ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

Намената на книгите е да ни предизвикаат некакво чувство и да ни ги прошират видиците. Сите ќе ве поттикнат кон човечност и љубов – кон блиските, кон себе, кон животот. Затоа, нашата мисија е да имате толку голем избор на книги што ќе можете да си го прашате срцето што му треба и да можете да го послушате што и да ви каже.

Ако душата ви бара белетристика, ќе ви ја овозможиме најпопуларната, ако ви бара себепомош, тука се специјалистите за популарна психологија. На еден или на друг начин, книгите се терапија за умот. Со нивна помош, бидете си свој советник, свој психотерапевт и свој најдобар пријател.

Секоја приказна е човек за себе!

 „Лекции по хемија“ од Бони Гармус

Од нашата лабораторија за добри приказни

Со овој возбудлив роман ќе се вљубите во Елизабет Зот – остроумната хероина на оваа книга. Таа не е обична жена. Не е само убава туку е исклучително умна, талентирана и без влакна на јазикот. Таа ќе ве насмее и ќе ве расплаче, ќе ве охрабри да сфатите дека ништо не е невозможно. Токму затоа го обиколи светот и ги освои сите типови читатели од сите возрасти. Со возбуда ви го најавуваме и преводот на македонски јазик. Заедно со светските читатели, да уживаме во приказната раскажана од перото на Бони Гармус.

„Лажливиот живот на возрасните“ од Елена Феранте

Уште една приказна од најистражуваната книжевна енигма

Годините носат промени врз ликот на младата Џована – таа сè повеќе заличува на својата тетка, или барем така мисли татко ѝ. Дали се претвора во неа, жената која нејзините родители очигледно ја презираат? Растргната меѓу двата краја на родниот Неапол, меѓу височината и приземноста, префинетоста и вулгарноста, таа се впушта во мачна потрага по вистината. Овој роман е уште едно ненадминливо дело на Елена Феранте и доказ дека само таа може да го пресели секој читател во совршено изградениот книжевен свет.

„Специјалист за љубомора и други раскази“ од Ју Несбе

Од неприкосновениот крал на трилерот

Ќе решаваме различни животни и криминалистички случаи рака подрака со одличен детектив што умее да ја намириса дури и болната љубомора. Со овие раскази мајсторот на трилерите Ју Несбе ќе ве размрда, ќе ве наежи и исто како со неговите претходни книги, ќе ве натера да ги активирате сите сетила и да го разбудите детективот во себе. Ју Несбе има посебна дарба, а неговите читатели не само што умеат да ја препознаат голтајќи го напишаното туку и да го разбудат истиот нагон за решавање случаи.

„Среќа е да пијам чај со тебе“ од Мамен Санчез

Потсетник дека љубовта може да постои и во облик на забавна книга

Ова е еден од романите кои побудуваат најголема возбуда и нетрпение. Сигурно сте чуле за оваа забавна љубовно-детективска приказна што толку брзо се лизга под прстите и не се испушта до самиот крај. Низ неа ќе ве води еден млад британски џентлмен кој решава сè со шолја чај. Кога ќе исчезне во метежниот Мадрид, инспекторот Манчего има полни раце работа, а вие задача да го отплеткате случајот. Ќе ве снаоѓаат најразлични неволи, но со бистар ум, сè е решливо. Затоа, подгответе ги чајниците. Оваа приказна не се голта без топол чај.

„Држете се за вашите деца“ од Гордон Нојфелд и Габор Мате

Затоа што улогата на родителите никогаш не била толку важна

Габор Мате – феноменот на нашето време од кого со нетрпение чекаме нешто ново. Овој пат, заедно со него и коавторот д-р Гордон Нојфелд, им се обраќаме на родителите. Алармот за среќен, здрав и среден живот на вашите деца е вклучен. Затоа послушајте ги советите од професионалците што ќе ви помогнат да ги насочите вашите најмили на вистинскиот пат. Овој водич за родителството ќе ви помогне да ги разбудите инстинктите, да ја насочите енергијата на вистинското место и да им овозможите блискост и заштита на своите деца. Бидете нивно сигурно пристаниште и никогаш не напуштајте ги.

„Војната на уметноста“ од Стивен Пресфилд

Не ви треба штит за да бидете добар војувач на уметничкото бојно поле

Како успева еден уметник да создаде нешто толку моќно? Пресфилд го има одговорот. Поставувајќи многу прашања и давајќи уште повеќе одговори, оваа книга е задолжителна за секој уметник, исто колку што е корисна и во секоја животна област. Зашто ако на животот гледаме како на уметност, таа е задолжителна за секој човек. Не барајте посебна инспирација за да седнете и да ја читате. Инспирацијата ќе дојде самата. Ќе ве прегрне онака како што го направила тоа кога му ја прошепотила на Стивен Пресфилд за да седне и да ја напише оваа книга, овој неопходен водич за секој (животен) уметник.

„Големата храброст“ од Брене Браун

На кој начин храброста да бидеме ранливи го преобразува нашиот живот, како сакаме, какво родителство имаме и како предводиме

Вистината е секогаш истата. Само што постојано се појавуваат нејзини нови откривачи. Во оваа епизода од „Книгите ни го менуваат животот“, новиот откривач на вистината е американската авторка и доктор по филозофија Брене Браун. Оваа нејзина книга е неверојатно откровение за психологијата и личниот развој. Таа нуди помош во повеќе сфери и има моќ да ја исцели денешницата. Само ако се следат советите што ни ги нуди. И секако, ако имаме храброст да си признаеме дека сме ранливи, исто толку колку што сме силни!

„Убав нов свет“ од Олдус Хаксли

Класика во научнофантастичниот свет

Една од најдобрите сатири на сите времиња. Во едно друго општество, во друго време и меѓу други човечки суштества важат истите правила на човековата природа што важат и за нас. Утописката држава се чини таква каков што е и нејзиниот епитет. Но зад навидум совршената стварност се кријат најнезамисливи експерименти, а целокупната егзистенција се одликува со празнина и површност. Книга што заслужува да се најде меѓу „Безвременските“.

П. С. Сите овие наслови доаѓаат многу скоро. Дозволете си да расте возбудата во вас, драги читатели – има зошто!

 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново