ЗА ПОЛАРНАТА СВЕТЛИНА ВО НАС

ЗА ПОЛАРНАТА СВЕТЛИНА ВО НАС

Кон „Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“ од Виржини Грималди

Започнуваме да живееме тогаш кога покрај правоаголните зраци ги откриваме и прекршените, тие кои со неправилниот пад ги создаваат најубавите душевни пејзажи. Научени да ги прифаќаме обрасците кои се сметаат за неизбежна физика, сѐ што застранува од таа шема на однесување за нас е „погрешно“ – паничните напади кои се јавуваат за да ни предвестат дека придаваме важност на погрешни приоритети, очајните обиди некој безглаво да се вљуби во нашиот екстериер, купот Марфиеви прикази кои го озаконуваат „колку повеќе го бркаш топчето, толку тоа ќе се оддалечува од тебе“. Ваквите засеци нам ни отвораат длабоки пукнатини, низ кои теоријата на однесување превира и како наш сојузник и како наш судија. Виржини Грималди го има точниот сооднос на тоа како минатото може да премине во убава иднина. Сѐ што ви е потребно е само желба... И една камп-приколка.

Книга која ги отвора животните перспективи, дури и од оние агли кои сте мислеле дека не се доволно остри да се исправат во една ментална геометрија. Необично патување до студената Скандинавија, која ќе биде талисман за едно отуѓено семејство.

Грималди пишува лесно, но од душата. И оваа женска книга е скроена за да се пронајде во неа секоја жена: работохолик, домаќинка, разведена, самохрана, (не)среќно омажена. Затоа што Ана, главниот лик, е остварување на сите нив, борец во потрага по сопствената еманципација. Нејзината борба е исконска ама тивка, не е таква која ќе биде запишана во историските читанки, чуена и видена, ниту ќе добие аплаузи за неа, но е единствената борба кон која треба да се стреми човекот: да ја најде најдобрата верзија од себеси пред животот да му го одземе тоа право.

Ана е триесет и седумгодишна самохрана мајка на две деца, која крпи крај со крај, со години заглавена во барабанот на својот досаден и монотон живот. Работи во ресторан, со минимална плата која едвај е доволна да ги покрие основните егзистенцијални трошоци. Но се обидува да остане позитивна, и покрај фактот што, обидувајќи се да придонесе финансиски, ги запоставува ќерките. Бившиот сопруг живее со километри далеку од нив, и се чини дека е очаен тие повторно да бидат семејство. Но нешто ја поттикнало Ана да побара развод и не отстапува дури и во најтешките моменти, кои стануваат закана и за нејзиното старателство. Покрај тоа, добива чести панични напади и никогаш не излегла надвор од границите на градот во кој се родила.

Секоја од нив, паралелно со невидливата и неблагородна борба на мајка им, води своја. Дванаесетгодишната Лили е постојано задевана на училиште, повлечена е во една школка на аутсајдер, зборува со животните, нејзин најдобар пријател е дневникот Марсел, има откачени гледишта за животот, наоѓа забава во малите нешта, но на тие забави редовни гости се само таа и нејзиното глувче Матијас. Го обвинува татка си, прилепена за удобноста на мајка ѝ, една сосема логична и разумна психолошка одбранбеност кај дете кое од мали нозе ја преживува горчината на разводот.

Клое, пак, е хиперсензитивна тинејџерка која траумата од разводот ја носи во кревет, промискуитетна е, во очајна потрага некој да се вљуби во неа, на стариот добар, безусловен начин. Но гледа дека љубовта се модернизирала, момчињата не копнеат по украден бакнеж, туку по голи фотографии. Нејзината бунтовност е искрата автономија, која доколку продолжи со истото темпо, ќе ја одведе во амбисот на вечно искористена, материјал кој за момчињата никогаш нема да биде доволен за девојка. Таа има свои афинитети кои ги затскрива зад оловните слоеви матирачка пудра, се чувствува крајно бесполезна, со сите придружни ефекти на адолесцентна хаотичност и депресија.

Еден ден, Ана добива отказ од работното место, под благи и суптилни изговори на нејзиниот работодавач дека е веќе „стара“, нема висок степен на образование, и свесна е за својата позиција на пазарот на трудот. Но банкарите ја бркаат, извршителите само што не ѝ тропнале на врата... Се спогодува со шефот и добива солиден надомест за да ја напушти работата. Пликот е доволно тежок за да ги затвори нејзините долгови.

Пресудна е една посета на баба ѝ и аманетот предаден во урна. Таа ширум ѝ ги отвора очите и набрзо ја напушта својата зона на удобност решавајќи се на лудост. Го позајмува комбето на својот татко, ги извлекува девојчињата од училиште и трите тргнуваат на авантура долга 2.375 километри, во потрага по поларната светлина. Дали, гледајќи ја, ќе ги остварат своите соништа? Дали овој далечен пат ќе ги зближи и секоја ќе стигне до решението благодарение на себеоткривањето?

Лили го наоѓа својот душевен близнак, аутистичниот Ное, и за првпат се чувствува безбедно во нечија близина. Клое ја открива љубовта како крајна цел, a не средство. Кај Ана се здогледува романса на повидок. Но дали скокањето среде ноќ во замрзнато езеро и финска сауна, возењето велосипеди покрај келнското крајбрежје, следењето на црковната служба во Гамелстад, разгледувањето на Ботнискиот Залив, ќе успеат да го репарираат она што лежело скршено со години во нивното семејство? Близината.

Дали животот се подобрува тогаш кога среќното небо ќе ги запали ѕвездите? И каде се спојуваат овие три симетрали? Во координати на единствена констелација? Дали секоја ќе го најде крајот на своето клопче и ќе успее да се одврзе од цврсто стегнатите јазли?

Ја препорачувам со: географска карта на Европа до вас и маркер, вкусно варено вино и потпечени костени.

Откако ќе ја прочитате, очекувајте да започне најволшебната зима во вашиот живот.

Работи кои треба да се направат во Скандинавија
(Инспирирани од патот на Ана и ќерките)

– Незаборавно возење велосипеди покрај Рајна
– Возбудливо преноќување на камперско паркиралиште во Хамбург
– Едно дождовно попладне во рајските градини Тиволи
– Да поминеш низ величествениот Оресундски мост кој поврзува две држави
– Да набљудуваш јато фоки од островот Еланд
– Да прошеташ низ Гамла Стан, стариот дел на Стокхолм
– Да ја фотографираш поларната светлина во Фалун
– Да пловиш со траект до заштитениот остров Трисунда
– Да го гледаш зајдисонцето од Ботнискиот Залив
– Да уживаш во обилна трпеза со харинга и традиционално зготвено месо од ирвас во Умео
– Да присуствуваш на богослужба во Гемелдстад
– Да го посетиш селото на Дедо Мраз во Рованиеми
– Да се осмелиш на ноќно капење во замрзнато езеро и финска сауна во Лапонија
– Да фрлаш пепел од урна или метафорично своите стари навики од Северниот ’Рт
– Да избегаш од налутен лос во националниот парк Стабурсдален
– Да уловиш риба во Алтафјорд во Алта
– Да јадеш сладолед на -30 степени во Тромсе
– Да се изгубиш во шумата крај водопадите Малселвфосен 
– Да пловиш покрај китови на Фолкландските Острови
– Да возиш кајак низ брзите води на фјордовите
– Да ги развиеш фотографиите во локална продавница во Хусфјорд
– Да се вљубиш на Арктичкиот Поларен Круг
– Да ја посетиш ИКЕА во Трондхејм
– Да влезеш во Урншката Ставрика, најстарата црква во Норвешка
– Да шеташ безгрижно низ квартот Бриген во градот Берген
– Да се искачиш на карпата Прекестолен
– Да се збогуваш во Кристијансанд
– Да го посетиш неверојатиот Парк на скулптури од уметникот Вигеланд во Осло

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново