ТРИ ПРЕДЛОЗИ ОД НАШИТЕ КНИЖАРИ

ТРИ ПРЕДЛОЗИ ОД НАШИТЕ КНИЖАРИ


Нашите книжари се вистинските луѓе за вистинските книги за вас. Доколку некогаш се двоумите за одреден наслов или не знаете што да очекувате од некоја книга – тие се тука најсрдечно да ви помогнат.

Еден од нив е и нашиот колега Ѓорѓи Крстевски, кој освен што и самиот пишува, има мошне разновиден читачки избор. Овој пат се осврнува на три исклучителни наслови кои го заслужуваат и вашето внимание.

1. „А пропо ништо“ – Вуди Ален

За ликот и делото на Вуди Ален и не треба многу да се зборува, бидејќи тој веќе е добро познат низ светот, но и кај нас, претежно преку своите филмови, но и преку неколкуте книги што веќе беа објавени кај нас. Во овие свои мемоари тој го задржува својот препознатлив и карактеристичен забавен и хумористичен стил, а ни нуди сеопфатен и личен увид во својот бурен живот. Во книгата можеме да прочитаме за неговото детство, за неговите тешки почетоци, за периодот кога почнал да снима филмови, за своите бракови, љубовните врски и пријателствата со славни личности. Преку оваа книга поинтимно ќе го запознаеме славниот режисер, комичар, писател и актер, миленик на нашата публика.


2. „21 лекција за 21 век“ – Јувал Ноа Харари

Кај оваа книга ми се допадна тоа што во кратки поглавја ни нуди преглед на најголемите предизвици со кои човештвото би се соочило во дваесет и првиот век. Напишана е на лесен и разбирлив јазик, но тоа воопшто не ја намалува нејзината вредност, напротив, секое од поглавјата е провокативно и тера на размислување околу темата што ја обработува. Па така, можеме да прочитаме за технологијата, за нејзиниот развој и нејзиното влијание врз нашите животи, за религијата и меѓуверските односи, за национализмите, за тероризмот и војните, за образованието и предизвиците со кои тоа ќе се соочува во блиска иднина, за информациите и за тоа како да разликуваме лажна од вистинска информација, за работата и за идните работни места, за правдата во новиот свет, како и за многу други нешта. Авторот нè подготвува за една иднина која многу ќе се разликува од сегашноста и сака да ни укаже на одредени прашања што треба да си ги поставиме за да ги разбереме подобро предизвиците со кои неминовно ќе се соочиме.


3. „Чудовиштето доаѓа“ – Патрик Нес

Прекрасна книга која можат да ја читаат и млади и повозрасни читатели, со универзална приказна и порака за соочувањето со нашите стравови. Истовремено мрачен, емотивен и длабоко човечки роман за загубата, за семејството, за тагата и за созревањето. Книга за реалните и за замислените чудовишта со кои се соочуваме сите ние – и децата и возрасните. Се чини, секој од нас понекогаш во својот живот ќе се најде во улогата на момченцето Конор под чиј прозорец секоја вечер ќе почне да се појавува чудовишното и загадочно дрво.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново