ТРИ прашања со… Радован Витошевиќ

ТРИ прашања со… Радован Витошевиќ

Радован Витошевиќ е наш пријател, автор, успешен човек во бизнисот, директор на Мајвордл Македонија и Мајворлд Бугарија. Човек кој заедно со својата партнерка создаде книга за подобрување на духовната димензија кај луѓето, бестселерот „Будење на свеста“. Посветен на внатрешниот развој, но и на пренесувањето важни пораки кон читателите. Ни одговори на нашите ТРИ прашања со ТРИ инспиративни одговори!

 

1.Книгата „Будење на свеста – водич за колективна и лична преобразба“, која ја создадовте како заедничко духовно патување со вашата сопруга Катерина Ангеловска, моментално е една од најчитаните книги во Македонија, а веќе го освојува и светот преку глобалниот сервис amazon.com.

Во вакви тешки времиња, што нуди оваа книга како можен чекор кон себеспознание?

Со целата почит кон сите човечки суштества, мнозинството луѓе се заспани и спијат во длабок сон! Многумина го поминуваат својот живот во три состојби на свест: будност, спиење и сонување, и на крајот умираат. И јас бев еден од заспаните сè додека не започнав да се будам. Кога работиме на себе започнуваме да осознаваме дека има повеќе аспекти од реалноста отколку што се пласира во медиумите, и тогаш започнуваме полека да се будиме, да осознаваме и искусуваме. И со текот на времето преминуваме во друга, повисока состојба, таа е четвртата состојба на свеста која се нарекува спиритуална, или духовна свест.

Поради тоа, оваа книга не е само уште една книга за личен развој, туку е збирка на знаења и техники кои ќе ви дојдат во животот точно во вистинскиот момент, кога ви е најпотребно вам и на општеството. Книгата содржи сериозна моќ за да му помогне најпрво на индивидуалниот ум да се разбуди, а потоа и на колективниот. Ќе му помогне на секој читател да ја разбуди духовноста и да доживее ослободување. Со други зборови, ќе ве подготви да чекорите по вистинскиот пат, а со тоа ќе ви даде сила да направите лична позитивна промена и да придонесете во вршење на промена врз колективната свест, која навистина ни е потребна за доброто на човештвото.

2.Која е духовната вистина кон која се стреми Радован, човек од бизнисот, но и длабоко спознаена индивидуа?

Постоиме во повеќе димензии. Сите ние како човечки суштества сме ум, тело и дух. И кога ќе го прашаме умот „кој сум јас?“, тој ќе почне да трага, да бара одговори и никогаш нема да ги пронајде вистинските. За да го добиеме вистинскиот одговор и да се просветлиме, треба да го опуштиме умот и длабоко во себе да спознаеме дека ние сме тишината, мирот, волјата и љубовта. Чиста свесност и присутност. Кога ова ќе го осознаеме, се поврзуваме со своето вистинско јас и стануваме високо свесно просветлено битие кое зрачи љубов. Тоа е прекрасната духовна вистина која јас ја спознав!

3.Кој е Радован Витошевиќ кога не е во бизнис-костум?

Во суштината, јас сум само високо свесно битие кое вибрира на висока фреквенција, со отворен ум и огромен капацитет на давање, толеранција и љубов.

Многу ги сакам животните и природата кои, чувствувам, се клучен фактор во будењето, балансот и отпуштањето на стравовите. Ако некогаш ме здогледате во кошаркарски шорцеви, поло маица и патики, тоа сум вистинскиот јас.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново