СРЦЕТО НЕ ФАЌА ПРАШИНА

СРЦЕТО НЕ ФАЌА ПРАШИНА

Пишува: Ана Јовковска

Инспирирана од Стела и Сани

Не сум робот. Само човек сум. Човек кој понекогаш греши. Жена, мајка која често се преиспитува каков човек создава од својот мал потомок. Секојпат кога излегувам од контрола во односот кон моето дете, се присетувам дека од мали нозе учиме во какви интеракции влегуваме со другите. Какви релации ќе градиме со соседите, пријателите, шефовите, љубовниците, туѓинците... најмногу зависи од вредностите што ќе ги вдомиме во нашата личност уште од најрана возраст. Дали ќе градиме доверба или ќе се сомневаме во сè и во сите околу нас, вклучително и во себеси? Ќе бидеме ли чувствителни и емпатични кон другите луѓе или егоистични „дебелокошци“? Ќе негуваме ли амбиции за голема и луксузна куќа или за мал, но топол дом? Ќе го мериме ли успехот по тоа колку заработуваме или, пак, по тоа дали навечер заспиваме среќни? Ќе ги читаме ли Фром и Јунг или ќе „се отвораме“ на Цеца и Сека? Се разбира, работите не се црно-бели, но меѓу нивните нијанси се крие нашата идна животна среќа...

Секогаш сум мислела дека на овој свет му се потребни радикални промени, од корен! Tие промени треба да почнат од нас, сегашниве и идни родители на деца, со начинот на којшто ќе ги воспитуваме малите човечиња кои утре треба да станат ЛУЃЕ. Воспитувањето е комплексен процес којшто подразбира родителствување, социјализација, образовна програма во градинка, на училиште, слободна игра, изложеност на медиуми, Интернет, ТВ, литература... Особено важно ми е последново. На своето дете почнав да му читам уште кога беше бебе, кога мислевме дека ништо не разбира. Убедена бев, и тогаш и сега, дека децата разбираат многу повеќе одошто ние возрасните мислиме. И како што вообичено трошам многу пари на книги, така овој пат се преориентирав на книги за деца. Почнав да му градам библиотека со сите важни книги што би сакала некогаш во животот да ги прочита. Се разбира, фокусот го ставив на литературата за деца. Тогаш првпат ми падна в очи колку е сиромашна нашата детска книжевна продукција.

Сите знаеме колку е важна улогата на литературата за емоционалниот развој на децата. Колку е значајна за развојот на фантазијата, љубопитноста и креативноста кај децата. Педагошката функција на уметноста е клучен фактор за формирање на индивидуалноста и критичкото мислење. Не залудно се вели дека „дете што чита е возрасен што размислува“. Знаејќи дека книгите го формираат нашиот светоглед, сѐ почесто почнав да си го поставувам прашањето – какви содржини им нудиме на децата преку продукцијата на детска литература и илустрација?

Ќе ве потсетам на прекрасната мисла на Карл Густав Јунг: „Ако сакаме нешто да промениме кај децата, треба прво да провериме дали тоа нешто треба да го промениме и кај нас самите“. Значи, одговорноста е наша. На македонскиот пазар имаше малку производи што ги задоволуваат критериумите за квалитет. Меѓу оние што се бројат на прсти се 5 + фамилија, Светот на Биби, Едиција Светулка, можеби уште некои на кои во моментов не можам да се сетам, па доаѓањето на Стела и Сани ме израдува многу. Секој македонски бренд што не калкулира со квалитетот и вредностите кои треба да им се пренесат на децата е културно богатство за нашите идни генерации. Стела и Сани пристигнаа со брзина на светлината до срцата на децата. Нивната ѕвездена прашина го скокотна нашето љубопитство. Мили, шарени, нежни и добронамерни, овие два детски лика стануваат нова идентификација за добрина, пријателство, љубопитност и инклузија. На прва се вљубив во естетиката, илустрациите, во пастелните бои и магичните слики збогатени со приказни кои кај децата развиваат фантазија и емпатија.

На секој автор на сликовници и книги за деца му е потребно големо срце за да го пронајде детето во себе. Сум се уверила колку е комплицирано да се пишува за деца. Се обидов и јас минатата година. Детскиот јазик има поинаков топломер. Во светот на децата не „палат“ тешки зборови, претенциозни термини, интелектуални мастурбации и слични јазични гимнастики, туку само чиста емоција. А таквата есенција е најтешко да ја постигнеш! Во целиот пишувачки процес на мојата книга за деца, која треба да се публикува во текот на оваа година, се прашував дали можам да ја извадам од мене емоцијата во толку чиста форма? Ќе можам ли да го „доловам“ чувството без да го шминкам, маскирам или китам? Неколку месеци подоцна, кога в рака ми паднаа ракописите за Стела и Сани на Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева и Венко Андоновски, сфатив колку е важно да се пишува од срце. Романот за деца и млади Ти носам пустински песок од Винка, романот за деца на Јагода со наслов Ѕвездена џунгла и романот за њутајмер и олдтајмер тинејџери Имаш пчела на носот од Венко се новите три книги во продукција на Издавачки центар ТРИ што секое дете треба да ги прочита. Како што велеше големиот Кант: „Судот на вкусот се раѓа и се остварува во слободната игра меѓу имагинацијата и умот“.

Во литературата за деца е инкорпориран цел систем на вредности што понатаму се рефлектира на секое поле во животот – од тоа како ги делиме играчките со другарчињата во градинка до тоа дали го делиме оброкот со сиромавиот кога ќе пораснеме; од тоа како се учиме да си го собереме ѓубрето зад нас во паркот до тоа дали рециклираме... Дали ги сакаме и ги почитуваме животните или мислиме дека сме господари на оваа планета... Дали сме зависни, пакосни мали човечиња кои ќе пораснат во љубоморни и посесивни луѓе... Затоа, пораките што овие три книги од проектот Стела и Сани ги праќаат се особено важни.

Романот Имаш пчела на носот на Венко Андоновски е поделен на Женска и Машка книга, па тоа ни го реактуализира прашањето – има ли женско и машко писмо? Ова е книга во која Стела и Сани го негуваат своето пријателство, каде на едно место се вели: „Има ли поубаво од тоа? Најдобриот другар да ти ја даде душата на подарок. Дедо Мраз не исполнува такви желби: тој подарува главно играчки. А душата не е играчка, ниту се пакува во светла и шарена хартија“. Особено ми се допаднаа суптилните пораки за различност и инклузија. „Кога е човек различен, не го прифаќаат тие што се исти. Кај луѓето тоа е поразвиено одошто кај овците. Затоа ги навредуваме овците кога велиме дека некој е ’црна овца‘. Кај луѓето, ако си различен, те доживуваат како опасен, без разлика што ти си сам, а тие можат да бидат милиони“. Меѓу многуте освестувачки пораки е и онаа за антиконсумеризмот опишана преку ситуација во која Стела му пишува на Сани: „Возрасните навистина повеќе ги интересираат формите одошто боите. Купуваат џипови само ако се големи и со моќни форми, без разлика што не се во нивната омилена боја... Тогаш Видан одеднаш рече: ’Те молам немој никогаш да станеш возрасна. Нека ти остане бојата најважна‘. ...Возрасните не се ни свесни дека кај децата гладот не почнува од желудникот, туку од срцето“. Тоа ме поттикна и себеси да се прашам – умеам ли сè уште да ги гледам боите живи и важни? Некои делови од приказната ми донесоа и понекоја солза, а Андоновски нè потсетува дека „солзите се најчистото нешто во телото на човекот“.

Отворено за плачот, како крик што ја прочистува човековата душа, пишува и Саздова во романот за деца и млади Ти носам пустински песок.  – „Почнав со месечината оти нејќев да ти раскажувам колку се изнаплакав откако се качив во авионот. Не требаше да дојдеш да ме испратиш. Ми се плачеше уште кога ги погледнав тие твои големи очи што толку чудно светеа. Раката ти беше студена како мраз, а прегратката... како некои канџи да ме прегрнуваа, а не ти, мојот Сани“. Оваа разделба меѓу две другарчиња, кога Стела заминува да живее со нејзините родители во Дубаи, ме потсети на разделбата со мојата другарка Елена кога јас заминав една година да живеам во Америка со моите родители. Како на филм ми се вратија сцените во кои јас (тогаш единаесетгодишно девојче) плачам од носталгија по најверната другарка. За да бидат коинциденциите уште поинтересни, книгата на Винка зборува за преселбата на Стела во Дубаи, а од книгата на мојот вистински живот ви откривам дека мојата другарка Елена денес, веќе десет години, живее во Дубаи (се смее). Сѐ уште понекогаш си плачеме една со друга низ нашите разговори преку Вибер. Кога во 1993 година живеев и се школував во САД, со Елена се допишувавме со писма. Секој месец со нетрпение го чекав поштарот да ми го донесе пликот од Македонија. Денес, во ова софистицирано технолошко време, Стела и Сани се допишуваат преку Интернет. Кога ќе се најдат илјадници километри далеку еден од друг, продолжуваат да се дружат преку мејлови. Но колку можат тие да им ги надоместат живите средби, гушкањата, заедничката смеа, солзите, воздишките? Ќе успеат да ја одржат блискоста?... На прагот на тинејџерската доба со неброени прашања и одговори, Винка преку ликовите на Стела и Сани ги поставува клучните прашања за пријателството, љубовта, слободата. Во еден момент таа зборува и со родово сензитивен јазик велејќи: „За плачењето ич не ме чуди. Такви сте вие девојчињата. Солзите ви се постојано на готовс, како наполнет пластичен пиштол на вода. Само малку притисни го, и ете ти фонтана. А ако баш сакаш да знаеш, и мене ми се плачеше кога твоето црвено опавче ми го снема од видикот, ама си ги голтнав солзите. Машките не смеат да плачат. Мора да се силни. Ти си маж, а не баба Цивка! Така ми викаше татко ми секојпат кога ќе се расплачев како мал. Џабе мајка ми фучеше на таквото негово воспитување, мене ми остана тоа запамтено“. Хм... уште колку време треба да помине за да им дозволиме на момчињата да ги изразат своите емоции? Да ги увериме нашите синови дека да се биде ранлив значи да се биде храбар. Или, како што ќе рече Стела: „Силата ја покажуваат само слабите“!

За уште поневеројатно да го затворам овој круг, ќе ви доверам уште една работа од мојата приватна ризница. Онаа Елена што ви ја спомнав, мојата најверна другарка од детството, по некоја случајност цел живот додека да се пресели во Дубаи, живееше врата спроти врата со Јагода. Да, нашата писателка Јагода Михајловска-Георгиева која, на голема радост, е дел од Стела и Сани преку нејзината нова книга за деца Ѕвездена џунгла. И спроти Бистра, која исто така ни беше заедничка другарка. Кога јас бев мала растев со нејзиниот роман Јас, момчето молња. Во него писателката користеше ликови од вистинскиот живот, односно од нашата зграда во Капиштец, па таму малата Ане од 9-ти кат сум, всушност, јас. Знам, станува дури чудно колку е овој круг испреплетен (се смее). Денес, откако ќе го завршам овој текст, седнувам да му ја читам Ѕвездена џунгла на моето дете. Низ браќата Едан и Асја нè очекуваат далечни светови сосема различни од нашиот. – „Ѕвездите не се школки на плажа, па да можат тукутака да се собираат.“ Со ова ќе го завршам текстов и ќе ви порачам како што се вели во поднасловот на книгата Ѕвездена џунгла: Не прашувај што е, кај е, дојди со нас, па ќе знаеш!

Уживајте во магичните приказни на Стела и Сани и не заборавајте дека на децата не им е лесно, си имаат и тие свои маки-планини. Затоа, нам на возрасните е да им го направиме животот радосен и фантастичен!

 

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново