РЕКОА ЗА АНТОЛОГИЈАТА И ЗА КОПНЕЖОТ

Денеска започнуваме со првата средба меѓу книгите со копнежлив книгокруг! Во фокус е „Антологијата на копнежот“, па книжарницата на ТРИ (ГТЦ) ќе ја исполниме со стихови од дел од поетите застапени во збирката.
На овој поетски книгокруг за копнежот стихови ќе прочитаат Елизабета Баковска, Зоран Анчевски, Сузана В. Спасовска, Марина Мијаковска, Андреј Ал-Асади, Јулијана Величковска, Лира Бојку, Иван Антоновски, Снежана Стојчевска, Даим Мифтари, Сеида Бегановиќ, Делвина Крлуку, Ивана Јовановска и други.
Започнуваме во 19 часот, во книжарница ТРИ во ГТЦ, а дотогаш прочитајте што рекоа за антологијата и за копнежот застапените поетеси и поети Лидија Димковска, Сузана В. Спасовска, Долорес Атанасова-Лори, Жарко Кујунџиски, Ирена Јурчева и Драгана Евтимова.
***
„Антологија на копнежот“ во избор на Виолета Танчева-Златева е една од најистражувачките и затоа и една од најмакотрпно создадените поетски антологии во современата македонска книжевност. Ги опфаќа стиховите и на актуелните и на подзаборавените поетеси и поети, изнесувајќи го на поетско видело копнежот како јадро на мноштво симболи, метафори, мотиви, состојби и чувства на она што може, а најчесто не може да се именува, но секој добро знае дека токму тоа го чувствува. Почестена сум што сум дел од една ваква сериозна, продлабочена и инклузивна антологија во која сите сме едно, но никому не му е за песната на другиот/другата – сеедно.
– Лидија Димковска
Копнежот – вечна константа на човековиот стремеж по совршенство.
– Сузана В. Спасовска
Желбите се гласни, незапирливи, менливи. Копнежот е тивок, сеприсутен и постојан.
– Долорес Атанасова-Лори
Колку и да добијам од животот, духовно и плотно, во какви и благодати да уживам, секогаш ќе постои оној вечен копнеж кој повикува на невкусеното и непознатото, вечно или земско. Секогаш ќе тече покрај нас како невидлив водопад. Храбар е потфатот на Виолета Танчева-Златева да ги избере песните и поет(ес)ите кои го опеваат овој копнеж, и да ги собере во една антологија.
– Ирена Јурчева
Антологијата на копнежот претставува патување кон себеси, низ читањето на песните се вдомуваат отсечени моменти и заборавени воздишки, низ тишината се проткајуваат зборовите што се длабоко закопани во секој од нас. Копнежот е еден вид на изненадување, еден миг во кој се скршнува кон непознатото и се излегува од лавиринтот на баналното секојдневие. Вистинско уживање е читањето на ваков тип Антологија! Како што вели поетесата Сеида Бегановиќ во нејзината песна „Копнеж“: „Рамнотежата со зрнца се одржува.“
– Драгана Евтимова