ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ ОВОЈ ЈУНИ

ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ ОВОЈ ЈУНИ

Секоја сезона е наменета за читање! Но летото е посебно возбудливо, зашто имаме повеќе слободно време за да можеме да патуваме во повеќе нови книги што ќе нè нурнат во нови длабочини. 

Еве неколку наслови што пристигнуваат со настапувањето на летото. Секако дека тоа не е сè. Ова е само почетокот на една нова читачка сезона. За кои од овие книги сте највозбудени?

„Љубов, теоретски“ од Али Хејзелвуд

Али Хејзелвуд веќе има своја голема читателска публика во светот и кај нас. За тоа зборуваат големиот рејтинг и многуте осврти на читачките платформи, но уште погласно насмевките на нашите читатели кога ќе побараат нов наслов од авторката. Совршено четиво за новата летна приказна што ја живееме! Во каква љубовна хемија ќе нè вовлече Али Хејзелвуд со нејзините нови ликови – дали станува збор за врска која од непријатели ќе создаде љубовници? Откриваме наскоро!

„Островот на стаорците“ од Ју Несбе

Добре дојдовте на Островот на стаорците, каде крвта се смрзнува во жилите. На овој остров има сè  – од научници кои се обидуваат да го спасат животот на луѓето, до сериски убијци. Поигрувајќи си со жанровите, Ју Несбе истражува што ја одредува и што ја движи судбината на човекот – прво како поединец, а потоа и како дел од заедницата. Има ли простор за љубов, сочувство и правда во екстремните услови при борба за опстанок? Познавајќи го по мајсторството во создавањето мрачна и возбудлива атмосфера, со нетрпеливост го чекаме објавувањето на овие приказни.

„Осум правила на љубовта“ од Џеј Шети 

Монахот што нè научи како да размислуваме остроумно и сочувствено, сега нè учи како да сакаме. Да, љубовта се чувствува, но секое чувство треба да се негува. Неговите начела и сознанија ќе ви помогнат да сфатите како да победите или да изгубите заедно, како да ја дефинирате љубовта и како да знаете дали е таа добра за вас. Наместо веднаш да свртите нова страница во животот, свртете ги страниците на оваа книга и заклучете дали ви треба ново поглавје или можеби само мали поправки. Учете од грешките и не заборавајте да се сакате себеси за да можете да сакате и некој друг. 

„Книга што сакате да ја прочитаат вашите сакани (а можеби и неколкумина други)“ од Филипа Пери

Врските, односите и поврзаноста со блиските во голема мера ни го одредуваат животот. Со семејството, партнерите, пријателите, а секако и со самите себе – сите тие се одредници на животната патека. Филипа Пери е одличен водич за подобрување на овие односи. Повеќето од читателите веќе тоа добро го знаат, зашто „Книга што посакувате да ја прочитале вашите родители“ стана апсолутен хит меѓу нив. Ведра и практична, Филипа Пери уште еднаш ни покажува зошто е една од најбараните психотерапевти во светот.

„Фифти-фифти“ од Стив Кавана

Долгонајавуваниот и очекуван наслов пристигнува овој јуни! Навлегуваме во една неизвесна приказна за две сестри на кои им се суди за убиство на таткото. Меѓусебно се обвинуваат, но на која ќе ѝ верувате вие? Стив Кавана е мајстор за создавање приказна што ќе ве држи будни и по која најверојатно нема баш лесно да заспиете. Ќе жртвувате ли една непроспиена жешка летна ноќ за ваков добар трилер?

„Завладејте со својата мотивација“ од Тибо Морис

Тибо Морис веќе нè научи како да владееме со своите емоции, па што е следно? Сега ќе ја завладееме нашата мотивација. Каде и да сте, што и да правите и која и да е вашата работна позиција, формулата за трајна мотивација е иста. Наскоро навлегуваме во новите совети за успех од Тибо Морис што ќе нè одведат до едно неверојатно чувство на траен и неисцрпен поттик. Ако не верувавте дека е возможно човек да биде постојано инспириран за нови победи, тогаш не сте ја пронашле оваа книга.

„Остани безгрижен со Епиктет“ од Јана Капри и Чаран Дизајн

Поради грижите тонеме во животот како камен во море. А замислете какви убавини ќе ви донесе таа вода, ако нешто постојано не ве бутка надолу? Ослободете го телото, чувствувајте се лесни како ветрот. Со правилата на Епиктет, дамнешниот стоик кој, заедно со Марко Аурелиј и Сократ, постави безвременски начела што се темел за секоја внатрешна слобода. Продолжуваме понатаму со осовременување на писмата на Епиктет што можат да ви бидат патоказ и во денешниот, современ и секојдневен живот.

„Намасте – индиски пат кон среќата, задоволството и успехот“ од Франсеск Миралјес и Ектор Гарсија

По „Икигаи“ и „Ичиго-ичие“, овие двајца автори нè поведуваат низ древната мудрост која содржи тајни што можат да ни помогнат да создадеме сегашност и иднина какви што посакуваме. Меѓу другото, намасте е и поздрав кон божественото што го носиме во себе. Кажете си намасте себеси и на својот живот и откријте многу значајни животни одговори – како да го прекинете страдањето, како да се ослободите од вознемиреноста и стравот, како беспрекорно да се грижите за телото, умот и духот за да живеете исполнети со енергија до крајот на својот живот? Прашања чии одговори ќе ги најдете токму во оваа книга. Бидете нетрпеливи. За овие нешта вреди да се чека! 

„Големата црвена книга – 3 том“ од Руми

Последниот необјавен превод од еден од најзначајните книжевни преведувачи во нашата земја, Драги Михајловски, ни носи едно цело сонце во срцевата галаксија. Извор на вечна светлина, на мудрост и поетска беспрекорност, Руми е несомнено еден од најдобрите поети на светот. Ненадминлив, лиричен и длабок колку океан. Духовна ризница за целото човештво. Извор на најпрекрасните метафори што ќе ве поттикнат да се чувствувате како да сте качени на српестата месечина и оттаму да ги читате овие бисери. Наскоро!

„Брчки“ од Пако Рока

Графичка новела! Едно големо ДА. Летото е за промени. Знаете ли какво освежување е читањето на графичките новели? Ќе се чувствувате како да гледате филм. Со какви необични ликови ќе нè запознае Пако Рока, откриваме наскоро. Во оваа книга сè е многу забавно, но и неизбежно нè тера на размислување. И тоа, длабоко размислување. За животот. Како да го искористиме целосно? Дали среќата си ја создаваме сами или треба да ја бараме надвор од себе?

 

Додека ние подготвуваме уште наслови кои ќе ви ги обезбедиме до крајот на летото, вие започнете со веќе препорачанитеи. Она што е сенката за летниот ден, нека бидат книгите за вас!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново