ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ПАУЛИНА ЈАМАКОВА-ПЕЈКОВА

ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ПАУЛИНА ЈАМАКОВА-ПЕЈКОВА

Заплеткај се во приказната, отплеткај ја и одново сошиј ја. Ете, таква е улогата на преведувачот. Паулина Јамакова-Пејкова секогаш тоа го прави мошне внимателно. Со зборовните конци и мисловната игла, таа го пресоздава делото на еден извонреден начин.

Со какви предизвици се соочи преведувајќи ја „Возбудливи времиња“ од Ниша Долан, уште една книга од проектот „Читаме заедно“ кофинансиран од Европската Унија, откриваме во следните нејзини зборови.

1. Ниша Долан некои ја споредуваат со големи светски писателки, иако со „Возбудливи времиња“ за првпат се појави на книжевната сцена. Како искусен преведувач со многу преведени дела од од големи автори како Елиф Шафак, Харуки Мураками и Мет Хејг, можете ли да ни кажете што ја доближува Ниша Долан до овие автори?

Ниша Долан ја споредуваат најмногу со нејзината сонародничка Сали Руни, но освен универзалните теми како љубовта, политичкото влијание врз секојдневјето, себеспознавањето и себеоткривањето, што се заеднички за нивните романи, како впрочем и за повеќето книжевни дела, тука завршуваат паралелите.

Ниша Долан е исклучителна млада девојка со впечатлив и уникатен стил на пишување. Со своите зборови гаѓа право во целта, a нејзиниот текст е неоптоварен со непотребни украси и заобиколувања, што мошне потсетува на нејзиниот нарав. Во едно интервју има речено дека чувствува притисок кога мора да им открие на соговорниците дека има аутизам, за да не ја доживеат како претерано нападна личност без влакна на јазикот. Но меѓу редови и зад боцкавиот хумор се крие искрена ранливост што читателот може да ја насети кога ќе навлезе во приказната. А таа, како и сите врвни писатели, умешно нѐ води низ неа, нѐ тера да сочувствуваме или да ги засакаме или да ги замразиме ликовите, но на крајот да ги разбереме и прифатиме без оглед на нашето мислење.

2. Со кој жанр најмногу се поистоветувате? Дали „Возбудливи времиња“ се вклопи во вашиот омилен стил на преведување?

Бидејќи уживам во преведувањето и секоја книга ми претставува нов предизвик за справување, своевиден нов врв за освојување, не можам да одвојам омилен жанр, да кажам дека претпочитам да преведувам некој жанр. Сепак, постојат стилови на раскажување кои повеќе ми лежат за разлика од други, затоа што творечкиот сензибилитет на авторот се совпаѓа со мојот.

3. Има ли некоја техника за преведување или секој превод е приказна за себе?

И двете. Секако дека постојат техники и начела кои мора да се применуваат при преведувањето, инаку крајниот резултат ќе биде неразбирлив, но едновремено, секој превод е приказна за себе исто како што и секоја книга е неповторлива и единствена. Според мене, во тоа и е убавината на книжевниот превод.

4. Колку време трае подготовката за превод пред да се започне со процесот на преведување? Колку е важен тој период на влегувањето во кожата на авторот?

Кога се стремиме на читателите преку преводот да им го доближиме делото на истиот начин на којшто го замислил авторот, неопходно е да му влеземе во кожа на авторот – ако ни е непознат, да дознаеме нешто повеќе за него и неговиот светоглед, да одредиме во кој период пишувал и каква била тогашната политичка, економска состојба во општеството во кое живеел, бидејќи сите тие работи влијаеле врз него и неговото творештво. Од исклучително значење е да се истражи неговиот творечки опус, а особено делото што се преведува, како и мислењата на книжевните критичари. Исто така, препорачливо е најпрвин да се прочита книгата, а потоа да се почне со нејзиното преведување, зашто така преведувачот добива целосна слика и подготвено се впушта во работата. Подготовката некогаш знае да биде долга, но е неизоставен дел од процесот.

5. Што значи да се влезе во чевлите на авторот?

Да се тргнат настрана сопствените чувства, мисли, идеали, начела, и да се поистовети човек со напишаното. Да се доживее, да се впушти во тој свет што писателот го исткајал. И тогаш светот на авторот преведувачот да го пренесе во рамките на сопствениот јазик. Преведувачот мора да биде мошне внимателен – потребно е да го задржи стилот на писателот, но истовремено делото да звучи природно на македонски. Да чекори во чевлите на авторот умешно премостувајќи ги јазичните препреки меѓу двата јазика и  справувајќи се со јазичните замки.

6. Некој преведувачки совет до малата Паулина која сè уште сонува да биде преведувачка...

Никогаш не престанувај да учиш и да се надградуваш. Совет за секој човек на секоја возраст.

7. Кој е твојот сон за иднината врзан со книжевноста?

Да си го чуваме јазикот, да се потсетуваме на старите изрази и да го збогатуваме со наши, дијалектни зборови, дури и да сковаме нови наместо да позајмуваме англицизми и странцизми. Да се чита повеќе, особено повеќе македонски автори. Да има повеќе млади луѓе кои ќе се осмелат да запловат во книжевните води. И да постои книжевна критика од искусни познавачи на јазикот, писатели, поети, професори, преведувачи. Само така ќе имаме квалитетни домашни и преведени дела. А лично за себе – да продолжам да ги преведувам омилените автори.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново