MOЖНА ЛИ Е РЕВОЛУЦИЈА НА УМОТ?

MOЖНА ЛИ Е РЕВОЛУЦИЈА НА УМОТ?

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од Неограничена моќ од Тони Робинс

„Да се смееш често и многу. Да ги освоиш почитта на интелигентните луѓе и наклоноста на децата. Да ја цениш убавината. Да го наоѓаш најдоброто кај другите. Да го напуштиш светот малку подобрен, со здраво дете, со парче градина или со поправена социјална сoстојба. Да знаеш дека барем еден човек дишел полесно затоа што си живеел ти – тоа значи да се биде успешен“ (Емерсон). Со оваа толку едноставна, а толку суштинска порака на Ралф Волдо Емерсон започнува книгата Неограничена моќ на Тони Робинс. Често имам предрасуди кон некои автори и мотивациски говорници што ветуваат чуда прекуноќ. Но кога првпат го читав Тони Робинс (со доза на скептицизам) набргу се уверив дека она што овој американски лидер во областа на науката за врвни перформанси го пропагира е, всушност, професионално мајсторство. Како консултант на врвни светски компании и како личен советник на голем број успешни спортисти, уметници и бизнисмени, Робинс несебично ги дава своите ресурси на луѓето кои имаат потреба од помош. Уште во 1991 година ја основа непрофитната фондација за помош на незаштитените деца, бездомниците, постарите граѓани и затворениците, односно лицата лишени од слобода. Продолжувајќи со стотици семинари низ светот за револуцијата на умот, тој своите теории ги обликува и во книгата Неограничена моќ, којашто се смета за учебник за развој на човековиот потенцијал – книга што го содржи најсофистицираното од технологијата за менување на луѓето.

Со книгата „се фативме“ на прва на тоа дека, ако нашата стратегија за успех бара да правиме работи кои не се вклопуваат во нашите несвесни верувања за тоа што е правилно или неправилно во животот, тогаш ни најдобрата стратегија нема да ни функционира. Проблемот се јавува кога постои внатрешен конфликт меѓу вредностите на поединецот и неговата стратегија за постигнување успех. Ова ми беше само иницијална каписла да се заинтересирам за останатите четиристотини страници од Неограничена моќ.

Самиот наслов на книгата го содржи зборот моќ. За некои, моќта има негативна конотација. Некои луѓе се жедни за моќ. Други се чувствуваат извалкани од моќта. Што навистина значи моќта за вас? За мене, моќта е способноста да си го промениме животот, да си ги обликуваме перцепциите, да постигнеме нештата да работат за нас, а не против нас. Ако го побараме коренот во минатото, ќе видиме дека во најраните времиња, моќта била резултат на физиологијата. Оној што бил најсилен и најбрз имал моќ да раководи со сопствениот живот и со животите на луѓето околу него. Со развојот на цивилизацијата, моќта почнала да извира од наследството. Потоа, во индустриската ера, капиталот станал моќ. Денес еден од најголемите извори на моќ е специјализираното знаење. Во информатичкото општество, погонското гориво или моќта е знаењето. Буквалната дефиниција на зборот „моќ“, пак, е „способноста за дејствување“. Тоа би значело дека клучот за моќта е во преземањето акција.

Она што особено ме заинтригира е како можеме да ја искористиме моќта на умот за револуција на умот. Всушност, можна ли е револуција на умот? Робинс смета дека можеме да го раководиме нашиот мозок исто толку вешто колку што Спилберг или Скорсезе ги раководеле нивните филмски сцени. Но што е она што нè кочи?

Дали некогаш сте доживеале цела серија успеси, кога сте чувствувале дека не можете да погрешите? Период во кој изгледало дека сè оди како што треба? Можеби било некое време кога сте се фрапирале себеси затоа што сте направиле нешто херојско или драматично што никогаш не сте мислеле дека би можеле да го направите. Веројатно сте го имале и спротивното искуство – некој ден кога ништо не ви одело како што треба. Разликата е во неврофизиолошката состојба во која се наоѓате. Постојат состојби што нудат можности – доверба, љубов, внатрешна сила, радост, занес, верување – кои искористуваат големи извори на лична моќ. Но постојат и парализирачки состојби што нè оставаат немоќни. Сите ние влегуваме и излегуваме од добри и лоши состојби. Всушност, во животот на секој маж и жена се случува време на краен предизвик во кое на тест се ставени сите капацитети што ги имаме. Време кога изгледа дека животот не е правичен. Сепак, дали сте се прашале што ја прави разликата во поглед на начинот на кој луѓето реагираат на животните предизвици? За малите разлики што прават големи разлики прочитајте повеќе во Неограничена моќ, новата наука за личните постигнувања.

Комуникацијата е моќ. Во модерниот свет, квалитетот на животот е, всушност, квалитет на комуницирањето.


Врвното достигнување во животот не е во знаењето, туку во дејствувањето.


Успехот е прогресивен тек, а не цел што треба да се постигне.


Успехот е еден долготраен процес на напори што ги вложувате за да станете нешто повеќе.


Страста ни го обезбедува горивото што му дава сила на возот на успехот и што предизвикува да го користиме целиот свој потенцијал. Страста му дава на животот сила, виталност и значење.


На успешните луѓе заедничко им е тоа што имаат извонредна способност да се поврзуваат со други луѓе, способност да се поврзат со различни потекла и верувања и со нив да развијат заемно разбирање.


Во што верува еден човек, што мисли дека е можно или неможно, во голема мера одредува што тој може, а што не може да направи.


Големиот успех е неодвоив од енергијата, физичка, интелектуална и духовна, што ни овозможува да извлечеме најмногу од себе.


Умот и телото се совршено поврзани. Начинот на кој ја користите вашата физиологија, начинот на кој дишете и го држите телото, вашиот став, изразите на лицето – фактички ја одредуваат состојбата во која се наоѓате.


Разликата меѓу оние што успеваат и оние што не успеваaт не е само во она што го имаат, туку е во она што избираат да го видат и да го направат со сопствените капацитети и со своето животно искуство.


Оние што живеат во стаклени куќи не би требало да фрлаат камења.


Средбата меѓу подготовката и можноста создава потомство што го нарекуваме среќа.


Нештата не се менуваат, ние се менуваме. 


Клучот за моќта е во преземањето акција. 


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново