20 години ТРИ – Јубилејна едиција
ТРИ во 20 книги? Невозможно е да се состави толку кратка листа. Но постојат 20 автори чии дела успеале преку својот јазик, стил, избор на теми, структура, да допрат до читателот на посебен начин. И да ги освојат симпатиите на најголем дел од нашата читателска публика. Кои се тие? Ги знаеш нивните имиња, веројатно си ги прочитал и делата, но за првпат ќе ги погледнеш во овa издание, возобновени од нашиот познат дизајнер, Зоран Кардула.
Четириесет правила на љубовта
Автор: Елиф Шафак
Во својот заводлив лиричен роман Четириесет правила на љубовта, светски познатата турска авторка Елиф Шафак ни ткае две паралелни приказни – едната современа а другата историска – и преку „четириесетте правила на љубовта“ ни ја доближува древната суфистичка филозофија што се заснова на единството на сите народи и вери и присуството на љубовта во секој од нас.
Лидер без титула
Автор: Робин Шарма
Повеќе од петнаесет години најуспешните компании и најбогатите луѓе на светот ја применуваат формулата на Робин Шарма - еден од најбараните гуруа на денешнината. Оваа формула сега ви е достапна и вам, преку вдахновените пораки за тајните на успехот и личната среќа.
Мајсторот и Маргарита
Автор: Михаил Булгаков
Одбиван, премолчуван, забрануван и напаѓан. Тоа е историјата на овој роман. Едно обично, жешко летно пладне, во Москва, започнуваат да се случуваат многу, многу необични работи. Никогаш не разговарајте со непознати. Зошто, така, ете така започнува хаосот. Хаосот кој го создава никој друг, туку Воланд. Воланд, Мефистофел, Ѓаволот лично. Но каков е овој ѓавол, чуден и гротескен?
Пиреј
Автор: Петре М. Андреевски
Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и Коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.
Романот Пиреј е култна книга во македонската книжевност. Уште со неговата прва објава во 1980 година, критичарите го нарекоа роман-меѓник во македонската белетристика.
Последниот чај
Автор: Винка Саздова
Ова е роман во кој понекогаш и една единствена реченица е голема приказна врз која се останува долго време. Толку долго колку што е потребно таа да се спои со личната приказна на оној што ја чита. Сочувствителен. Љубовен. Нежен, а цврст. Меко што зборува за груби болки и вистини, покажувајќи како се исцелуваат и претвораат во спокојство.
Манастир Фуентерабија
Автор: Јагода Михајловска - Георгиева
Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело објавено во 2017 година
По многу години во манастир, Тој се размонашува. Заминува во Фуентерабија. И Таа е дојденка таму. Во сè се разликуваат. Заедничка им е само длабоката вманастиреност во самите себе. Преку неа се препознаваат крај Океанот. Што сè нема внатре, во ќелиите на нивните, нашите сопствени манастири, во зборовите, во молкот.
Папокот на светот
Автор: Венко Андоновски
ЧЕТИРИНАЕСЕТТО ИЗДАНИЕ НА КУЛТНИОТ РОМАН НА ВЕНКО АНДОНОВСКИ
Романот се состои од вовед, наводно напишан од братот на извесен В., на кој се надоврзуваат книгата „Папокот на светот“ (манускриптот на романот), книгата „Исход“ и книгата „Светлина“ (Записите од дневникот), по кои следува поговор од книжевниот теоретичар Венко Андоновски.
Платформа
Автор: Мишел Уелбек
Платформа е најпознатото и најконтроверзното дело со кое Мишел Уелбек стекна светска слава и достигна статус на најзначаен современ француски и европски писател. Во него се преплетени сите карактеристики на делата на Уелбек – општествена сатира, возбудлива приказна, нетипични ликови и брилијантен стил кој го отсликува светот во кој живееме со сите негови недостатоци и предности.
Сапиенс
Автор: Јувал Ноа Харари
Пред 100 000 години најмалку шест човечки вида живееле на Земјата. Денес има само еден. Ние. Хомо сапиенс. Како се случило нашиот вид да преовладее во битката за доминација? Како нашите предци, собирачи и ловци, се соединиле и создале градови и кралства? И каков ќе биде светот во следните милениуми?
Се гледаме на врвот
Автор: Коста Петров
Се гледаме на врвот е една од најинспиративните приказни за успехот напишани на македонски јазик. Кратко по своето објавување во 2013 година, книгата прерасна во апсолутен хит на книжевната сцена, а четири години подоцна го бележи своето единаесетто издание! Успешно поминувајќи го тестот на времето, Се гледаме на врвот продолжува да влијае на нови генерации читатели кои во неа наоѓаат инспирација за личен развој и деловен успех.