КАКО ДА ЗНАЕТЕ ДЕКА ДОНЕСЕНАТА ОДЛУКА Е ПРАВИЛНА – одговори извлечени од книгата „Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“

КАКО ДА ЗНАЕТЕ ДЕКА ДОНЕСЕНАТА ОДЛУКА Е ПРАВИЛНА – одговори извлечени од книгата „Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“

Сите одговори се наоѓаат затскриени во прашањето. Ако веќе си го поставивте ова прашање, тогаш во вас не спие, туку веќе е разбуден одговорот. Всушност, веќе ве чека да почнете да дејствувате со широко отворени очи полни надеж. Најпосле, не ќе може да знаете која е правилна, а која е неправилна одлука, ако не ја донесете. 

Виржини Грималди во својот бестселер „Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“ зборува за одлуките што го менуваат животот. Затоа, од нејзината забавна и поучна книга издвоивме неколку заклучоци во форма на совети – зашто денес е вистинско време да ги запалите ѕвездите!

Секоја одлука е добра одлука

Ако забележите дека размислувате за промени независно од тоа што ви се случува, тогаш нешто не е во ред. Не мора да значи дека време за одлука е само мигот кога ќе се чувствувате беспомошно. Не! Иако Ана ја загуби својата работа, потсвеста веќе одамна ја беше заскокоткала. Веќе ѝ навестуваше дека мора да направи нешто со животот. Каква одлука и да донесе Ана, а и вие, таа е подобра опција отколку да останете заглавени во комфорната зона.

Ако одлуката го поместува рутинскиот тек на денот

Кога животот станува рутински, како на Ана, Клое и Лили, кога сите појадоци личат еден на друг и секој обид за разговор завршува неуспешно, тогаш почнува да ни се намалува животната радост. Животот има потреба од промени. Макар и да ни се чини дека многу од нив застрануваат од патеката на секојдневјето. За да знаете што сакате во животот, треба да се обидувате. Ниеден планинар не се искачил на врвот со еден обид.

Кога одлуката ја носите најмногу поради себеси, а не поради другите

Кога ќе забележите дека се губите себеси, тогаш е време за  одлуки. Да се биде седумнаесетгодишна тинејџерка која не се чувствува најдобро во својата кожа како Клое, е исто како да се биде и триесет-четириесетгодишна жена. Сите понекогаш знаеме да се чувствуваме несигурни, како да тапкаме в место. Наместо да тргнеме напред, само стимулираме движење пред очите на другите, но реалноста е дека сме закотвени во истата точка. Во мигот кога ќе забележите дека се вртите во маѓепсан круг, време е за одлуки.

Одлуката се носи додека паричката е во вис

Петка или глава, велевме во минатото кога бевме неодлучни за мали нешта. Но овој навидум несериозен начин на носење одлуки е, всушност, многу ефектен. Ана ја донесе својата одлука да ја види поларната светлина со своите ќерки, колку и да ѝ звучеше избрзана и несигурна. Носете одлуки спонтано како Ана. Фрлете ја паричката. Додека се врти во воздухот, ќе откриете на која страна посакувате да слета. Или, пак, проверете како ќе се чувствувате кога ќе падне на земјата. Среќно или разочарано? Тоа е вашиот одговор.

Во ред е да се чувствувате тажно по носењето на вистинската одлука

Секоја одлука, дури и онаа што е посигурна опција, е ризик сама по себе. Зашто носи нов бран промени. Таа промена им донесе многу позитивни животни лекции на ликовите од книгата на Грималди. Но за да ги почувствувате на своја кожа, мора да ризикувате. Секогаш имајте на ум дека, ако по донесената одлука се чувствувате тажно, тоа не значи дека сте одлучиле погрешно. Напротив, тоа значи дека сте направиле еден храбар чекор. А за да го совладате и најдолгиот пат, треба да го направите првиот чекор.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново