ПЕТ ТЕХНИКИ ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДА ЖИВЕЕШ КАКО СТОИК

ПЕТ ТЕХНИКИ ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДА ЖИВЕЕШ КАКО СТОИК

Стоичкиот пристап кон животот станува сè попопуларен. Нашево време е сè подинамично, оптоварени сме со многу информации, се запознаваме и соработуваме со толку многу луѓе што ваквата филозофија на постоење треба да ја практикува секој поединец.

Па, замисли си дека можеш да ги прашаш најголемите стоички умови, Марко Аурелиј и Сенека, како да живееш како нив. Наскоро, во двата бестселера „Остани позитивен со Марко Аурелиј“ и „Остани спокоен со Сенека“ ќе може да ги прашаш за сите искушенија и тајни на животот.

А во меѓувреме издвојуваме пет техники што ќе ти помогнат да живееш како стоик, неопходни за денешните секојдневни и амбициозни битки. 


ПРВА ТЕХНИКА: Запрашај се: што можам да контролирам, а што не?

Една од најважните техники на стоичката филозофија е согледувањето што можеме, а што не можеме да контролираме, врз што можеме да влијаеме, а врз што не. Потоа се посветуваме на она што е во наша моќ.


ВТОРА ТЕХНИКА: Избегнувај ја поделбата на добро и зло

За стоиците не постои добро и лошо. За нив постои само перцепција. А неа можеме да ја контролираме. Очигледно, за стоиците најважна е контролата. Ситуацијата треба да ја гледаме објективно. Следејќи ја првата техника, ако можеме да ја контролираме, тогаш не треба да ја проценуваме како лоша, туку да направиме сè што можеме за да ја извлечеме нејзината позитивна страна.

 

ТРЕТА ТЕХНИКА: Мементо мори

Не заборавај дека си смртен. Секој миг може да биде последен. Тоа нека биде одредница за она што го правиш, кажуваш и мислиш. И потсети се на втората техника. Сè е до перцепцијата. Мементо мори не значи песимизам, тоа е само поттик да го живееме сегашниот живот најдобро што можеме.

 

ЧЕТВРТА ТЕХНИКА: Не заборавај и на негативните работи

Размислувај за нештата што може да тргнат наопаку или што можат да ти бидат одземени. На тој начин се подготвуваш за животните удари. И повторно, добрата страна на негативните работи е создавањето на оклоп што те прави отпорен пред светот. Со штитник пред срцето, можеш слободно да ги рашириш рацете.

 

ПЕТТА ТЕХНИКА: Амор фати

Сакај сè што ти се случува. Приоѓај му со љубов на секој миг, без разлика на тоа колку е предизвикувачки. Значи, нема добри и лоши случувања. Сакај ги сите. Кога ќе се научиш да го сакаш секое случување, тогаш животот ти подава рака.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново