НАЈДОБРИТЕ ПРИКАЗНИ ЗА СЕМЕЈНИТЕ И ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ВРСКИ

НАЈДОБРИТЕ ПРИКАЗНИ ЗА СЕМЕЈНИТЕ И ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ВРСКИ

Нема ништо едновремено покршливо, но и поцврсто од семејните и пријателските врски. Обете се нераскинливи, па дури и кога се оддалечуваме од нив, имаат големо влијание врз нас. Бидејќи книгите се, пред сè, наши најдобри пријатели и најдобри учители на животните лекции, најумешно ја доловуваат убавината на врските – семејните, пријателските, љубовните...

Погледнете некои од најдобрите и најтрогателни приказни токму за ваквите врски. Земете ги овие книги во едната рака, а другата подајте им ја на блиските. Зашто животот секогаш ни го докажува истото – подобро е да патувате во темнина со пријател отколку да талкате сами под дневната светлина!

Можеш да дознаеш многу за еден човек откривајќи ги неговите стравови. А стравовите често се причина за тајните. Откривајќи ги стравовите на двете сестри во приказната „Кога верувавме во сирени“, ќе ги запознаете и нивните најдлабоки тајни, а ќе ја опипате и нивната семејна врска, врз чија цврстина не влијаат годините поминати во раздвоеност. Откријте која е причината за лагите меѓу нив, а која за нивното повторно зближување. Овој прекрасен роман ќе ве потсети дека дури и секојдневјето да ви е исполнето со немири, на крајот на денот секогаш заспивате мирно ако во срцето го чувствувате присуството на некој ваш близок.

Која е силната порака што ни ја праќа Казуо Ишигуро со својата извонредна книга „Клара и сонцето“? Пораката за тоа што значи да се сака. Пријателството што ни го доближува преку артифициелното другарување меѓу еден робот и еден човек од крв и месо е во срцевината на сакањето и на постоењето. Пријателството како егзистенцијалистичко прашање, како порив за живеење, како убавина во меѓучовечките односи. Можеби ова е најдлабоката приказна од Ишигуро – нема читател до чие срце не допреле неговите зборови.

Семејните приказни се пренесуваат со генерации. Ние сме носители на тајните на нашите родители, тие на своите родители, и целиот овој синџир од судбини нè прави онакви какви што сме денес. Само некои имаат храброст отворено да зборуваат за нив. Дали педесетгодишната Ел ќе ви ги расчисти дилемите што секоја мајка, сопруга, жена ги има, дали ќе ви го одговори прашањето за тоа до каде е границата на вложувањето во среќата на семејството, а до каде жртвувањето на сопствената среќа за него? Оваа фасцинантна приказна ги освои срцата на светските читатели, а веќе ги одговара и дилемите на домашните. Ги одговори ли вашите?

Не постои поголем експерт за романескно доловување на пријателските врски од Елена Феранте. Феранте, кој/а и да си, ти благодариме за неверојатното растајнување на пријателството со сета негова суштина, длабочина, препреки и начини за нивно надминување. Елена и Лили се пријателки од детството и нивните патишта се вкрстени дури и кога се на километри далечина. Негувајте ги своите пријателства. Феранте најдобро ќе ви каже како. 

Уште од најстарите приказни на светот, од легендите и бајките, светот раскажува за пријателството и неговата моќ. Приказната за Ахил и Патрокле ја знаеме сите. Романескната верзија од Мадлин Милер ја дознавме минатата година, а ако сѐ уште не сте ја виделе, тогаш направете го тоа што побрзо, бидејќи ова е една од најживописните книги што ќе ги прочитате. Вратете се во времето на грчките богови и јунаци, нурнете се во приврзаноста и сомнежите, во исцрпувачката војна и нејзината бесмисленост – и ќе сфатите дека пријателството и тогаш и денес, а и утре, било и ќе биде најголем дар!

И за крај, по читањето на сите овие книги, запрашајте се што е пријателството. Одговорот ќе ви го каже внатрешното јас, уште еден пријател на кој треба да му останете засекогаш верни!







 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново