ОД ДНЕВНИКОТ НА МАРИНА СТЕВКОВСКА

Драги читатели, време е за нова рецензија! Овој пат Марина Стевковска ни ја отвори читателската душа и она што го доживеа читајќи ја „Кога никој не гледа“ го забележа во својот Дневник на прочитани книги. Какви чувства ѝ предизвика овој трилер? Можете ли да се препознаете во некои од нив? Проверете што има да ви каже, а потоа поведете дискусија. Не постои подлабок разговор од оној помеѓу еден куп читатели!
„Луѓето ги закопуваат деловите од историјата што не им се допаѓа, ги поплочуваат – како африканските гробишта под облакодерите на Менхетен. Меѓутоа, ништо во овој град не останува закопано.“
Имаш топол дом за кој напорно си работел или некој од твоите вложил сè што имал за да има покрив над глава. И некој, од нигде никаде, го бендисува твојот дом и решава да се всели во него. И тебе те снемува. Исчезнуваш, засекогаш.
Сидни Грин е млада црна жена која целиот свој живот го поминува во Бруклин. По пропаднатиот брак и справувањето со болеста на мајка ѝ, таа ја одржува нејзината стара куќа и градината. Ги познава сите соседи, повеќето црнци. Но, постепено, населбата се менува. Се градат нови згради, луксузни станови, се доселуваат богати белци. А поранешните сопственици, сиромашни црнци, едноставно заминуваат и веќе не се јавуваат. Разочарана од организираните туристички тури на кои се споменуваат само белците кои живееле во населбата, Сидни организира сопствена туристичка тура. Истражувајќи заедно со новиот сосед Тео, кој е белец, доаѓаат до чудни стари легенди. За луѓето кои исчезнуваат во мракот. За приказните за пациентите во старата болница. За експериментите. За грабливците, за луѓето кртови. Навидум измислени интересни приказни кои ја смрзнуваат крвта, и привлекуваат туристи.
И постојано се појавуваат нови соседи. Белци. А старите црни соседи, кои целиот живот го поминале тука, заминуваат и никогаш не се враќаат. Не се јавуваат. И никој не ги видел кога заминале.
Кога исчезнува стариот г. Перкинс, без да се поздрави и погрижи за своето куче, Сидни и Тео сфаќаат дека нешто чудно се случува. И започнуваат истрага која ќе прерасне во најлошиот кошмар.
Ова е приказна од која ќе ви се крене косата на глава. Не е хорор, туку напнат трилер кој нема да ве остави на мир додека не стигнете до последната страница. И ќе се запрашате – можно ли е вакво нешто? До каде оди човечката себичност и злоба?
Топла препорака за одличен трилер!