид да се урнат ѕидови, да се надминат граници. Таа се чувствува како аутсајдер – и тоа го смета за успех. Како што вели Валтер Бенјамин, пишувањето е најосамената форма на уметност. Но токму тоа треба да нè научи белетристиката – дека можеме да имаме светови, домови, предмети што ќе бидат лелеави а вистинити, опипливи само преку книгите.

Пишувајте насекаде – Ден Браун

Пишувањето не е процес што се случува само додека пишуваш на твојата работна маса. Тоа е севкупност од остатоци од хартија, касети на кои го снимаш својот глас раскажувајќи ги идеите, белешки во тетратките, па дури и на ѕид. Затоа, Ден Браун советува да бидеме физички активни, да се движиме често наоколу низ собата, во паркот, или каде и да пишуваме. Движењето ќе ве натера да го упатите погледот кон нешто што ќе ви вдахне идеја – многу повеќе отколку белината на листот или екранот. Понекогаш, само едно трепнување на некоја личност може да предизвика големи идеи од романескни размери. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново