КНИЖАРНИЦИ НИЗ СВЕТОТ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ПОСЕТИТЕ БАРЕМ ЕДНАШ ВО ЖИВОТОТ

КНИЖАРНИЦИ НИЗ СВЕТОТ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ПОСЕТИТЕ БАРЕМ ЕДНАШ ВО ЖИВОТОТ

Соновите се изработени од истиот материјал како полиците во најубавите книжарници.

Штом го читате овој текст, значи дека сте страстен читател. А кога еден таков читател патува некаде низ светот, на мапата ги пребарува сите книжарници и библиотеки во близина. Зашто тие се вистински замоци на знаењето кои нудат храна за душата. Секој кој е гладен за знаење ги заслужува сите книги на светот.

Совет: каде и да одите, купете си по една книга на јазикот што се зборува во таа земја. Запишете го датумот и којзнае, можеби еден ден ќе го научите, па ќе можете да ја читате книгата во оригинал. Собирајте книги, собирајте спомени и најважно од сè – собирајте љубов.

Ви претставуваме пет од најпознатите книжарници во светот и ви предлагаме да ги посетите барем еднаш во животот.

Книжарница чесност, Велс 

Уште од 60-тите години The honesty bookshop е вистинска атракција. Сите кои ја посетиле се вљубиле во книгите, дури и оние кои не се страсни читачи. Препознатлива е по својата необичност. Книгите се наредени пред оградата на средновековниот замок Хеј и сите чинат по една фунта. А што е уште почудно – самите си наплаќате оставајќи ги парите во една кутија. Токму оттука потекнува и нејзиното име. Зар има нешто поубаво за вистинските љубители на книгите?

Книжарница Аква алта, Италија

Магичната Венеција во комбинација со книги станува место од бајките. Меѓу насловите во Libreria Acqua Alta има еден куп стари наслови што не можете ни да ги замислите. Од прекрасни италијански романи од 40-тите години до забранети класици. Замислете си дека се возите во гондола и директно од неа влегувате во волшебната книжарница. Зар има поголем сон за еден библиофил? 

Шекспир и дружината, Франција

Џорџ Витман, основачот на книжарницата Shakespeare and Company, со свои раце ги изработил сите полици. Тој бил мошне интересен човек. Патувал низ светот потпирајќи се единствено на милоста на странците. Престојувал кај непознати луѓе и инспириран од нивната добрина, во 1951 година ја основал книжарницата која е постојано отворена за сите луѓе, автори, уметници и интелектуалци кои можат да дојдат во секое време и бесплатно да си читаат колку сакаат. Пред да си заминат, треба да напишат своја кратка автобиографија. Сите овие автобиографии се чуваат во архивата на книжарницата и денес нивниот број изнесува над 30.000.

Книгите на Атлантида, Грција

Ако сте близу Санторини, тогаш не смеете да го пропуштите задоволството да ги разгледате „Книгите на Атлантида“, односно да ја посетите Atlantis Books. Ова место само по себе е налик на Недојдија, па уште кога ќе му додадеш книги... станува задолжително за секој книгољубец. Не пропуштајте зајдисонце со книга во рацете измешано со морскиот ветер и еден куп бродови во далечина кои водат до најнежни приказни. 

Светлините на градот, САД

Оваа книжарница ја отвориле поетот Лоренс Ферлингети и универзитетскиот професор Питер Д. Мартин, во 1953 година, со што се смета за една од најстарите книжарници во земјата. Ја именувале според познатиот филм на Чарли Чаплин City lights. Исто така, издавале и книги. Основањето и првите години од постоењето на книжарницата се тесно поврзани со бит-генерацијата. Во 1956 година во нејзино издание излегува влијателната и најпозната книга на Ален Гинзберг „Урлик и други песни“. Во 2001 година е прогласена за историска знаменитост.

Па, откако ги разгледавте, што велите – која книжарница ќе ја посетите најпрво?

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново