РАСКОШЕН СВЕТЛОПИС НА ДУШАТА – КРИСТИНА НИКОЛОВСКА КОН „ПАПОКОТ НА СВЕТЛИНАТА“

РАСКОШЕН СВЕТЛОПИС НА ДУШАТА – КРИСТИНА НИКОЛОВСКА КОН „ПАПОКОТ НА СВЕТЛИНАТА“

(Кон „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски, награда „Стале Попов“ за 2022)

Нашиот златоуст писател – прв пред нас во речта, прв пред нас во мудромислието, прв во храброста да се возвиши кон златоврвот на речта – оној кој искрено сака – одново и одново – да воскреснува во неговото величество – јазикот, да се раѓа и прераѓа во него, по ремек-делата со рекорден, врвен успех кај читателската публика и литературната критика – Венко Андоновски, писателски маг, искусен „волк“ кој умее така вешто, велемајсторски да нè поведе кон неспознаеното, неописливото, недостижното, овој пат нè понесува кон „Папокот на светлината“.

Но како да се опише неописливото?

Како да му се долови на светот недостижното, оностраното?

Да се обидеме, возљубени, заедно со вас да го побараме „ракописот на светлината“... „Светлописот“....

Текстуална симфонија

Делото е раскошна полифонија, како да е компонирана некоја текстуална симфонија во која значенските и наративните ентитети се во постојан процес на потенцијална мудросложувалка.

Веднаш штом влегувате во романот, вие сфаќате дека тоа е извонредно комплексна структура – налик на импресивна, длабоко обмислена архитектура, која ве плени со идеја која бара полифона форма, чија суштина можеме да ја сфатиме дури со исчитување на делото. Наскоро сфаќате дека сте во една неодолива слатка „стапица“ во која ве води „невидливиот“ оркестратор, „режисер“ на  делото – фасцинантниот автор Венко Андоновски, ако воопшто смееме да кажеме „автор“ бидејќи тој ужива да нè пренасочува, препушта на нови и нови наратори,  уверувајќи нè дека можните (ко)автори се некаде меѓу нас, читателите. Затоа и ни го подава моливот нам, да го доиспишеме романот ние, секој саме, на омилениот, сè уште непризнаен жанр – белешки на маргините на текстот.

Делото расте низ три приказни: „Секундата на ѓаволот“, „Графитниот љубовник“ и „Папокот на светлината“. Три наративи кои се случуваат во три различни времиња, на различни простори, раскажани од тројца, но и повеќе наратори. Но и во тие три дела доаѓа до поделба на наративните „реки“ преку повеќе наратори. Реките се разгрануваат, се растекуваат, а ние се среќавме со нови и нови фокализаторски стратегии кои на делото му даваат повеќеперспективност, но и богата внатрешна полилогија. 

Трите приказни се плетат во еден можен роман, каде жив е разговорот помеѓу нив. Првата приказна ја раскажува Јан кој вели: „А јас по него бев појден, по тој континуум, по папокот на светлината.“[1] Јан е густ, непроѕирен лик, лик во трансформација, кој во првиот дел е писател и универзитетски професор, во вториот дел е рампаш,  а во третиот искушеник. Во четвртиот, ненапишан дел, кој е оставен на читателите како идни писатели – очекуваме да стане – бел монах. Тоа е лик во трансформации, во зреења, во себетрансформирања на пат кон себепронаоѓање. Поточно себесоздавање. Јан е писател кој полемизира со својот гермaнски агент за актуелни теми на писателите и издавачите, и кој ненадејно, со збор „го убива“ одвратниот му агент кој го убедува во теориите за бестселер и за топ-теми на денешницата. Во овој дел почнуваат и трансформации на фонтовите на буквите кои нè прелоцираат во други контексти и времиња.

Втората приказна „Графитниот љубовник“ е развиена низ две гледни точки на двата женски лика, другарки од детството: Лела (писателка) и Ања (психолог за деца) кои наизменично раскажуваат.

Лела, мајка на Филипче, книгољупка за која библиотеката е рај, се вљубува во белешките на незнајниот читател кој пред неа позајмува книги. Лела тајно го следи „невидливиот“ пат на книгите кои ги чита незнајникот во кого таа, на невидено, се вљубува.

Ања, психолог-антрополог и клинички психолог во Заводот за младинци кои имаат проблем со зависности, и самата има проблеми со дрогата, цела година живеела промискуитетно, ненадејно си ги сече вените итн.

Третата приказна „Папокот на светлината“ е исповед на искушеникот Валеријан (некогашен Јан Лудвиг) кој го бара „папокот на светлината“ во манастирот на „Света Гора“. Повторно имаме необична, наизменична фокализација која се води од двајца наратори, со инвентивни и необични имиња: „Јас како јас“ и „Јас како тој“. „Јас како јас“ е искушеникот Валеријан, а „Јас како тој“ е рампашот.

Приказните на двајцата наратори течат наизменично и така се плетат, надополнуваат и составуваат можна приказна која води до конечното, посакуваното, сонуваното осознавање на енигмата од насловот на книгата – папокот на светлината.

А ликовите, наместа како да се сенки едни на други, како да се пресликуваат од првиот во вториот дел, како да растат едни од други, но и како да постои внатрешна метаполемика, автоиронија меѓу луцидните белешки од маргините на овој роман, со коментари за ликови од „Вештица“.

Три фонта

Ова е „Роман во три фонта и еден светлински ракопис“ – се појаснува во поднaсловот на делото. Романот има стилизирани графостилеми кои се богати со семиотички полнеж. Тоа значи дека во овој роман – сè има значење, дури и најмалиот детаљ, и дека печатните букви го освојуваат текстот: наместа како стандардни, наместа како ракописни, наместа како подвлечени, наместа како засенчени или како големи букви. Фасцинантни се потенцијалите на оваа графостилистика и графосемантика кои текстот го прават семантички пополн и повеќеслоен.

Почнува и промена на фонтови на букви. Тоа се транспонирања, реморфологизација или „облека на буквите“. И во стилот на фрагментарната нарација, почнуваат епизоди, „блокови“, „парчиња“ текстови во други фонтови на букви. Така, и темпорално успеваме да се транспонираме во ентериерот „Скрипториум од деветти век“[2]. Навистина е интересно како главниот оркестратор на текстот го организира наративниот материјал. Така, наместа, постојат дидаскалии кои го лоцираат или прелоцираат дејството во сосема друга реалност, и нас нè транспонираат или ретранспонираат во сосема друг контекст – временски, просторен, амбиентален, духовен, филозофски, емотивен...

Тој концепт го „раскршува“ текстот на парчиња, на сегменти, налик на „камчиња“ кои потоа може да се состават во потенцијална сложувалка.

Светлински ракопис

Но, додека фонтот сокрива, ракописот открива[3] – ќе рече нараторот. Книгољупката Лела доживува фасцинација од „величествена глетка“ – која всушност е ракопис, краснопис на маргините на една библиотечна книга. Лела говори за неописливо чудо: „(...) раскошен ракопис, човечки фонт на светлината, континуум на душата, чудо на раката што се служела со букви и зборови, (...)“[4].

И така полека се раѓа поимот „светлински ракопис“, а ние би предложиле и „светлопис“[5] кој во ова дело упатува не само на ракопис како индивидуална креативна стилема на читателот или на вештина или уметност на убаво пишување, туку и на она што заедно со Лела низ делото го откриваме и доживуваме како срцепис, душопис.

„Светлинскиот ракопис“ како срцепис, душопис кој открива – емоции, состојби, настројби, карактери, мисли, филозофии... Како личен и неповторлив белег на индивидуата. И така преку „светлинскиот ракопис“ ние се доближуваме до душата, која рампашот ја доживува како „совршена светлина“[6].

Маргини

И што се, всушност, маргините? Тие ли се светлински ракопис?

Венко како автор, го обожува тоа „допишување“ на неговите дела од страна на читателите, и искрено верува во него, како што Лела е восхитена и понесена од белешките кои сè уште не се признат жанр: „Мене ми се поинтересни белешките на читателите на маргините одошто романот кој го знам наизуст.“[7] – вели таа.

Лела ги доживува записите на маргините како „(...) крик  на човекот кому му се ставени оковите на навиката: таму живее побунетиот човек, човекот што сака да живее надвор од улогата што му ја доделил животот.“[8]

Крикпобунет животкреација... Тоа е оската која ги води белешките кои со молив „израснуваат“ од текстот. Како текст во текстот. Или текст кон текстот.  

Лела копнее по „невидливиот“ (ко)автор или нов автор – читателот кој сака да стане писател на делото, за чие авторство Андоновски остава три точки.

Роман-река од филозофеми

Венко Андоновски направи историска и сериозна редефиниција на филозофско-есеистичкиот дискурс во прозата. Тоа, за западноевропскиот контекст или вкус – значи побуна против востановените стереотипи за „бестселер“. Гледано од тој агол, неговиот длабок, филозофски дискурс – воопшто не е курентен, не се чита ни преведува лесно, ниту има теми кои лесно и масовно се продаваат на „пазарот“ на книгата – со што би се сложил агентот од првиот дел, со кој Јан полемизира.   

Романот е река од филозофеми кои успешно пливаат и испливуваат кон светлината. Романот „цути“ од мудромислие. Прозата – на голема врата ги отвори вратите за есеизам, за метаполемика, за теорија на книжевност, за филозофија на феномените, и тоа онаа авторска, креативна.

И вистинско чудо е како ова дело, толку комплексно како структура, филозофски густо – успева да биде омилено, читливо и барано од пошироката публика.

Роман-планина

Романот „Папокот на светлината“ е планина... Ќе речете: секоја книга е планина. Но и секој живот е планина.

Да, планина е, но вонсериска, градена од „тули“ или драгоцени камчиња на невидена ерудиција, знаење, филозофија, талент, креативна виртуозност.  

Романот е вистинско искушение – за читателот, кој расте, страда, болува, се грози, но и сака, копнее, сонува – заедно со нараторите и ликовите.

Романот е планина, но романот е и куќа. Куќа во која нè пречекува „домаќинот“. Андоновски не само што ни го доверува најдлабокото, најискреното, но и  најболното и најпочувствуваното од себе, тој на првата страница, искрено нè пречекува со топло добредојде, со своја лична авторска посвета, напишана своерачно, со ракопис, кој всушност е срцепис, светлопис:

На тебе,

што читаш слова,

и на Тебе,

што нè читаш

како свои Слова![9]

Таква посвета добивме сите. И така веднаш, уште од првата средба со ова грандиозно и неповторливо дело, ние – имаме можност да го поземеме најдрагоценото за писателот Венко Андоновски (но и за Јан од „Папокот на светот“ и за Јан од овој роман),  а тоа е – неговото величество... моливот. Моливот како подадена река, како штафета – ни се подава токму нам, на читателите, на љубопитниците, на жедните за мисла и ука, гладни за сознание, налик на послушание, налик на ново убаво искушение.

Ете низ таква свечена ракописна и краснописна „порта“ – влегуваме во делото ние – сите ние, еден по еден, растејќи низ светот на светлината.

Но за да се види или достигне светлината, мора да ја одделиме од темнината.

Од гнаснописот на темнината...

Гадно, грозно  

Во овој роман се прави длабинска морфологија на гадното, грозното.

Така првиот раскажувач, писателот Јан почнува да се гади од неговиот агент, кој кои има лице на „дебел задник“[10] и личи на гаден „хемороид пред пукање.“[11] Така и почнува да се гади Јан од допир, а кожата му станува граница со светот.

Се гади и скретничарот од втората приказна, обилно се гади од одвратниот разблуден Данец.

Гадна е и хиперболата за лебарките кои: „(....) сè ќе сторат да го проголтаат и сонцето ако треба, како трошка леб, само да им биде темно.“[12]

Гадна е и состојбата на „бескрајно тажна и бескрајно издрогирана девојка“[13] која се нуди за една доза.

Врв, кулминација на гадното е – пијаниот автобус во кој се блудничи, оргија, провоцира и злоставува – сред бел ден, сред паланката, сред нашите животи, пред на нашите деца!

Бизарно, одвратно, грозно е и менувањето на пелена на осакатениот Данец без нозе, од страна на неговиот антипод – искушеникот Јан, кој во име на духовното послушание е принуден на најомразениот лик од својот живот да му покаже милосрдие, хуманост и болничарска нега.

Брутално оригинален во описите, авторот без пардон ги слика ликовите. И однатре, и однадвор. Тие описи – распрснати показатели, индиции се голема уметност на уметникот Андоновски. Рамна на ликовна уметност. Маркантни, оригинални, незборавни, моќни описи кои ликовите и пејзажите, амбиентите ги прават сугестивни и автентични.  

Во романот расте и се надува до бескрај – хиперболизирано грозно[14]. Зошто е тоа така? Бидејќи, навистина премногу го има гадното, одвратното во овој наш свет, сегашен свет, а уште пострашно е што грозното – ја зема „маската“ на убавото. И сатаната има маска на убавото – вели авторот. Естетиката е злоупотребена, обесчестена. 

Така гадното, грозното се доведува во преден план, на „екранот“ на текстот станува „голема слика“, слика која нè загрижува, нè замислува, но и нè поттикнува на размислување.

Но што е брана, а што мост меѓу: честивиот и нечестивиот, меѓу доброто и злото, меѓу убавото и грдото, меѓу слаткото и одвратното, меѓу привлечното и гадното? Каде тие се конфронтираат? Каде се сретнуваат?

Се сретнуваат и се борат за превласт во нашите ликови и наратори;

  • Се борат (внатре) во: искрената, но порочна Ања;
  • Во трансформираниот зреечки Јан;
  • Во писателот кој не сакајќи, со збор го отепа својот одвратен агент;
  • Во чесниот скретничар на кој Господ му ја доделил врвната дилема,  одлуката над сите одлуки – дали да се спаси само еден драгоцен живот на невино дете или пак да се спаси разблудниот автобус полн со идни „муштерии“ на пеколот? Автобус – метонимија за целиот декадентен западен систем во распад, кој отворено ја вознемирува и провоцира паланката од Балканот.      

Таму, токму таму – ликовите се дилемат или борат за исправна одлука (преку кардинална функција во наратологијата), налик на Хамлетовото: „Да се биде или не?“

Таму и се решаваат:

Скретничарот се реши за спас на детето – спас на иднината, за победа на доброто над лошото, на угнетените над тираните;

Отецот си дозволи повторно да биде адвокат за да преку нечист есап – го спаси скретничарот од затвор;

Искушеникот Валеријан го разреши горчливиот златоврв на својата дилема: да остане чевек или да му се одмазди на садистот? Оној што обесчести и понижи невини луѓе, разминувачи – со кои можеше едноставно да се размине, како во секој коректен и регулиран сообраќај (или систем кој функционира), оној што ја силуваше Лела – „љубовта моја љубовна“ која можеби го гледа од небесата и му вели: „Сети се на мене, ако ги помниш сите лица на љубовта моја љубовна. И ако ме нема никаде, додека трае пијанството на природата и луѓето, од толку многу сонце во гроздовите, знај дека среќна сум умрела, љубов моја љубовна, оти знам дека си среќен во својот манастир.“[15]

И само во една, страотно моќна реченица, Андоновски смести цела вселена на значења, отвори непознати филозофски „ходници“ кои нè водат кон мегапрашања за светот, нашиот ни свет, за декаденцијата и дисолуцијата на современата цивилизација која ги „меле“ луѓето како мелено месо, која ги продава, им става жиг, цена на задникот или на лицето, тргува на ситно со нивните кутри судбини, која ги обесчестува, понижува, унижува, и која – веројатно е во гоооолемо масовно пијанство или морбиден сон, од кој тешко се раздбудува, растрезнува, расчестува, освестува.

Крвта на рацете на злосторникот – никогаш не се мие!

Злодушје / наспроти добродушје.

Вечни антиподи, како што се антиподи: скретничарот и крвникот блудник.

Но, фасцинантна е идејата дека несопирлив е магнетизмот со кој (речиси атавистички) се привлекуваат жртвата – и насилникот. Да се раскусурат. Дали во реалноста, дали во паралелната реалност, дали во соништата, дали од една приказна во друга, дали од една епизода од животот во друга, дали конечно – од еден живот во друг?...

Таа горка „врска“ е нераскинливо жива – сè до моментот на конечна одлука – на жртвата: дали повторно ќе стане доброволна жртва на жртвата (преку одмазда) која, парадоксално, му годи на насилникот, кој сега ужива да ја преземе улогата на жртва, или пак – ќе се спаси, преку смиреноумие, преку опонентот на злодушјето и ќе надрасне до – идеалот на с в е т л о п и с  н а  д у ш а т а. Е тој ракопис, срцепис, душопис – е нашата домашна задача, и вечерва, и недоброј вечери по оваа – свечена ноќ. Ноќ во кој ќе отпочне нашата одлука – за избор. Избор за светлината, колку и да е дифузна, притивната, тивка, или пак за мракот, колку и да е гласен, дотеран, накитен, блештав и нападен. 

Осмислено време

И додека Ања ѝ забележува на Лела дека бара „врати во времето и просторот кои не постојат.“[16] (не постојат за голото око, но постојат за внатрешното око); и додека ја обвинува дека живее во светот на книгите и во привид, Лела верува во тајните мистични ходници на оностраното, на остранението, му се препушта, како што патоказ во животот ѝ се белешките на маргините од книгите кои ги чита скретничарот, во чиј ракопис, но и душопис се вљубува. Лела им се препушта на патоказите, на знаците кај патотот (би рекол Андриќ), кои за неа се врвна светлина, спас и возвишение. Посветеноста ѝ е како кон Бога, оти љубовта ѝ е чиста, а мислата ѝ е бистра.    

Така и ние, отпосле, по ери и ери – може да ја спознаеме љубовта на нашиот живот, „љубов моја љубовна“, оти од јас, стануваме тој[17], од Јас како јас, стануваме Јас како тој[18].  

Тоа е – стадиум. Ниво на свест, на зрелост, на созреана смисла.

И пак тука има право Проповедникот од песната на големиот Анте Поповски кој вели:

 

Не знаевме или не сакавме да знаеме дека:

нам не ни одминува времето, туку животот.

 

Ние отпосле дознаваме дека времето е чисто темпорален феномен кој тече, одминува, но животот – е осмислено време. Нешто многу поголемо од времето кое тече.

Е такво времеосмислено време, од нас бара Венко Андоновски да пронајдеме, да го осмислиме или преосмислиме, да го „осемениме“ и исполниме со смисла, но првиот услов за тоа е – да станеме, одлучни и храбри   с  к  р е т н и ч а р и. Оние кои ќе ја донесат – првата важна и исправна одлука во својот живот, колку и да им изгледа таа прадоксална на другите.

Оти, пак мудриот Анте ќе рече: „Не е од големо значење она знаење кое ќе го научиш, туку она знаење кое ќе го изнастрадаш.“

Токму тоа, изнастрадано знаење, или крстот – големината, тежината на крстот ни, што секој саме, молкум и простум си го носи – како жените претоварени од  пазар, или како што секој својата грпка си ја носи, било на грбот, било на чело, било во гркланот – е така, токму така, и ние треба гордо да си се понесеме себеси – секој со своето страдание, со својата бесшумна капка солза, да ја побараме – светлината.

Таа е наше право, наше „парче“ или „капка“ светлински живот.

Ракописот на светлината – е нашиот живот. Нашите планини, реки, патишта на кои им се препушаме или ги одбегнуваме. Ракописот на животот е нашиот здив, нашето дишење, нашиот нем крик кој се слуша само кога има – с в е д о к. Макар и еден сведок – со кого може да го споделиме болот, но и радоста како леб.

Ете вечерва, споделуваме леб заедно, многу сме, нè има, не нè снема, вербеници на речта, на ракописот, а не на блуднописот, не поткленувајќи на кобната „секунда на ѓаволот“.

Не сме сми, за рака нè води Венко... спокоен, смирен, одмерен и вљубен. Вљубен во словото, во изумот над сите изуми – јазикот, речта, оти за него: „...љубовта е најголемиот космички настан.“[19]

Писателот е родител, кој подава рака кон рачето... и понесува. Но вознесува, воскренува, воскреснува...

Таква воскресија – е светлината. 

Светлината на книгата... Светлината на животот....

Паралелни вселени

Белешките на маргините Лела ги доживува како „паралелни вселени“ кои отвораат други: „(...)  можни насоки по кои може да се движи текстот.“[20] од кои се гледа „(...) на колку места романот  можел да скршне во друга насока и сè да се случи поинаку.“[21] Така и ние сфаќаме дека и нашиот живот можел да се развие поинаку. Така е и со животот – главните дејства во нашиот живот се во рацете на скретничарот во нас. Затоа метафората за скретничарот е неслучајна, мудро одбрана. Сите ние сме скретничари на своите минати и идни избори, иако понекогаш сме и жртва на туѓите.

Херменевтика

Во третиот дел „Папокот на светлината“ има двајца наратори: искушеникот Валеријан кој всушност е Јас како јас (односно поранешниот Јан Лудвиг, сега транформиран во монах), а вториот наратор Јас како тој – всушност е рампашот. Двете наративни линии наизменично се плетат кон една можна целина на третиот дел. 

Ова дело навистина бара од вас да пробате сами да го растолкувате. И како структура и како тема. Да го креирате, да го докреирате.

За да се сфати подобро романот, може да си замислите, на пример, дека е печатен во три различни бои[22]. И различните наратори може да бидат обоени со различни бои. 

Оваа сложувалка, оваа можна боенка – расте кон богат семиозис, било да се растолкува со помош на семиотичка хроматика, било со помош на логичко толкување или табеларен приказ, било со длабинска филозофска херменевтика.

Гледање со срцето

Со оваа книга, и само со оваа книга – ќе прогледате, со око за кое не сте биле свесни дека го имате. Со оваа книга ќе научите да гледате и со срцето.

И како што Борхес кога сака да ја опише супштината на херменевтиката, прашувајќи: Каде е вкусот на јаболкото? Дали во јаболкото или во човекот кој го јаде? Па вели: вкусот не е ниту во само во јаболкото, ниту во тој што го вкусува, туку во нивното „взаемодејство“[23].

Така и Валеријан вели: „Визуелното не е ниту во она што го гледаме, ниту во окото што гледа; тоа е во срцето што созерцува.“

Ако окото гледа, „(...) срцето толкува што видело, (...)“ „(...) зашто ние и сликите ги помниме по чувствата што ни ги побудиле, (...)“[24] налик на мирисите од детството ни (од кујната на баба).

Тишино-себеспознание

Оваa книга, и само оваа – ќе нè научи што е тоа тишино-себеспознание: „Треба во тишина да се познаеш себеси, (...)“[25] – ќе каже еден од нараторите во третиот дел.  Ако книгата е најпат – до себе, тогаш таа ќе ја бара смислата.  

Ние се (себе)создаваме со книгите. И кога ги читаме. И кога ги пишуваме.

Но и тие се создават со нас.

Преку оваа монументална книга – ќе сфатите дека потрагата по смислата е пат кон создавање на себе.

Светот е опасно место

„Светот е многу опасно место во кое сме фрлени.“[26], „Светот е машина за производство, пакување и продажба на страв, (...)“[27] – му се доверува Отец Иларион на искушеникот Валеријан.

Булинг, насилство, силувања, агресија, окупација на нашиот приватен простор, на нашите последни 9 метри, налик на оние на скретничарот. Насекаде „невидливи“ окупатори – окупатори на нашите неба...  

И во тој страшен свет – „Јас како тој“ си наоѓа уточиште, прибежиште во својот манастир. Секој си има свој манастир. Некој сфаќа дека го имал, дури откако ќе го изгуби својот мал, скромен рај. Некој вечно трага по него.

За скретничарот тоа е неговата „железничарска куќичка“, скриена од светот. За искушеникот тоа е сонуваниот духовен рај – манастирот Хилaндар на Света Гора.

Скретничар

И како да бидеме луѓе или полуѓе? Како скретничарот на туѓи судбини да биде праведник, а не грешник?

Што е злостор, а што спас?

Да се крене рампата или не?

Да се пропушти „змијата“ на злото или да се спречи да стане епидемија која ќе „проголта“ пола планета?

Како да се спаси празнотијата на детските чевлички? Како да останат пополнети со живот, живот на невино суштество кое нема да биде смачкано од блудното двокатно автобуско чудовиште на оргијашите.

Ќе спаси ли рампата – можни, идни, несилувани жени, необесчестени семејства, ќе спаси ли цел океан скромни, „невидливи“, честити луѓе, кои молкум бегаат, се повлекуваат во храмовите на своите дворови, бранејќи се од трулежот на развратниците?

...Отворени прашања во судницата.

Та сиот наш свет – стана судница! Огромна судница, масовна, сеприсутна, хиперболизирана судница – но и судница-блудница, судница-фарса, во која споровите се решаваат со „нечисти есапи“, се наплаќа и раскусурува со валутата на туѓиот нечист „веш“ како што со матен „договор“ се решава и спорот на скретничарот.

Скретничарот спасен, но осуден на привидна „слобода“, кој спасот го бара во континуумот на „папокот на светлината“, трагајќи по неговото среде, по срцевината му.

И замислете само – колку има „невидливи“ скретничари – и меѓу нас? Почнувајќи од историските одлуки на војсководците, на владетелите, на политичарите, на оние кои го насочуваат текот на цивилизациите, па сè до секојдневните, вистински скретничари.

Бог, смисла

„Човечкото суштество може без храна петнаесет дена, без вода седум дена, ама без смисла не може ни еден единствен миг. Остане ли без смисла, се свртува кон демони и бесови. И на крајот се самоубива: духовно или телесно, сеедно.[28]

Ова е врвна филозофема која расте и разденува од ова дело...

Обесмисленоста отвора врата за депресија, декаденција, демони и самоубиства. Нихилизмот, затскриен зад модерните зависности и масовните епидемии на екраномании, интернетомании, техномании, продуцираат ИТ-дебили и разни девијации.

Спасот е – смислата, осмислувањето.

Живот-куќа

Животот е куќа.

Наша куќа.

Само наша куќа...

Таа може и да се сели, но секогаш нè носи само – нас.

И може и да се скрши таа куќа, може и да се запали, може и да се запусти, но може и да воскресне.

Но, куќата на блудникот е – без нозе. Оти тој е без нозе. Обезнозен...

Себесоздавање

Знам дека оваа книга – неодоливо ќе ве инспирира.

Таа – поведува, понесува, вознесува, воскренува, воздигнува...

Од вечерва, знам дека сите ќе посакаме – да се погледнеме себеси отстрана и да се  с е б е с о з д а в а м е.

И можеби ќе воскреснеме во зборот – како сонот на Венко Андоновски – да воскресне во фасцинацијата јазик.

Во зборот и во мирот духовен, во смиреноумието, но и во смиреноДумието ќе воскреснеме сите: вечерва – заедно, свечено – лечебно, еднаш за навека, оти ќе им се довериме – на Бога, јазикот, прозборот, речта, смислата ни...

„Оти не постои ништо што не е збор“ – ќе грмне великиот Анте Поповски, и оти душата е врвна светлина во која се раѓа, но и заоѓа зборот...

Папокот, средето – жив сведок на Светочинот над сите свети чинови,

Папокот, средето – центарот кој копнее по изворникот на светот, но и сонува за светлината,

Онаа светлина која луѓето со вера, надеж и љубов ја бараат во Христа, но и во светилиштата на своите – с р ц а.

Такво светилиште на срцата е овој грандиозен и моќен роман, оти има внатрешни очи, и оти ги удостојува тишините во нашите животи, нашите болки, нашите страданија – со должна и искрена почит, и оти заедно со нас, храбро се внурнува во потрага по – највисокото, врвното – а тоа е смислата. Барајќи ја секојдневно, барајќи ја во Бога, во храмовите – било тоа да се манастири, библиотеки или мали, трошни розови куќички на железничката пруга, било да се нашите – последни 9 метри, кои очајно ги браниме од злонамерници.  

Девет метри – наш свет, наша интима, наша територија, наше небо, приватно небо, наша осама, наша борба...

Нашите последни, или претпоследни 9 квадрати метри, кои гордо ги браниме со – о с м и с л у в а њ е...

12 на 20 сантиметри... Толкава е фасадата, корицата, „кожата“ на оваа маестрална книга. Само толку е... Но внатре е цела Вселена, цела Галаксија од билиони километри знаења, мисли, чувства...

И светочин е ова – за сите кои му веруваме, оти е прв пред нас во зборот, и оти нè поведува, понесува, вознесува – кон нашето ново раѓање, раѓање во мислата и зборот.  

Кон – радоста на светлината.

А Отец Иларион – веќе нè благослови – да го препознаеме својот бел манастир, своето прибежиште, својот Дом на светлината, да ги поразиме страстите, да се издигнеме над болот, горди дека си го носиме – секој својот крст, секој саме, колку и да е тежок, колку и да е неподнослив, и колку сето тоа да се случува во опасен, смртоносен свет, полн со гадинки и грозотии...

И ја осмислуваме смислата, и се градиме себе – обестрастени, прочистени, провистинети.

Клучот...

Клучот го има во овој храм – наречен  к н и г а, во ова живеалиште на лепословија.

Кандилце

...Венко Андоновски – моќен, мудар, генијален...

Храбар, бестрашен во изборот, совршен вајар на речта низ кој тече зборот како река, како река-мајка на реки и рекички, но и зборовни „водопади“ кои раскошно го оросуваат македонското, но и светското книжевно и уметничко небо.

Оваа книга е – химна на уметноста, нејзин празник, нејзино врвно удостојување.

Ова е книга во која допирот со книгата (било тактилен, вистински, виртуелен, паранормален,  во паралелна реалност)  не е граница со светот, туку мост. „Кожата“ на книгата – станува место на средба, почеток, зачнување. Светочин...

Заедно со Венко, охрабрени, катарзично преродени, химнично осветени, ние кои му веруваме на зборот како на изгрев, ние кои му се враќаме на мудромислието како на подзаборавен искон, ние кои очајно сакаме да ги спасиме децата од невидливите „логори“ на  новите болести на зависност кои прават ИТ-дебили, да ги спасиме од бесмислата, враќајќи ги изгубени вредности.

Патуваме кон светлината. 

Оти „Папокот на светлината“ е вечно умножение, вечно Дете на постилката светлинска, искрено Венково прашање – потрага, борба, опстанок, осмислување...

Омислување на сè...

На нашите скриени страдања, на нашиот бол, на врвниот човечки бол – „празните детски чевли“, та да се издигнеме и извишиме ние над маката, страдното, тешкото, суровото, неправедното, гадното, грозното околу нас.

Е на таков подвиг нè кани оваа маестрална планина од книга, оваа сјајна ерупција на творечка генијалност.

Бидете со оваа книга... таа е веќе одамна со Вас...

А кандилцето – е давање на светлост, умножение на светлост...

Оваа книга е вечно кандило...

Во вашите раце, во вашите срца.

                                                           

[1] Венко Андоновски: „Папокот на свлетлината“. – Скопје, „Три“, 2022, 83.

[2] Ibid., 8.

[3] Ibid., 246.

[4] Ibid., 55.

[5] Ibid., 49.

[6] Ibid., 82.

[7] Ibid., 118.

[8] Ibid., 125.

[9] Ibid., 1.

[10] Ibid., 21.

[11] Ibid., 21.

[12] Ibid., 65.

[13] Ibid., 68.

[14] На 31 страница, но и понатаму.

[15] Ibid., 283.

[16] Ibid., 97

[17] Или таа.

[18] Или Јас како таа.

[19] Ibid., 75.

[20] Ibid., 126.

[21] Ibid., 126.

[22] Наизменичните наратори може да бидат во иста боја, но поинтензивна и понеинтензивна.

[23] Термина на Блаже Конески.

[24] Ibid., 161.

[25] Ibid., 169.

[26] Ibid., 187.

[27] Ibid., 224–225.

[28] Ibid., 203.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново