8 НАЈДОБРИ КНИГИ ЗА ВАШЕТО УМСТВЕНО ЗДРАВЈЕ

8 НАЈДОБРИ КНИГИ ЗА ВАШЕТО УМСТВЕНО ЗДРАВЈЕ

Книгите се порта до други светови, но и мостови кон минатото или иднината, штит во борбата со животните пречки и, пред сè, поддршка во тешки времиња.

Читањето во најголема мера влијае врз структурата на нашиот ум, бидејќи ги преобразува мислите. Затоа, кога се справувате со некаква состојба, без разлика на тоа дали станува збор за некоја емотивна епизода или за хронична болест, книгите се едни од клучните „лекови“. 

Најдобра за справување со траума:
„Митот за нормалното“
За кого е наменета?

За оние кои сакаат да го прифатат минатото и да продолжат напред без оглед на своите трауматски искуства, за оние кои страдаат од некаква физичка или ментална болест.

Клучна порака: 

Траумата доаѓа во каква било форма и може да потекнува од различни искуства, дури и од оние кои не изгледаат како многу потресни ситуации. Треба да разбереме дека стресот го оптоварува имунолошкиот систем и ја разнишува емоционалната рамнотежа. Ако го излечиме изворот на траумата, можеме да се излечиме од нејзините последици, кои со текот на времето ни стануваат сè поголем товар.

Најдобра за справување со зависности и болести:
„Кога телото вели не“
За кого е наменета?

За оние кои сакаат да им кажат „не“ на зависностите и болестите, но и за оние кои сакаат да најдат лек за својата состојба, а насетуваат дека тој е во нив.

Клучна порака: 

Болеста или зависноста е начин на кој телото му кажува „не“ на она што умот не може или не сака да го признае. Оваа книга спасува животи. Оние кои веќе го направиле првиот чекор читајќи ја, сигурно ќе успеат и во борбата со она што им го попречува патот. Преку оваа книга ќе согледаме дека емоционалната благосостојба и социјалната поврзаност се тесно испреплетени со здравјето, болестите и зависностите. 

Најдобра за справување со анксиозноста:
„Ми велеа дека сум пречувствителна“
За кого е наменета?

За сите кои имаат ненадејни промени во расположението, што се чувствуваат непријатно меѓу непознати, што не сакаат метеж или, накратко, што ја доживуваат анксиозноста на своја кожа со сета нејзина сила.

Клучна порака: 

Анксиозноста носи голем емоционален дисбаланс што предизвикува различни последици. Најчесто луѓето тоа не го согледуваат како проблем, туку како слабост. Оваа книга ќе ви помогне да сфатите дека пречувствителноста е моќ и предност. Преку увидување и совладување на миговите кога нè обзема анксиозноста, ќе успееме да му се радуваме целосно на животот.

Најдобра за емоционална болка:
„Вторниците со Мори“
За кого е наменета?

За сите кои чувствуваат емоционална болка и чекаат само да измине времето за таа се „избрише“. 

Клучна порака: 

Приказна од срцето раскажана со душа. Преку советите на својот професор Мори Шварц, кој е во последните месеци од животот, Мич Елбом успева да ја најде смислата на постоењето и сфаќа дека треба секој обичен ден да го направиме посебен. Книга што ја враќа вербата во животот дури и кога ни се чини дека светот се распаѓа. Ќе ве научи како да не ја потиснувате болката, туку да извојувате победа над неа.

Најдобра за пополнување на емотивната празнина:
„Живот“
За кого е наменета?

За оние кои знаат дека им е потребна промена, но се плашат да преземат нешто.

Клучна порака: 

Моќен клуч за самопомош што ќе ви ја промени свеста за влијанието што умот го има врз здравјето и благосостојбата. Ако можеме да влијаеме врз своите мисли, можеме и врз своите чувства, а кога мислите и чувствата се усогласени и стабилни, речиси сè може да се излекува. Почнувајќи од нашиот живот.

Најдобра за хиперсензитивни личности:
„Здрав емотивен живот“
За кого е наменета?

За сите кои се фатени во стапицата на потиснување на своите чувства, а на кои секое чувство им носи нова болка или (не)расположение. 

Клучна порака: 

Ако се плашите да ги изразите своите чувства за да не повредите некого, тоа значи дека ги потиснувате и се повредувате себеси. Колку повеќе се повредувате толку повеќе се отуѓувате од другите, а себеси почнувате да се чувствувате како непријател. Оваа книга ќе ви помогне да се изборите со своите емоции на креативен начин и да почнете да живеете поисполнет живот.

Најдобра за будење на љубовта кон себе и кон другите:
„Добри вибрации, добар живот“
За кого е наменета? 

За сите кои се омаловажуваат, немаат доволно самодоверба и постојано чекаат другите да ги оценат нивните дела.

Главна порака: 

Љубовта кон себе е клучна за да може да им се даде љубов и на другите. Најдете ја повисоката цел и станете патоказ за другите луѓе преку себеспознанието. Придружете се на револуцијата што ја започна Векс Кинг зацврстувајќи ја врската со самите себе.

Најдобра за барање на вистинската насока:
„Патот по кој поретко се оди“
За кого е наменета?

За сите кои се чувствуваат изгубено, кои мислат дека нивниот живот нема вистинска насока или го минуваат времето бесполезно.

Клучна порака: 

Вистинскиот пат е онаму каде што ќе го најдете своето духовно созревање. Универзумот ни го има подготвено патот, но ние мораме да ја најдеме вистинската насока. Одговарајќи на клучните животни прашања, Скот Пек ќе ви помогне да препознаете вистинска љубов, да станете свои и да бидете почувствителни родители, а ќе ви открие и уште многу други начини за самопомош.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново