За љубовта и нејзината типизација – „Платформа“ од Мишел Уелбек

За љубовта и нејзината типизација – „Платформа“ од Мишел Уелбек

Еротско-дистописка приказна за пронаоѓањето. Нараторот е емотивно лабилна личност, антисоцијален, вовлечен во школката на неприфаќањето, роб на примитивните инстинкти и импулси. Воочлива е ароганцијата во тонот на неговите размислувања. Не знаејќи за граница на она што е пристојно и општествено морално, тој ужива во избликот на својата сексуално нагласена природа. Уелбек е некомформист, кој исто како мисловен сурогат на Буковски, не се дистанцира многу од носителот на неговите гревови. Со романот го започнува прашањето за движењето на туристички еротски елитизам, кој не е далеку од реалното постоење и е особено популарна западноевропска платформа, по што и романот го добива својот наслов.

Откако умира татко му, кој во поодминатата возраст не заборавил да го живее животот хедонистички, под полна пареа, нараторот го чувствува превојот на сопственото бунило: дали е доволно да остане во точката која досега била негов агрегат, само затоа што таа му ја дава сигурноста дека доживотно ќе го снабдува со мало, а потребно количество на постоење?

Пориоманот во него, кодиран во неговата коскевина, дејствува инстинктивно и го носи на песочните плажи во Тајланд.

Уелбек примамливо игра со еротските сцени и вулгарните описи, неговата неконвенционална и ексцентрична проза која се граничи со егоцентризмот само ја истакнува тајландската жештина, која пејзажно ќе недостига по враќањето во Париз, но писателот ја компензира со електрично моќните, живописни сцени на страст доведена до инстинктивно општење. Без цензура, мизогинистот во него ни малку не би можел да се споредува со Е. Л. Џејмс, затоа што Уелбек е педесет нијанси северозападно од ерогената зона на перверзното и слободоумното. Toj e мајстор на интимните делови и знае како да го компарира општественото експлицитно со индивидуалното.

Покрај дистресни, провокативни теми кои како рекламни телопи ќе ви шетаат пред очи, а пропо сексуалниот туризам, преку Валери тој воведува нова варијабла: конфузијата на сексуалниот идентитет, но и конфузијата за раѓањето на љубовта.

Дали „настраните“ души, ослободени од товарот на морално прифатливото, се наоѓаат во посредство на емотивната голотија, која, пак, ги зацврстува ваквите врски на разбирање и поткрепа, прочистени од душевните микроби на љубомора и моногамија?

Колку фискални сметки треба да пролиста срцето додека да ја најде оригиналната, на која е прикачена неговата доживотна гаранција?

Грандиозното оТело за телесната љубов, нејзините убавини, кои нѐ засрамуваат и од чиј електрицитет подголтнуваме копнежливо, ќе ве поведе на различни страни на светот, ќе патувате во пренаселениот Бангког, ќе го гледате заливот како ејакулира кон песочните брегови на Сурат Тани, ќе се вратите во урбанистичкиот париски анфас, па ќе летате до Куба и егзотичниот комунизам. Ќе загатне прашања за човечките кројки, за нормите и догмите, за различноста и ентузијазмот, за сопствената согледба на одразот во огледалото, за господарството над мислите и одлуките. Ова е книга која се голта, но и проголтува, затоа само искусните читатели ќе се чувствуваат дораснати на предизвикот да станат нејзини заробеници на неопределено. Тука некаде присутна е и интонацијата на романот, како Уелбек непрекинато да ги воскреснува погребаните Содома и Гомора, откривајќи го својот став за апокалиптична демократија која заседава наголемо, иако ние, конзервативно построените пиони, не ја носиме потребната диоптрија за да ја здогледаме.

Уелбек ја третира приказната со повеќе љубов од што прикажува, нему маската на огрубена рапавост му служи за да се издвои од консумеристички подредената литературна машинерија. И успева. Особено затоа што бестрашно го имплицира и религискиот снобизам, нетолерантноста и идеологијата на фанатичките групации.

Со градењето на туристичката платформа, пред вас ќе се исправа скелетот на љубовта, како граѓа, типизирана од непостојаните налети на нејзиниот интензитет и слобода. За човечкото развластено од сенката на општествениот монструозен систем на правила и амандмани.

Контроверзна, вирулентна, егзотична, им ја препорачувам на читателите кои не се исплашени да ја напуштат удобноста за да доживеат поинаква екстаза и сетилна нирвана.

Сѐ додека се срамиме од потребите, ќе им робуваме!

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново