ПО КОЈ РЕДОСЛЕД ДА ГИ ЧИТАТЕ КНИГИТЕ НА ЈУ НЕСБЕ

ПО КОЈ РЕДОСЛЕД ДА ГИ ЧИТАТЕ КНИГИТЕ НА ЈУ НЕСБЕ

Ју Несбе е еден од најпродаваните норвешки автори. Денес тој се смета за водечко име на криминалистички романи и трилери во Европа, за автор кој го збогати криминалистичкиот жанр. Неговите книги се продадени во повеќе од 50 милиони примероци низ светот.

Со мајсторско градење на приказната и со длабоко познавање на психологијата, тој ги води читателите низ трагите на бруталниот свет полн со злосторства и мистичност, во придружба на протагонистот, инспекторот Хари Хуле.

За Несбе е својствен традиционалниот начин на пишување детективски роман. Тој прво ја разгорува жедта за непознатото, преку она што е видливо и познато уште од самиот почеток. Во секое негово дело се соочуваме со непредвидливост и претпоставки, кои секогаш нѐ водат до погрешен заклучок.

Кој е Хари Хуле?

Тој е синоок, висок и слаб детектив од Одделението за крвни деликти во Осло. Неговиот живот е благо речено необичен, полн со недостатоци и многу лични распади. Од една страна, неговата снаодливост како детектив го прави брилијантен, но неговите методи за решавање на злосторствата се прилично неконвенционални. Покрај семејната тешка историја, тој е страстен пушач и е во постојана борба со алкохолот. Секогаш кога ситуацијата изгледа безнадежна, тој спасот го бара во шишето.

Хари Хуле често е деструктивен спрема себеси, а многумина го сметаат и за комплицирана личност, особено неговите претпоставени и оние кои сакаат да имаат авторитет. Ако се занемари неговата проблематична природа, тој е почитуван како детектив и затоа многу тешки случаи не можат да се решат без тој да замеша прсти во нив. Неговите колеги се свесни за неговата исклучителност, знаат дека никогаш нема да ги изневери. Штом ќе се впушти во потрагата, Хуле не може да застане додека не го расветли случајот.

Серијалот започнува со „Човек лилјак“ (1997, добитник на наградата Стаклен клуч за најдобар скандинавски детективски роман) и „Лебарки“ од 1998 година. Иако првите две книги не се преведени на македонски, сепак, тоа не треба да ви претставува проблем да почнете со читањето на истрагите на Хари Хуле. Следуваат „Црвеношијка“ (2000, Наградата за бестселер на Здружението на книжари во Норвешка за 2000 година), „Одмазда“ (2002), „Соломоновиот знак“ (2003, награда на Финската академија), „Спасителот“ (2005), „Снешко“ (2007, Роман на годината). Другите романи од серијалот се „Оклопно срце“ (2009), „Сеништето“ (2011), „Полиција“ (2013) и двете последни, највозбудливи продолженија „Жед“ (2017) и „Нож“ (2019).

Треба ли книгите за Хари Хуле да се читаат по редослед?

За да уживате целосно во серијалот, пожелно е да ги читате по ред. Убиствата во приказните се независни едни од други, но сепак, за да проникнете во животот на Хуле и да се поврзете со развојот на неговиот лик, треба хронолошки да ги следите настаните, од оние што почнуваат во „Човек лилјак“ до оние што завршуваат во „Нож“. Сигурни сме дека еднакво ќе уживате во сите нив и со нетрпение ќе го чекате следното продолжение!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново