КАКО ДО НАЈДОБАР ЧИТАЧКИ СПИСОК

КАКО ДО НАЈДОБАР ЧИТАЧКИ СПИСОК

Есента веќе ни го бои секојдневјето во златно руво. Новиот дух низ градот се вселува во нов амбиент и во нова книжарница. Ноември ни чука на вратата. Тие се знаците кои ти кажуваат дека е време да свртиш нова страница во тефтерот и да започнеш со пишување нов читачки список.

Ако спаѓаш во групата читатели кои секогаш знаат кои им се следните книги за читање, тогаш фаќај белешки. Ова е рецептот за совршен читачки список, а тоа е исто што и рецепт за среќа.

Книги кои отсекогаш си сакал да ги прочиташ

Секогаш има многу книги, особено оние класичните, за кои си велиме дека мора да ги прочитаме, но никако да дојдат на ред. Всушност, на некој начин како да ги подзабораваме. Ставете ги први на списокот. Кога ќе бидат на вашите полици, не ќе можете да ги одминете. А ако нешто долго посакувате, тоа значи дека мора да го остварите.

Предлози од други читатели

Читателите се секогаш на иста душевна бранова должина. Сите ние сме читатели од исто читачко семејство. Фактот што живееме во дигитална ера уште повеќе ни ги шири хоризонтите. Провери на социјалните мрежи што препорачуваат другите читатели и искористи ги нивните совети.

Неделни топ-листи кај нас и во светот

Што е актуелно во моментов меѓу светските читатели? Топ-листите никогаш не се случајност. Кликни низ книгите, побарај го она што ќе ти го привлече вниманието и запиши го во списокот. Но нека не биде тоа пресудно. Можеби ќе налеташ на добра книга која нема да биде во топ 10.

Книга според која е правен филм што неодамна си го гледал

Ние читателите, особено покритички расположените, често знаеме да изгледаме серија или филм базиран врз книга. И обично секогаш застануваме на страната на книгата. Затоа побарајте ја книгата според која е правен филмот или серијата што ви оставиле впечаток. А може да ја преземете и обратната акција.

Литература која одбегнуваш да ја читаш

Ако избегнуваш популарна психологија, или пак си читач кој е навлезен во светот на бизнисот и секогаш ја купуваш книгата која знаеш дека ќе ти ја подигне мотивацијата, сепак во списокот внеси некој трилер, романса, што и да е што подразбира белетристика. Не можеш да знаеш што сакаш ако не пробаш сè, а и самите промени се добра мотивација!

Прашај го книжарот и веднаш запиши

На читачкиот список остави неколку празни линии. Тие ќе ги пополни твојот книжар додека ги пречкртуваш оние што си ги нашол од списокот. Верувај, нема поискрен совет од советот на оној кој секој ден го минува со ликовите од книгите и со оние кои нетрпеливо чекаат да се спијателат со нив.

Читачкиот список за купување преобрази го во читачки список за читање

Не дозволувај книгите да останат неотворени откако ќе ги купиш. Нивните страници треба да жолтеат, треба на секоја од нив да го има твојот отпечаток. Читачкиот список препиши го во тефтерот каде што ги бележиш книгите што треба да ги прочиташ и што секојдневно ги читаш. И зачувај го тој список. Во иднина, тој ќе ти биде најдобриот доказ за тоа како си стигнал до среќата!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново