ЕДИЦИЈА „МАГИЧНИ ПРИКАЗНИ“

ЕДИЦИЈА „МАГИЧНИ ПРИКАЗНИ“


Едицијата „Магични приказни“ во себе вклучува еден куп возбудливи и волшебни книги кои ќе го задржат вниманието на децата, ќе им ја разиграат мислата и ќе ги одведат во креативните и мудри простори меѓу зборовите, илустрациите и боите. 



Поликсена со прасето

„Поликсена со прасето“

Автор: Бјанка Пицорно

Превод: Радица Никодиновска

Поликсена е девојче со голема фантазија, вљубена во приказни за принцези и замоци. Иако живее во среќно и богато семејство, опкружена од љубовта на најблиските, често си замислува дека е најденче, загубена ќерка на некој крал. Но еден ден, сосем случајно, ќе ја открие ужасната вистина што сите ја криеле од неа: дека е посвоена ќерка! Фаталното откритие многу ја потресува и таа бега од дома.

Со помош на пријателката Лукреција и нејзиниот патувачки циркус, Поликсена тргнува во потрага по вистинските родители, откривајќи патем каква е таа и каков е светот околу неа. Најразлични средби, препознавања, интриги, одмазди, исповедање на стари злодела, недоразбирања и неверојатни коинциденции ќе ја носат Поликсена постојано на чекор од вистината. Решението на мистеријата ќе биде неочекувано за сите. Чија ќерка е Поликсена, девојче од градско семејство со мечта да биде кралска ќерка? На сиромашниот рибар со многудетно семејство, на елегантниот и свиреп пират, на старата и симпатична селанка, на перфидната гостилничарка или пак на кралот? А Лукреција – чија ќерка е пак таа?


Мочурливци

„Мочурливци“ 

Автор: Барбара Симонити

Превод: Дарко Христов

„Мочурливци“ е илустрирана книга во која е иновативно претставена прекрасната приказна за зелената Мочурлива Пониква. Оваа Пониква има свои жители: дождовници, жаби, тритони, гуштери, стоногалки – еден цел уникатен, весел и радосен свет. Тие живеат во мала хармонична заедница во која  имаат свој ред и поредок, идиличен живот и соживот, вообичаено секојдневје. Но еден ден нивното спокојство е нарушено од многу чуден настан – исчезнува Мочуриштето со добрејка. Како ли е ова можно?


Се гледаме во Опсан

„Се гледаме во Опсан“

Автор: Сила Јакерт

Превод: Ивица Челиковиќ

Книгата започнува со разочарувањето на дванаесетгодишната Аника, која многу сака да лаже, без или со причина, и чии планови за летниот распуст одеднаш се менуваат кога предвреме се раѓа нејзиното братче. Наместо да се пакуваат за патување кај викендичката во Смоланд, семјството на Аника останува во градот, при што родителите најмногу време минуваат во болницата, а таа талка наоколу во квартот Васастан во потрага по нешто интересно.

Во Паркот Опсерваторија ги запознава Каја, чиј татко е лекар и живее во голем стан; Ингрид која ја викаат Кекс и чија мајка е на актерска турнеја; Тобе кој избегал од спортскиот камп на кој го принудува татко му; како и Финен и Ловет, кој е премногу мал за да му биде дозволено да останува по цели денови во паркот. Сите имаат различни причини да не бидат дома. Времето го минуваат играјќи ја играта Вистина или предизвик, но само со предизвици, оти како што вели Каја: „Затоа што никој не се грижи за вистината“.


Која е бојата на бакнежот?

„Која е бојата на бакнежот“

Автор: Росио Бониља

Превод: Ели Пујоска

Едно необично девојче кое не е многу-многу по принцезите, но затоа ужива да бои, се прашува која е бојата на бакнежот. Дали е зелен како зеленчукот, син како небото, жолт како сончогледите или црвен како вкусен сок од домати?… Дали е бел како снегот? Но снегот е студен, а бакнежот е толку топол…

Како би можела да дознае која е бојата на бакнежот? Можеш ли да ѝ помогнеш?


Прекорот на кикотливците

„Прекорот на кикотливците“

Автор: Роди Дојл

Превод: Мирјана Буразер Китановска

Малите Кикотливци си ја знаат работата. Кога возрасните се лоши кон децата – ги бркаат в соба под казна без вечера или ги тераат да носат некоја облека што ја мразат – тие не дозволуваат тоа да помине неказнето. Прават сè возрасните намќори да згазнат кучешко лајно… Ако треба и десетпати – сè додека не почнат да се однесуваат убаво со децата. Тоа се вика прекорот на Кикотливците.

Но овој пат Кикотливците грешат! Чичко Мек за влакно ќе стапне на лајно – и тоа незаслужено! Се вклучува алармот и Ровер, песот што зборува, ќерката гугалче Кејла и другите членови на семејството тргнуваат во мисија да го спасат чичко Мек од смрдливата беља.

(Ви се чини глупаво? Па да, но и смешно, непредвидливо и покакано!)


Срцето е тупаница

„Срцето е тупаница“

Автор: Ингрид Уведие Волден

Превод: Искра Бадева

Еден ден учениците добиваат необична задача – секој од нив да подготви проект за еден орган на телото применувајќи ги знаењата од повеќе школски предмети. Одеднаш, сите се будат од апатијата. Пишуваат имејлови до градската болница, ги проучуваат симптомите на болестите, преслушуваат музика, прелистуваат книги… Во потрага по информации, Алине, новото девојче во одделението кое не разговара со никого, сè почесто се среќава со Оливер во болницата, каде што на кардиологија лежи татко му, со синдром на скршено срце по разводот. Алине го избира токму срцето – големо колку тупаница, но толку моќно што ја движи целата наша машинерија.

Оливер, пак, го избира окото, камерата на нашето тело, органот кој го снима филмот на нашите животи. И признавајќи си дека се вљубил во Алине, сфаќа колку голема вистина има во она што го кажува Малиот принц, во нејзината омилена книга: „Човек може вистински да гледа само со срцето. Најважното е невидливо за окото“.

Роман за првата љубов, детски чиста и малку срамежлива, и за храброста што таа ја дава за победа над стравот од другите, за надминување на мачните семејни ситуации и осаменоста на младиот човек во овој отуѓен свет.


Крајот на осаменоста

„Крајот на осаменоста“

Автор: Бенедикт Велс

Превод: Катерина Јосифоска

Трогателен роман за загубата на саканите и осаменоста, емотивна приказна за семејството и пријателството. И над сè, голема љубовна историја.

Крајот на осаменоста нè води низ драматичниот живот на двајца браќа и една сестра кои ги губат своите родители во автомобилска несреќа и го поминуваат детството и младоста со чувство на напуштеност и отуѓеност. Кога ќе пораснат, сметаат дека го надминале тој удар на судбината, но… Поминувајќи низ подеми и падови, секогаш одново болно се навраќаат на минатото, кое го оставило својот суров печат врз нивните животи.

Калеидоскопска семејна сага и колеблива, закрепнувачка љубовна приказна, Крајот на осаменоста нуди неверојатни размисли за моќта на спомените, за загубата и она од кое никогаш не можеме да се ослободиме и да го заборавиме. Со неповторливо сочувство и блескав стил, Бенедикт Велс ни покажува што значи да си го најдеме патот во животот и нè потсетува дека доколку не ја изгубиме надежта, ќе најдеме и некој со когошто би го изоделе.


Лили, сама

„Лили, сама“ 

Автор: Џеклин Вилсон

Превод: Ацо Пероски

Самобендисаната мајка на Лили заминува на одмор во Шпанија со новото момче и ги остава сами Лили и нејзините сестри и братче. Одговорната Лили ја презема одговорноста да го храни и забавува семејството, а воедно и да ја скрие тајната од соседите, училиштето и социјалните служби. Очајно барајќи решение, Лили одлучува да ги однесе децата на кампување во паркот на неколку дена. Ама, една несреќа поради која ќе мораат да побараат лекарска помош ќе ги разоткрие сите нејзини планови и ќе доведе до вмешување на полицијата и службите за посвојување. Приказната открива колку брзо Лили треба да порасне. Таа е способна да се грижи за семејството, да ги плаќа сметките, но се поставува прашањето: дали е подготвена да биде родител и да ја преземе огромната одговорност?

„Лили, сама“ е реална, внимателно смислена, урбана авантура што непоколебливо ги разгледува прашањата за личната одговорност и општествената правда без да ги загрози возбудливиот тек на приказната и нејзините ликови.


Скитникот и синовите

„Скитникот и синовите“

Автор: Александар Секулов

Превод: Душко Крстевски

Висок, зеленоок, со долга сребреникава коса, капетан Јосиф има среќна насмевка на човек кој знае дека Бог му дал сè што посакал: него самиот. Под надуваните едра на јахтата Барболета, со темнозелен труп и сина палуба, исправен пред заканата од пиратскиот брод, тој ја прифаќа тажната вистина дека животот ќе му помине во празнотија и осаменост.

Ако има нешто во што не умее да се снајде ни на копно ни по море, тоа е комуникацијата со деца. А токму со нив ќе се соочи на сопствениот брод! Неговите најдобри пријатели му ги оставаат синовите за време на летниот распуст – на двонеделен почетнички курс за управување на бродови. Вечно гладниот Димитрис со својот лабрадор Мајло, вљубениот Николас со нос забоден во телефонот, Алекс постојано расположен за кавга, неговиот сопствен син Коста што не го видел со години, а на крајот и Лиља, капетановата ќерка од пиратскиот брод… Ќе успее ли да се снајде со нив и да ги научи како да се спасат од неочекуваната опасност со која се соочуваат? Или тие него ќе го научат на најважните животни вистини од кои тој долго време бега?

Ова е книга за светлината. И за храброста на човекот да ја пушти светлината во себе.


Градината на китот

„Градината на китот“

Автор: Тон Телеген

Превод: Ели Пујовска

Китот кој живее среде океанот има многу чудна желба – сака да има убава градина на грбот, а не само фонтана. Така животните ќе можат да го посетуваат и тој нема да се чувствува толку осамен. Му праќа писмо на Скакулецот дрводелец, кој набрзо пристигнува со својот чамец и потребните реквизити – цвеќиња, овошни дрвја, оградички, клупа за седење, па дури и мала шупа со пајажина на прозорецот. Набрзо осамениот кит добива прекрасна градина…

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново