ЛИДЕРСТВО ЗА ПЕТКА

ЛИДЕРСТВО ЗА ПЕТКА

Пишува: Ана Јовковска
Инспириранa од Големата петка во животот од Џон П. Стрелецки

Во голем број книги и учебници за историја, како и во многу музеи низ светот, можеме да читаме и да учиме за водачите. Сте го чуле ли она дека историјата е црна месарска крпа од која капе крв? Хм... повеќето од она што ќе го примиме како информација е – какви биле лошите водачи. Кој убил најмногу луѓе, кој се искачил до врвот преку предавство и измама, кој го изградил најголемиот храм врз грбот на робовската работна сила... Несомнено, ова е интересно за проучување на човековиот карактер. И ако од една страна е историјата како важна наука, од друга страна се медиумите – интернетот, списанијата, весниците, социјалните мрежи и телевизиските информативни извештаи кои секојдневно како на тацна ни ги сервираат најновите примери за лошо водство. Кој вовел радикални политики, кој зел милиони под маса и побегнал од земјата оставајќи го народот во сиромаштија, кој кому му копа гроб... Па тогаш, каде да се свртиме за да научиме што значи да се биде голем водач? Или добар лидер...

Просечниот човек во САД живее околу 29.000 денови, или околу седумдесет и осум години. Се прашувам како би било ако секој ден од нашиот живот е каталогизиран? Уредно архивирано што сме чувствувале, кои луѓе сме ги виделе, како сме го минувале времето... Интересен начин за да можеме да си го погледнеме сопствениот живот од поинаква перспектива. Така, нема бегање од надежите и можностите што си ги имал, а кои ти пропаднале во очај. Зошто го почнав ова со лидерството низ историјата? – Затоа што секој момент бара од нас да бидеме лидери. Најмногу за да се водиме себеси. Секој ден да се искачуваме малку повисоко на нагорната линија на животот. Затоа е важен начинот на кој ја гледаме сопствената улога како лидер – дома, на работа, во нашата заедница... и особено како се раководиме себеси.

На размислувањата за лидерството особено ме поттикна книгата Големата петка во животот од Џон П. Стрелецки. Низ наративната визура се портретира ликот на Томас Дерејл, кој е болен и кој ги живее последните денови од својот живот. Она што е особено важно за овој фиктивен сопственик на голем број компании и неверојатно успешен бизнисмен, е што во неговото децениско работење ја гради филозофијата на лидерството којашто се базира врз најхуманите постулати – пријателство, почит и солидарност. Во неговите компании никој не работи ЗА Томас, туку работи СО Томас. Не постои класична поделба на шеф и работници. Нема типична хиерархија. Тој раководењето го прави едноставно. Сите тие луѓе работат заедно стремејќи се кон заедничка цел. Како сопатници кои си помагаат еден на друг на патување кон слична точка на хоризонтот. „Не познавам човек кој има позитивна реакција на зборот вработен. Во најдобар случај, тој збор поттикнува просечен емоционален одговор. Но сопатник? Тоа е нешто што луѓето го гледаат на позитивен начин. Тоа е нешто во кое сакаат да учествуваат“ (Стрелецки).

И навистина, зачудувачки е колку бргу луѓето почнуваат да се чувствуваат како дел од нешто кога навистина им значи и кога помогнале да се создаде. Но колку компаниите се волни да создадат работна средина слична на семејство? Дали компаниите вработуваат некого поради тоа што неговите вештини се соодветни на задачите што ги бара работното место, или вработуваат некого затоа што добро би се вклопил во вредностите и културата на компанијата? Дали лидерите детално ги надгледуваат сите аспекти на работните места на луѓето или им оставаат флексибилност да си ја завршат работата на начин кој самите мислат дека е најдобар? Дали ги мотивираат вработените преку плати и други финансиски придобивки, или создаваат атмосфера во која луѓето имаат чувство дека се дел од нешто? Овие прашања не нудат црно-бели бизнис-одговори. Сепак, со сигурност можеме да се согласиме дека мотивираните луѓе се многу попродуктивни, а попродуктивните луѓе значат посреќни клиенти, а тоа значи поголем профит. Многумина ќе речат дека профитот и задоволните луѓе често се обратнопропорционална комбинација. Очигледно добитна комбинација се кога има лидери кои знаат како да се грижат за вработените и постојано ја хранат нивната желба за успех. Доброто раководење е создавање средина во која луѓето успеваат. Тука би ја направила споредбата со растенијата кои, кога се засадени на одреден начин, повеќе не се натпреваруваат меѓу себе. Живеат во синергија. Нивното присуство е придобивка за успехот на другото, а не штета. Значи, од една страна е солидарното работење со колегите, а од друга страна е слободата која ти е дадена од авторитетите и шефовите. На талентираните луѓе не им треба некој постојано да ги надгледува како се однесуваат. Тие работат одлично не затоа што некој ги надгледува, туку затоа што го сакаат она што го прават. Едно знам со сигурност – ако треба да користиш цврста рака за да си ја работат луѓето работата, тогаш или си вработил погрешни луѓе или вистинските луѓе работат погрешна работа. За добрата работна или бизнис-клима потребно е секој да има чувство дека самиот си го дефинира успехот за себе. Токму за тоа зборува и книгата Големата петка во животот од Џон П. Стрелецки.

Кога луѓето ја посетуваат Африка и одат на сафари, чуварите на националните паркови и водичите секогаш зборуваат за африканската голема петка. Тоа се петте животни кои секој сака да ги види. Кои се тие? – Лав, леопард, носорог, слон и африканско бафало. Со оваа метафора авторот ни го открива проектот Големата петка во животот низ кој луѓето, односно вработените, ги реализираат своите пет големи соништа во животот. Всушност, Ма Ма Гомбе нè учи дека имаме можност да го дефинираме успехот на нашето постоење. Тоа го правиме избирајќи ги нашите големи пет нешта за животот. Тие се петте работи што најмногу сакаме да ги сториме, видиме или искусиме пред да умреме. За некои луѓе тоа е аларм за будење. И ако се земе предвид дека секој шести човек кој сега има дваесет години ќе умре пред да стигне до пензија, а триесет отсто од оние кои ќе преживеат ќе имаат здравствени проблеми, тогаш прашањето е: што нè држи в место? Деведесет и пет отсто од луѓето во своите големи петки во животот имаат запишано „пропатувај го светот“. Колкумина од нас ќе го направат тоа пред својата смрт?

Еден од принципите на големата петка е кога знаеш каде си во животот и каде сакаш да одиш. Да тргнеш од местото каде што си и да стигнеш до местото каде што сакаш да бидеш. И постојано да се подобруваш...

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново