ЈАН КАРСОН – ЗА КРЕАТИВЕН ПОЖАР Е ПОТРЕБНО САМО ЕДНО КНИЖЕВНО ЖАРЧЕ

ЈАН КАРСОН – ЗА КРЕАТИВЕН ПОЖАР Е ПОТРЕБНО САМО ЕДНО КНИЖЕВНО ЖАРЧЕ

Да ѕирнеме во библиотеката со добитници на Европската награда за литература. Погледите ќе ги задржиме на поглавјата што ја освоија оваа титула во 2019 година, на „Потпалувачи“ од Јан Карсон.

Европската награда за литература секогаш во центарот на вниманието ја става креативноста. Меѓу 41 земја, 41 разнобоен јазик, мотивирајќи ја циркулацијата на различните култури, се поттикнува специфичното богатство во книжевностите на европските земји.

Карсон е наградувана авторка, добро позната на ирската и на европската книжевна сцена. Нејзиниот прв роман „Малком Оринџ исчезнува“, објавен во 2014 година, добил одлични критики, исто како и расказите „Деца на децата“ и збирката куси-куси раскази „Приказни од разгледница“ . Во 2016 година ја добива наградата за „Харперс базар“ за најдобар расказ, а успехот со кој блеснува е токму романот „Потпалувачи“.

Карсон секогаш успева да дофати исклучително чувствителни теми какво што е тешкото детство (тема со која се нурнува во книжевните води преку младиот протагонист кој се справува со проблемите што извираат од гревовите на родителите), како и бесмислата на насилството (олицетворена во сите нејзини ликови).

Очи во очи со родителските стравови, Карсон раскажува приказна за двајца татковци кои живеат во Белфаст во време на длабоко социјално незадоволство и немири. Соочени со кризите на денешницата, тие се премислуваат како да се изборат со своите демони – Семи Егњу со новороденче во рацете стои пред искушенијата на самохран татко, а Џонатан Мари стои пред искушенијата на татко на потпалувач, отуѓен син што предизвикува немири.

Додека малата Софи е сирената, синот Марк е предизвикувачот на пожари. Водната моќ на невиното мало суштество на сирената ги гаси пожарите што ги предизвикува потпалувачот. Ќе дозволи ли Џонатан, кој во младоста горел со истиот импулс и бес, неговиот син да продолжи со објавувањето на анонимните видеа на Интернет, со плакати што ги поттикнуват луѓето на насилство? Ќе се спаси ли Семи од стравовите дека неговата ќерка ќе ги наследи особините на мајка ѝ?  Под влијание на сегашноста, но и на минатото, ликовите на Карсон се растргнати меѓу тешки одлуки, покажувајќи ни како родителството ја менува целата перспектива на животот, давајќи му суштина.

Овој фасцинантен роман за силната физичка и емоционална поврзаност на човечките суштества ги заслужува сите признанија. Пркосејќи на жанровските граници, на литературната и жанровска фикција, на магичниот реализам, на политиката и секојдневниот живот со кои сите се соочуваме, Јан Карсон е противотров на овој дистописки свет.

Во пламенот од овој пожар од книжевни идеи сфаќаме колку вредат конечните одлуки – колку повеќе тежат, толку се поправилни. Книга вредна за читање, заслужна за наградата, полна со поуки за животот. Сфаќаме дека желбата за живеење е во малите жарчиња. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново