НА МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНА СЦЕНА БЛЕСНАА ОДЛИЧНИ НОВИ НАСЛОВИ ВО ИЗДАНИЕ НА ТРИ

НА МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНА СЦЕНА БЛЕСНАА ОДЛИЧНИ НОВИ НАСЛОВИ ВО ИЗДАНИЕ НА ТРИ
Кога човек чита книга на друг јазик, тогаш зборовите одат кон умот. А кога чита на мајчиниот јазик, зборовите му се вселуваат во срцето. Затоа што таму им е домот.             

Пред самиот крај на 2022 година излегоа од печат седум нови наслови од домашни автори што допрва ќе се вселуваат во срцата на читателите. Декември несомнено ќе го паметиме по овие наративи, од кои секој на свој начин придонесува за збогатување на македонскиот книжевен фонд, но претставува и суштествено, општествено и културно будење на човекот.

May be an image of 3 people and people sitting

Романите на двајцата мајстори на македонскиот збор – Венко Андоновски и Митко Маџунков – „Папокот на светлината“ и „Времето пред приказната“, како и расказите од истакнатите творци Виолета Танчева-Златева и Смиле Наумовски-Брсјак – „Раскази од минатиот век“ и „Пред црковните порти“, се проза која остава неизбришлива трага. Токму затоа и постои книжевноста. За читателите да се препознаваат себеси и да се подобруваат – во постоењето, уметноста, животот. Што би рекол Венко Андоновски, затоа што единствената предност на човекот пред Бог е онаа дека тој има можност да се подобри.

May be an image of 5 people, people standing and crowd

Дебитантскиот роман од Ана Аврамовска, „Водни тела“, е смело зачекорување во светот на книжевноста што отвора една поинаква насока во творештвото на младите автори, а со втората книга од серијалот „Овириум“ Агрон Усеини го докажува својот научнофантастичен сенс. Александра Тодоровиќ, пак, добро познавајќи ги детските срца, со својата нова интерактивна книга „Љубов голема колку Скопје“ им „подметна“ на младите прирачник за љубовта испреплетен со богати информации за културно-историските знаменитости на градот.

Со сите овие наслови се придонесува и за подигнување на свеста за читање домашна литература. Затоа што никој друг не може да го долови духот на нашиот јазик, ниту пак животот што ние тука го живееме.

May be an image of 2 people, people standing and indoor

Впуштете се во приказните на македонските автори. Во неповторливиот израз на Венко Андоновски, во раскошниот наратив на Митко Маџунков, во поетската лексика на Виолета Танчева-Златева, во специфичниот израз на Смиле Наумовски-Брсјак, во гласот на новиот книжевен бран на Ана Аврамовска и смелата фантазија на Агрон Усеини, во несекојдневниот начин да се подготват децата за светот од Александра Тодоровиќ.

Оваа година испиша нова страница во македонската книжевност. Зашто како што времето нè обележува нас, така и книгите го обележуваат времето во кое живееме и оставаат трага во нашето постоење.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново