КОЛКАВ Е ТОВАРОТ НА ВЕРНОСТА

КОЛКАВ Е ТОВАРОТ НА ВЕРНОСТА

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од „Картата на жалењето“ од Натали Сковронек

Да си заминеш, тоа значи да го убиеш другиот. Уф… колку ли луѓе се нашле згрбавени под товарот на верноста и лојалноста во љубовта? Дали е можно човек да сака две личности истовремено? Дали луѓето сами си ја земаат слободата или чекаат некој да им ја даде? Дали умираме од симболична смрт, внатре во подрумите на душата, пред да умреме од вистинската смрт? Дали љубовта е најголемата работа што може да ни се случи во животот?

Многу прашања ми отвори романот „Картата на жалењето“ од Натали Сковронек на тромеѓата меѓу љубовта и страста, лојалноста кон семејството и бракот, уметноста и смртта. Читајќи го во еден здив, се сетив на една поранешна животна дилема пред дванаесет години. На стапицата во која ќе паднев ако стравот ја парализираше мојата одлука, тогаш кога требаше да оставам и да заминам. Да се напушти седумгодишна врска е како да се пресече папочна врвца. Како да ти ја ампутирале едната рака, но продолжуваш да ја чувствуваш и кога повеќе ја нема. Да се отвори нова љубовна карта во животот значи да се исчекори од зоната на комфорот. Љубовта понекогаш е коцка. А некои љубови не се предодредени да траат, барем не во формата на која сме биле навикнати.

Читајќи го романот на Натали Сковронек, ги препознав грешките што ќе ги направев ако немав храброст да ги исечам конците на минатото. Некои корени се подлабоки и бараат сериозно длабење за чист терен. Не залудно старите рекле дека на два стола не се седи. Од денешна перспектива, лесно е да се сетам на болката што тогаш ме парализираше. Се сетив на чувството на вина, на раната во срцето кога оставаш човек кој силно си го сакал. Но и покрај сите турбуленции и лични драми, новото љубовно поглавје коешто го започнав пред дванаесет години, сè уште трае. За среќа, моето искуство беше сосем поинакво од она на Вероника, главната јунакиња во „Картата на жалењето“ која заврши трагично.

Четириесет и тригодишната директорка на малата издавачка куќа „Мост“ во Париз е заглавена меѓу нејзиниот паничен страв од тоа да напушти или да биде напуштена и неспособноста да се смири на едно место. Вероника Вербриген, која се специјализирала за монографии на малите мајстори на сликарството кои ја имале несреќата патиштата да им се вкрстат со големите имиња на занаетот, поради што биле осудени да останат вечни статисти во историјата на уметноста, по својата смрт зад себе не го остава само споменот на книгоиздателството, туку и својата ќерка, сопругот и љубовникот. Сите тројца се прашуваат дали доволно ја познавале жената која ја прифатила улогата на неверна жена што им нанесува болка на сите само затоа што се плаши да избере. Но нејзиниот страв не е само наивен, романтичарски, туку зад одлуките се кријат комплексни психолошки прашања. Горливи дилеми за лојалноста, мајчинството, моралот и предавството.

Ако го земеме предвид фактот дека се венчала со Даниел Мејер пред деветнаесет години, кога Даниел бил лекар стажант, а таа тукушто имала родено дете од друг маж, тогаш станува појасно чувството на вина и долг што го негува до крајот на нејзиниот прерано завршен живот кон човекот кој не го сака, а не го напушта. Биолошкиот татко на детето, нејзината прва љубов, кој не сакал да основа семејство, или барем не во тие моменти или не со таа жена, си заминува оставајќи ја Вероника бремена и скршена. Колку ли девојчиња и жени доживеале ваква траума? Но ние сме мајстори траумата да ја завиткаме во светкав целофан... Сепак, некои трауми нè следат до крајот на животот, дури и кога избегнуваме да се соочиме со нив или гласно да зборуваме за болните искуства што ја обликувале нашата личност. Траумата не е прашинка што ќе ја скриеш под чергиче.

Имено, низ еден таков комплексен психолошки набој, Вероника ја плете приказната на својот живот. И токму во тој ранлив период, во нејзиниот животот влегува Даниел, карпа од човек на кој може да се потпре. Секогаш тука кога ѝ е потребен. Причина постојано да се прашува – каква жена е таа штом не е среќна што има таков животен сопатник?

Десетина години подоцна, Вероника го запознава фотографот и документарист Титус. Таа средба предизвикува радикален пресврт и кај двајцата. Светот повторно добива боја. Со Титус, конечно ја враќа во себе Вероника што ѝ недостигала. Тоа е една Вероника поблиска до своите страсти и до полетноста. Една помалку спастрена Вероника која нема да изгледа како да се наоѓа деноноќно пред објектив на камера, чувствувајќи се обврзана да исполни некакви реални или замислени очекувања. Нова Вероника, ослободена и вљубена.

„Минав години грижејќи се за очите на другите луѓе, ама дали вистински умеев да те видам тебе?“

Сепак, Вероника никогаш не успева сосем да ги искористи слободата и самостојноста за кои со мака се изборија жените од 20 век. Иако лудо вљубена во Титус, нешто длабоко во неа секогаш ја принудува да постапи според советот на Лафонтен: не дозволува љубовта да ја направи неразумна! Може да ја прекине врската што полека згаснува и да почне нова, ама таа е скаменета во своите противставени стремежи, во балансирањата меѓу љубовниот живот и мајчинските пориви. Возможно ли е да ги исполнуваш мајчинските должности, а сепак да го следиш повикот на телото и срцето?

„Сè во животот е кревко и неизвесно, човек никогаш не знае дали живее во надеж или илузија. Што знаеме за животот на луѓето околу нас? Колкав дел од себе ни покажуваат тие? Што кријат? Дали тоа што не го знаеме не може да нè повреди? Луѓето замижуваат со двете очи за да ги заштитат тие што не гледаат дури ни со отворени очи“. – Овие се само дел од прашањата што ги отвора романот „Картата на жалењето“ од Натали Сковронек.

Ова не е роман за неверството и страста, ниту пак книга што површно ги открива темите за вината и долгот. Ова е роман за стравот од напуштање. Роман низ кој се преиспитува правото да ја узурпираме тагата на друг човек. Правото да признаеме празнина од недостатокот на биолошкиот татко. Правото да се избега од извештаченоста и снобизмот на уметничкиот општествен круг. Правото на интимност. Правото на избор. Правото да се биде среќен!

Но нештата поради кои страдаме понекогаш служат за да прикријат некое друго, поголемо и понеподносливо страдање...

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново