САДГУРУ – СОВРЕМЕН ДУХОВЕН УЧИТЕЛ ЗА ВРАЌАЊЕ КОН СЕБЕСИ

САДГУРУ – СОВРЕМЕН ДУХОВЕН УЧИТЕЛ ЗА ВРАЌАЊЕ КОН СЕБЕСИ

Денес, кога постојат голем број лажни и опасни учења, на луѓето им е потребен духовен водич кој ќе го осветли патот кон кој се стреми вистинската природа и човековото постоење. Потребен им е гуру – човек кој ќе биде жива мапа водејќи ги по тој пат.

Садгуру е еден таков вистински модерен гуру, мистичар, учител, хуманитарец и активист. Тој е современ јогин кој доживеал просветлување, по што го посветува животот на пренесување на своето знаење на милиони луѓе кои сакаат да учат. Како највлијателен духовен учител во современиот свет, неговите практики имаат примена во сите области на човековиот живот – од личниот развој, економијата, политика, па сѐ до екологијата. Основач е на ценетата фондација „Иша“ која, поддржана од над три милиони волонтери низ целиот свет, спроведува активности и програми насочени кон внатрешната преобразба, а работи и на хуманитарни и еколошки проекти. Како говорник Садгуру гостувал на најпознатите светски универзитети – Оксфорд, Станфорд, Харвард, на Светскиот економски форум, во Обединетите нации, но и во компании како „Мајкрософт“ и „Гугл“.

Тој е човек чија страст се чувствува насекаде и кој поседува единствена способност да ги претвори старите јоги-практики прифатливи за современите умови, дејствувајќи кон подлабоките димензии на животот.

Нашите две очи можат да го доловат физичкиот свет, оној што може да ја блокира светлината, но се слепи за сѐ друго. Само со отворање на третото око може да се согледа она што е видливо и она што не можеме да го видиме со нашиот ограничен вид. Тоа е мистицизмот, да се спознае животот во неговата целосна длабочина и димензија. Садгуру е мостот во оваа мистериозна арена на животот. Тој е враќањето дома, враќањето кон себеси. Тој честопати знае да каже дека „општеството е презаситено за духовните процеси“. Па затоа основната негова визија е да понуди учење за внатрешна благосостојба на секое човечко суштество – наука која му помага на човекот да го оствари својот врвен потенцијал во согласност со себе и со светот.

Сегашниот момент, благодарноста, задоволството се принципите за подобар и посреќен живот кои ги сретнуваме во книгите на познатите автори како Лујза Хеј, Тич Нат Хан, Ронда Брн, Нил Доналд Волш. Иако ги обработува истите теми во својата книга „Внатрешен инженеринг – водич на еден јогин кон радоста“, Садгуру  ни нуди еден поинаков пат што ќе нѐ поведе кон духовно просветлување и ќе ја направи радоста наш постојан придружник.

Зошто тогаш оваа книга е поразлична од другите? Самиот Садгуру вели: „Како гуру, немам доктрина на која можам да ве учам, немам филозофија да ви ја пренесам, немам верување да го ширам. Причина за тоа е што единственото решение за сите зла што го измачуваат човештвото лежи во самопреобразбата. Таа не значи постепено подобрување на самите себеси. Таа не се постигнува со менување на моралните или етичките погледи, или со промена на ставовите или однесувањето, туку со искусување на неограничената природа на тоа кои сме ние. Преобразбата на самите себеси значи во нас да не остане ништо од старото. Таа претставува промена на димензијата во начинот на кој го согледуваме и доживуваме животот“.

И конечно, оваа книга не ви нуди проповед туку наука; не ви нуди учење туку технологија; не ви нуди правило туку пат.


„Внатрешен инженеринг – водич на еден јогин кон радоста“ обезбедува смирен начин на живеење и утеха, две вредни работи кои добиваат поголема важност во овој исплашен свет во кој сме принудени да живееме. Книга која ќе ве натера да размислувате долго и длабоко како ќе го живеете својот живот понатаму.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново