НАУЧИ ДА СУРФАШ НИЗ ОТВОРЕНОТО МОРЕ ОД МИСЛИ

НАУЧИ ДА СУРФАШ НИЗ ОТВОРЕНОТО МОРЕ ОД МИСЛИ

„Твојата визија ќе стане јасна само кога ќе погледнеш во своето срце. Оној што гледа нанадвор, сонува. Оној што гледа навнатре, се буди.“ – Карл Јунг

Кои важни начела ќе ги научите од „Светецот, сурферот и директорот“?

Тријада на хармонијата

Кога зборуваме за хармонијата и добриот животен баланс, не смееме да ја заобиколиме тријадата на психосоматското, она што би го именувале како Свето Тројство на Менталниот Ентериер, кое ја тријажира моменталната дистресност. Ваквата симбиоза на свето духовно тројство ја негува и Робин Шарма, видлива преку самиот наслов. Светецот го учи Џон за трпението, сурферот за длабочината, а директорот за успехот. Заради одржувањето на јазлите во права линија, дури и кога еден од овие три поминува над друг, нивното разминување да не му пркоси на менталниот и моментален амбиент.

Трпението е папочната врвца со нашите колективни корени, но и со постоењето овде и сега. Трпението самостојно не би го достигнало потребниот полет да го изгради светот, не би ја впило убавината на природата, но и не би било почеток на сите општествени хаварии кои имале единствена цел – да го изменат обликот на хармонијата, за да ја наметнат својата вредност и да асимилираат погрешни девизи на дисциплина. Колку издржуваме пред притисокот?

Во гребењето по длабочината е, всушност, моќта на интроспекцијата. Колку успеваме да се преслушаме за она што во денот сме го стекнале Што сме снимиле на диктафонот со афирмации?

Успехот се калибрира благодарение на нашата животна диоптрија. И што би требало да подразбираме под поимот животна диоптрија ако не низа светогледи кои започнуваат во моментот на отворање кон себеси и понудените можности? Создаваме ли сопствени можности од она што пред нас се нуди?

Доколку се сметаме себеси за избувливи личности кои креваат прашина околу ситници, но од друга страна таквиот недостиг на трпение нè носи кон успех на професионален план и уживање на слатки задоволства, на крајот, над нас ќе надвладее чувството на внатрешна инспекција и ќе започнеме, иако несетено, да ги отфрламе шилците. Колку сме обземени од чувството, кое долго го користиме како одбранбен механизам, толку стануваме презаситени од него, па трагаме по компензација.

Хармонијата разберете ја преку алегоријата на чамец кој ќе се навали доколку не стоиме правилно во него и ќе пропушти вода, а ние, сакајќи да се спасиме, почнуваме најпрво да ја црпиме водата од неговото дно пред да решиме да стапнеме во друг.

Дропки на карактерот

За да ја решиме успешно дропката создадена од промените и потребите, мора правилно да ги поставиме деленикот и делителот, нели? Во спротивно, зад знакот на еднаквото секогаш би добиле децимален наместо природен број. Така приближно се движи и животното начело – доколку несоодветно се поставиме во однос на другите, вредноста што ja добиваме при ваквите интеракции секогаш ќе биде помала од очекуваната.

„Потребата за промена нека биде секогаш еднаква на промената на потребата!“

Агрегатната состојба на духот

Нашето расположение може да биде сосем во ред, исправно, независно од надворешните фактори. Одредени психотерапевтски правци овој позитивен став кон проблематиката го заѕидуваат како јадро на својата идеологија. Сè е до програмата на која сте го претплатиле умот. Ваше е дали ќе гледате драма, хорор или романса.

Но што е со клучната разлика меѓу умот и духот, ќе се запрашате. Како да разликувам чиј глас е супериорен, на кој да му дадам предност?

Понекогаш е добро човек да направи листа на приоритети, „за“ и „против“, но овие толку познати механички листи не се и принципот на кој треба да му го потчиниме нашето животно задоволство.

Умот е координаторот на големиот проект наречен Мисла, посредникот помеѓу духот и телото.

Духот е дводелен, се состои од претставата за себе кон себе и претставата за себе емитувана кон другите.

Агрегатните состојби на духот:

Течна состојба на духот (детство). Вообичаено, човек од своето најрано детство го растопува парчето сурова граѓа и почнува да истражува, да го разлева истомерно до секој ментален центар, сè додека тоа не се вкалапи во она што подоцна би го објаснувале со дарба или талент.

Гасовита состојба на духот (адолесценција). Разводнетите и хаотични мисли и убедувања испаруваат преминувајќи во густа творба на првобитни атоми. Во пубертетот научниците ја забележале зголемената употреба на апстрактно размислување, особено погодено од емоционалниот облак; човекот се предава на фантазиите, избегнувајќи го суровото секојдневје. Токму во овој животен стадиум човекот се соочува од прва рака со промените и стравот од неизвесност. Се чини дека во оваа агрегатна состојба на духот човекот левитира низ животното либидо, конзервирано од системот на нирвана, иако се сретнува и преваленција на поразителни и самодеструктивни мисли и мненија.

Тврда состојба на духот (возрасна доба). Робин Шарма ја создава приказната како да држи стапче во машина за шеќерна волна, таа памучно се навртува околу оваа проблематика. Згрчениот и замрзнат дух, дух на возрасна анима кој им слугува на наметнатите општествени норми. Да речеме, ако човек има неодложна желба да шета бос, веројатно желбата ќе биде потисната попрво од стравот од осуда на минувачите отколку од стравот да не се повреди. Ваквите синдроми на хистерична запоседнатост се видливи во малите градски заедници.

Стравот: амбисот на амбициите

„Понекогаш ставот за промени мора да е погласен од стравот.“

Она што нè држи приковани на местото од кое сакаме да побегнеме е истото што го оградува нашиот прогрес. Човечката амбиваленција била пресудна новите генерации да го усвојат како стекната особина која, иако изгледа неверојатно, сепак се пренесува низ синџирот на потеклото.

Заглавени сме под кожинката на неудобност и иако таа е тенка и брзо би ја распарале, исплашени сме од она што ќе нè дочека надвор; сумирајќи ги сите успеси и неуспеси, ќе добиеме еден општествено-индивидуален резултат, а тоа е повторно производ на стравот.

Но стравот знае да биде продуктивен, стравот од осама нè довел до квалитетен животен стил: создавање семејство и брак, додека пак стравот рационализиран во сигурност нè оддалечил од амбициите: ризик за сопствен бизнис или скршнување од асфалтираната патека кон успехот за да поплочиме нова.

Во дното на ваквите екстреми постои вонсериска неодложност за достигнување на однапред утврдени цели во потсвеста.

Живеј во пазувата на мигот!

Сè зависи од тоа колку сме подготвени да го прегрнеме светот. Ние сме во пазувата на мигот, топла и гостопримлива. И затоа се појавува прашањето: дали иднината е сегашност во која сакаме да живееме?

Корелацијата Кој сум јас во однос на светот е една одлична синтагма на растењето, на експоненцијалната крива чиј почеток е центарот на самоспознанието: Кој сум јас?

Оваа отсечка, која сакам да ја нарекувам и себеотсечка, затоа што во голема мера е создадена од темелот и идејата, идеалот за себеси, поставува релации како и од истрајноста да се спроведе замислата до апстрактна, но асоцијативна замисла. По принципот на сапуница за балони. Од еден здив да се родат десетици меурчиња (исполнети со идеи).

– Привидна состојба на еквидистанца: Себепотрагата е подолга од себеспознанието.

Овој себепис ни ја објаснува фактичноста на желбата која е различна од реалноста.

Желба ≠ реалност

Интересен пример за живот во пазувата на мигот е племето Пираи (Ава Индијанци), кои ги населуваат бразилските предели од прашумата Амазон. Без поддршка од технологијата или принципите на цивилизираниот свет, тие се обидуваат својот животен век да го донесат до границите на утопијата „овде и сега“ и притоа да го зачуваат првобитниот пламен на онтогенеза и филогенеза.

Растењето е состојба на расказност, што подразбира отфрлање на прашалните зборчиња од интроспективниот говор. Ова би значело дека, кога ќе престанеме да прашуваме: Кој сум јас?, Што сакам да направам?, Дали сум ги исполнил своите цели?, тогаш сме го извеле духот во едукациона зона во која гравитацијата на учење и усвојување си заемодејствуваат.

Исчисти ја духовната мувла

Во суштина, колку помалку го влажниш своето постоење со солзи и праисториски проблеми кои си ги оставил нерешени, толку е поверојатно дека твојот дух ќе може да живее со мирисот на новото и здраво поведение.

Го имаме светот на дланка, привилегиите на благосостојба, на себеисполнетост и повторно дозволуваме нашиот синдром на неопсиха (поим искован од основачот на трансакционата анализа, Берн, кој означува пресликување на однесување на возрасен и има тенденција да се однесува како камче пред да предизвика огромен одрон, но лавината на одлуки понекогаш е потребно да ја погледнеме низ очите на дестилирана душа, преку очите на детето во нас.

Важно е да не го компромитираме постоењето на двата света во нас, светот на имагинацијата и слободната волја и светот на реалноста и пропишаните упатства.

Зен-приказна

Во едно приморско гратче брановите на плажата исфрлиле илјадници школки. Луѓето од рано наутро ги грабале школките барајќи бисери, некои и го собирале месото во ќеси и ги оставале така, раскршени и расфрлени низ плажата пред разочарани да си заминат дома.

Пред заоѓањето на сонцето се појавил сиромашниот столар и почнал да ги собира школките, една по една. Еден од рибарите потсмешливо го поздравил сиромавиот:

– И што ќе правиш со тие безвредни остатоци? Па во нив нема ни бисер ни месо.

– Пријателе, веројатноста да најдеш бисер во 1.000 школки е мала. Меѓутоа, веројатноста со овие раце да создадам нешто од она што туѓите очи го гледаат како ѓубре, е истата во која седиш.

Човекот погледнал во својот мал чамец, тврд и отпорен како лушпа на школка.

Она што за некого е ѓубре, за друг е богатство. Не води се по туѓите претпоставки. Животот е пластелин кој секој го обликува според своите потреби.

Врати го старателството над својот живот, порачува Шарма во оваа кратка студија за подобрување на животот, сведена во форма на книга, која лесно и достапно (ќе) менува животи.

Инспирирани мисли напишани да инспирираат

- Научи да сурфаш низ отвореното море од мисли.

-Биди трпелив како времето да е само детска играчка.

- Внатрешните пејзажи се одраз на подготвеноста да признаеме и прифатиме.

- Стани клучен мотиватор во служба на себеси!

- Искреноста е заборавениот благослов, особено во време кога човек ја прифаќа лагата како сопатничка кон напредокот.

- Изгради се од урнатините на твојот отфрлен и смален карактер.

- На хоризонтот секогаш има место за две различни агрегатности како и духот.

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново