ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ МАЈ?

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ МАЈ?

Што сè е потребно за совршен пикник? Топло време и убава книга! Ви ги најавуваме и двете. Треба само да наминете до нашите книжарници и во кошницата да ја ставите книгата што ќе ви ги разбранува мислите и емоциите.

Бидејќи сите нè инспирираат различни зборови, некого мотивациски книги или биографии, некого поезија или романи, ѕирнете во насловите што наскоро ќе пристигнат во ТРИ и пронајдете ја својата инспирација. 

Отворете ги страниците и уживајте во мајските книжевни искуства!

„Карма“ од Садгуру

Сѐ што ти се случува и начинот на кој го искусуваш животот е твое дело – твојата креација е твојата карма. По читањето на оваа книга ќе гледате на кармата од една поинаква перспектива – карма значи дејствување, а тоа дејствување е целосно твоја одговорност. Животот ги дава инструментите, но ти си конструкторот! „Карма“ е патоказот на твојата судбина!

„За еден миг“ од Сузан Редферн

Кога трагедијата чука на врата, подобро е да ѝ отвориш наместо да дозволиш да ти ја скрши вратата. Кога ќе им се случи трагична сообраќајна несреќа, хероите од овој роман ќе ѝ се спротивстават на судбината борејќи се за живот. Колку е тешко да се донесат одлуки кога нè пристиска времето и кога животот ни виси на конец? А особено кога имаш само еден миг за да ја донесеш најважната животна одлука...

„Кој го здипли моето сирење?“ од Спенсер Џонсон

Да ја замислиме големата метафора на Спенсер Џонсон – живеете во лавиринт што го претставува вашиот живот и го барате сирењето што ги претставува вашите посакувани цели. Проблемот е што сирењето цело време мистериозно исчезнува. Во оваа приказна ќе се поистоветите со ликовите кои се соочуваат со неочекувани промени во потрагата по ново сирење. Но секогаш има начин таа да се изведе успешно, сè додека сте со вистинската книга-водич в раце!

„Излез од Лавиринтот“ од Спенсер Џонсон

Влезени во метафората во потрага по сирењето, сфаќате дека лавиринтот е сложен и со многу ходници и ѕидови. Тоа ви налага да научите како да мислите надвор од лавиринтот. Оваа книга може да ви одземе еден час од вашиот ден, но поуките од неа ќе ви го разубават и збогатат животот. Да ги следиш зборовите на Спенсер Џонсон е исто како да црташ мапа за излез од лавиринтот, каде крајната дестинација е слободата на умот.

„Животот е краток, направете го величествен“ од Дејл Карнеги

За да го смениш животот на подобро, ти треба разум за да можеш да ги разграничиш твоите силни и твоите слаби страни и храброст за преземеш нешто во врска со тоа. Оваа книга не содржи сувопарни теоретски објаснувања, ниту пак филозофски расправи. Оваа книга произлегува од животните искуства и има за цел да ги оствари твоите цели.

„Како да станете ефективен лидер“ од Дејл Карнеги

Што значи да се биде лидер? Од Серијалот за успех на Дејл Карнеги, на полиците пристигнува водичот за тоа не како да станете лидер, туку како да станете ефективен лидер. Научете ја разликата. Целта не е само да се стигне на врвот, целта е да се остане таму. А за тоа ви се потребни советите на експертот што ќе ви ги покаже вистинските стратегии како да го постигнете тоа.

„Стив Џобс“ од Волтер Ајзаксон

Кога животот ти е неверојатно различен од вообичаениот, твојата биографија станува уште поневеројатна. Животот на Стив Џобс е лекција за иновација, карактерност, вредности и водство. Во време кога општествата од целиот свет се обидуваат да изградат економија што ќе биде во тек со дигиталната ера, Џобс е еден чекор понапред, тој е веќе икона на човештвото. Ново издание од ексклузивната биографија на една од најпознатите фигури на овој век!

„Поезија“ од Ана Ахматова

Некому инспирацијата му ја будат книгите полни со мотивација, а некому за мотивација му се доволни неколку стиха во кои се сместени еден куп вредности. Какви што се стиховите на поетесата Ахматова, една од најзначајните претставнички на руската поезија. Колку слики се кријат во еден збор на Ахматова? Невообичаена поезија за невообичаени поетски и животни искуства! 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново