ДОБРИНАТА Е НАЈСИЛНОТО ОРУЖЈЕ ПРОТИВ БРУТАЛНОСТА

ДОБРИНАТА Е НАЈСИЛНОТО ОРУЖЈЕ ПРОТИВ БРУТАЛНОСТА

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од Мудроста на нилските коњи и
Трите мали волчиња

Знаеш дека таму има змии? Не оди во тревата!

Ако не јадеш, ќе дојде кучето и ќе ти го лапне јадењето!

Стој! Нема одење во шумата, може да ни се појави мечка!

Сигурно сте слушнале безброј вакви заплашувања коишто им се упатуваат на децата. Стравот е неверојатно моќен лакмус, но е канцероген за духот ако со него се претера. Најголемиот број од заплашувањата што ги упатуваме на адреса на најмалите се со асоцијација дека животните се лоши и дека се нашите најголеми непријатели. Не е ни чудно ако се земе предвид дека приказните за деца се полни со хорор-сценарија. Волкот ја јаде Црвенкапа, потоа ловецот го убива волкот. Ужас! Отсекогаш сум била селективна што му читам на моето дете. Сепак, се изненадив кога на една прошетка на Водно синот ме праша: „Мамо, има ли тука волк?“ – „Можеби има некаде високо на некои врвови на планините, но тој не е волкот од Црвенкапа и не е лош ако не го гибаш“, му одговорив. Во обликувачките години од детскиот развој клучно е градењето на карактерот на детето и вредностите што со себе ќе ги носи во животот. Затоа, безрезервно се обидувам да му создадам љубов и грижа кон природата и животните. Во нашиот свет животните не се лоши, иако реално некои од нив се опасни, но нема да те нападнат ако не ги провоцираш! Тие не се претставени како во сказните на браќата Грим или Ханс Кристијан Андерсен.

Сите знаеме дека кога двегодишно дете се смее, тоа се смее со сета искреност – интензивно, еуфорично и нескротливо. Кога тригодишното дете се плаши од сенките покрај прозорецот, тој страв е вистински ужас. На оваа возраст и радоста и стравот се сурови и силни. А кога четиригодишното дете ќе мине покрај некој просјак на улица, ќе има силно чувство на гризење на совеста поради тоа што не може да му помогне, иако нема да знае како тоа да го изрази, односно да го вербализира. Децата сè доживуваат поинтензивно. Не може да очекуваме тригодишно дете да не се плаши од морничавите сенки на завесите што играат по подот. Не може да му кажеме: „Ама ајде, не треба да се плашиш!“ Но она што го можеме е да не го клукаме детето со непотребни стравови. Како што објаснува психологот и семеен терапевт Хедвиг Монтгомери, „кога детето е исплашено, контактот помеѓу мислите и чувствата е слаб. Стравот е како превез на очите. Исплашените деца не можат да научат ништо. Ако го заплашите детето, ќе постигнете ефект спротивен на посакуваниот“.

Во изобилието од сликовници полни со агресија и омраза, за среќа, постојат книги за деца кои на сосем поинаков начин им ги доближуваат работите. Фантастично се изненадив од книгата Трите мали волчиња од Евгениос Тривизас, во која улогата на животните е сменета. Станува збор за една поинаква верзија на традиционалната детска класика за волкот и трите прасиња. Имено, спротивно од приказната за трите прасиња, која сите ја знаеме, во оваа книга три мали волчиња се жртва на еден злокобен прасец по име Гицо Гнасец. Силна метафора која нè учи дека нема предодредено добри и лоши луѓе, туку тие се создаваат во поширокиот општествен контекст и социјалните услови во кои живеат. Она што е фасцинантно е решението на конфликтот на крајот од книгата, кое не доаѓа типично во вид на одмазда, туку како компромис, како лекција за добрина и разбирање дека на лошите животни (читај: луѓе) треба да им се подаде рака. Во оваа книга убавината и добрината се најсилното оружје против злото и бруталноста.

Грчкиот социолог и автор за деца Евгениос Тривизас пристапува до свеста на најмалите преку текст и илустрации што им развиваат префинет вкус за уметноста и за вистинските животни вредности. Трите мали волчиња е четиво кое ги учи најмалите на етика и естетика. Книгата е дел од проект поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. 

Сликите со агресивни вилици, наострени заби и закрвени очи преовладуваат во светот на детската литература и илустрација, па токму затоа кога ќе налеташ на книга со поинаква порака од меинстрим наративот, ти доаѓа топло на срцето. Жално е што дури и во детската продукција сензациите го имаат приматот. Сосем обратен пример е книгата Мудроста на нилските коњи од словенечкиот автор Петeр Светина, со илустрации на Дамијан Степанчич, која деновиве му ја читав на моето дете. Две нилски коњчиња се занимаваат со филозофски прашања на наједноставен начин. Седнати во сенката под еден чинар, Хуберт и Марсел мудруваат за различни теми, за тоа како се прави букет од рими, колку е широко летото, како ѝ се помага на жирафа, кој е главен на светот, како се решава нерешлив проблем, како се бројат пингвините и што е најважно на светот.

Се разбира, нема да ви откријам што сè имаат да ви раскажат кенгурот, жирафата, крокодилот и крокодилката и сите други пријатели на нилските коњи, но топло ќе ја ви ја препорачам Мудроста на нилските коњи, која е веќе позната на книжевната сцена за деца, а во 2011 година беше крунисана со наградата „Златна круша“. Преку овој тип литература, децата учат за моралните вредности. Ова е уште една сликовница во низата квалитетни книги за деца од едицијата „Читаме заедно“ на Издавачки центар ТРИ. Непретенциозно, без бои што дречат, суптилно и сталожено, овие нилски коњчиња им стануваат омилени другарчиња и учители на дечињата.

Читањето е прекрасен ритуал со кој ја зацврстуваме врската со нашето дете. Раскажувајќи за различни ситуации и откривајќи му ги силните емоции на детето, ние, всушност, ја зајакнуваме нашата блискост. Од втората до шестата година во животот се одвива вистинска експлозија на чувства кај децата. Колку повеќе детето го доживува светот како сигурно место во кое има простор за чувства, толку подобро ќе му биде во животот, сметаат психолозите. Или, како што вели Монтгомери: „Петгодишното дете почнува да бара значења во сè, да поставува прашања за животот, за смртта, за ѕвездите на небото... Ова е филозофската фаза од детството“. Не мора да знаете сè и да имате одговори за сè, но мора да ја споделувате љубопитноста со своето дете.
 

Единственото сидро што децата го имаат во светот на чувствата е сигурната и креативна возрасна личност. Бидете тоа за нив! Читајте им квалитетна литература која ќе им ја развива имагинацијата, ќе ја храни креативноста и ќе ги учи на пријателство и емпатија. 

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново