КАКО ДА ГО НАЈДЕТЕ СВОЕТО ИКИГАИ? ДОЗВОЛЕТЕ ДА ВИ ОДГОВОРИ ЧОВЕКОТ КОЈ ГО НАПИША „ИКИГАИ“

КАКО ДА ГО НАЈДЕТЕ СВОЕТО ИКИГАИ? ДОЗВОЛЕТЕ ДА ВИ ОДГОВОРИ ЧОВЕКОТ КОЈ ГО НАПИША „ИКИГАИ“

Икигаи е тајната за среќа што ви ја шепка животот, не со зборови туку со знаци. За да го одгатнете нејзиното значење, потребно е некој да ви ги објасни знаците, а потоа да се впуштите во декодирање на сопственото јас и на сето она што ве опкружува.

Како да го најдете своето икигаи? Дозволете да ви одговори Франсеск Миралјес, кој заедно со Хектор Гарсија го запиша речникот на овие знаци во прочуената книга „Икигаи“. Сè останато е околу вас, треба само да ги отворите сетилата и да го впиете.

Го живееме својот живот копнеејќи да најдеме смисла и цел. Се прашуваме дали животот е нешто повеќе од трчање по материјални работи и професионални успеси? Што ако ви кажеме дека навистина постои начин кој ќе ви донесе значење и радост во животот? 

Се вика икигаи.

Икигаи е „јапонска тајна за долг и среќен живот“. Слободно преведен, зборот значи „причина да станете од креветот секое утро“ и нешто што може да го правите секој ден во вашиот живот. Или, како што велат Французите: raison d’être.

Авторите Хектор Гарсија и Франсеск Миралјес се обидуваат да го демистифицираат во својата книга „Икигаи“. Книгата наиде на позитивни критики од личности како Опра Винфри и Мари Кондо. Авторското дуо нуди и алатки кои ќе им помогнат на читателите за поисполнет, подолг и позначаен живот. Во својата нова заедничка книга „Ичиго-ичие“, авторите зборуваат за уметноста да се искористи секој момент, на јапонски начин.

Двајцата поминале одреден период со жителите на островот Окинава, Јапонија, кој може да се пофали со најдолг животен век по глава на жител. Оттаму се вратиле со тајната за среќен, значаен и долг живот и ја споделиле со светот преку своите книги.

Миралјес споделува совети како да го пронајдете своето икигаи, како да го живеете секој момент и патот по кој можеби ќе сакате да тргнете кон среќен живот. Исто така, им упатува драгоцени совети и на авторите.

Вашите книги станаа бестселери и за нив низ светот зборуваат личности како Опра Винфри, Мари Кондо итн. Дали очекувавте ваков успех? 

Беше сосем неочекуван. Во Окинава мислевме дека книгата ќе биде само за определена публика која ја сака секоја книга за Јапонија, но не очекувавме дека ќе биде вистински хит. Благодарни сме и среќни што го привлече вниманието на толку многу луѓе. На почетокот мислевме дека е повеќе поврзана со јапонската култура, ама откривме нешто многу поуниверзално. Многу луѓе чувствуваат потреба да го најдат своето икигаи.

Што е икигаи?

Многу Индијци веќе знаат, икигаи значи смислата на животот... Тоа е причината да се будите секој ден и да сакате да живеете уште еден. Едноставно, животната цел или мисија.

Значи, икигаи е смислата на животот?

Тоа е смислата на животот, значењето на животот, причината за живот. Во Окинава откривме дека една од причините за овие стогодишници (некои од нив имаа по 108 години) е тоа што тие имаа цел, имаа свое „зошто“... Ова „зошто“ е во центарот на нашиот живот. Многу е корисно во тешки времиња, при страдања, зашто дури и кога минувате низ мачен период сѐ уште имате причина да живеете, и само така може да се надмине секоја тешкотија.

Дали во сегашното забавено темпо на животот, во време на пандемија, е полесно да се пронајде своето икигаи?

Да, сега е полесно отколку во пријатни времиња, бидејќи тогаш животот тече според утврден ред, нема време во ничиј календар, треба да направиме компромис или приспособување кон работата, пријателите или да завршиме некоја задача. И луѓето немаат време. Сега, поради пандемијата, многу луѓе ги преиспитаа своите животи и приоритети.

Сфатија: „Не сакам да го правам ова до крајот на животот“. Во Шпанија, на пример, луѓето велат дека не сакаат повеќе да живеат во градовите. Па затоа се преселуваат во селата, доближувајќи се до природата, избирајќи куќи со градини.

За пет до осум месеци ќе има многу промени во оваа насока, бидејќи ќе имаме време да размислиме за своите приоритети и за сопствениотживот, да размислиме за икигаи.

Како да го најдеме своето икигаи?

Најдобриот начин е да ја купите книгата, бидејќи тоа не е нешто што можам да ви го раскажам за две минути. Она што го сакате повеќе од што било е вашето икигаи. Може да имаме многу интереси, хобија, таленти и различни енергии насочени кон различни работи. Одлучете што ви е на прво место. Што ви е најважно... 

Второ, размислете каде сте најкорисни во општеството. Секој е роден со мисија, можеби за уметност, можеби за разговори со луѓето... Размислете каде сте најкорисни во заедницата. Потоа прашајте се што бара животот од нас, што посакуваме и што ни е потребно.

Како ќе знаеме дека сме го нашле своето икигаи?

Постојат многу знаци. Најлесниот за препознавање е протокот на енергија, слевањето. Да речеме дека вашиот икигаи е да свирите пијано. Седнувате пред пијаното, ги ставате прстите на клавишите и се слевате со активноста. Времето, просторот и проблемите исчезнуваат, минатото и иднината исчезнуваат, останувате само вие и пијаното. Кога го живееме нашето икигаи, не чувствуваме напор, нашите дејства течат природно од нас, губиме усет за времето, чувствуваме сека сме едно со активноста. 

Дали вие го најдовте своето икигаи?

Моето икигаи се менуваше низ годините. Кога бев млад, моето икигаи беше да патувам. Поминав десет години од животот работејќи во кафуле. Кога имав малку пари, патував со возови, ги истражував Европа, Азија и светот.

А потоа моето икигаи беше да предавам, три-пет години. Имав голема страст за тоа. Потоа моето икигаи беше да бидам издавач. Работев како издавач четири-пет години. Потоа беше да бидам писател.

Можам да кажам дека во овој период од животот, моето икигаи е да им помагам на луѓето да го пронајдат своето икигаи.

Значи, велите дека можеме да имаме повеќе од едно икигаи, па дури и дека може да се менува со текот на времето како што се развиваме и стануваме поискусни?

Да. Кога се менува животот, се менува и нашето икигаи. Кога се вселувате во нов стан или кога почнувате да живеете со некој друг, кога менувате град или компанија, тоа се менува. Икигаи е целосно поврзано со околностите и вашиот начин на живот. Затоа е нормално да имаме повеќе икигаи во животот и дека тоа може да се смени. Според филозофот Рудолф Штајнер, нашиот живот се менува на секои седум години.

Концептите како што се свесноста, смислата на животот, јогата и другите работи за кои пишувате се индиски во својата суштина. Зошто сѐ уште не сте напишале книга за индиската духовност? 

Индиската духовност е толку широка што ако сте почитуван автор, мора многу повеќе да ја проучите... Имам прочитано многу индиски филозофи и духовни книги. Кога бев млад, многу го читав Џиду Кришнамурти. Го сакам Рамана Махарши. Ги сакам старите учители, секако... инспирацијата на Буда и многу други. 

За да пишувам автентично за индиската духовност, треба да ги прочитам светите списи и да научам многу повеќе отколку што знам сега. Индија е лулка на духовноста. Индиската мудрост имала влијание низ целиот свет... Зенот е можеби популарен во Јапонија и Кина, но дошол од Индија. Денес во САД го викаат свесност, ама дошол од многу различни религии во Индија. Ако сакате да пишувате за тоа, ќе ви биде потребен цел живот.

Како еден од најпродаваните автори денес, би сакале да ве прашаме и за неколку совети за пишување. Можете ли да ни дадете неколку сугестии?

- Пишувајте за работите што ги сакате, за работите што би сакале да ги читате.
- Пред да почнете да пишувате, добро информирајте се за предметот, местото, темата. Накратко истражете за она за што планирате да пишувате.
- Не знаете кој може да ја прочита, колкумина ќе ја прочитаат книгата. Резултатот не ви припаѓа вам. Затоа забавувајте се и само насочете се кон пишувањето, другото оставете го на универзумот.
- Стивен Кинг вели: Ако сакаш да бидеш писател, читај многу и пишувај многу.
- Понекогаш кога ги подучуваме луѓето некои велат дека не читаат затоа што не сакаат да потпаднат под влијание. Ние им одговараме: Ако го читате Шекспир, и тој има влијание врз вас, заблагодарете му се на Бога за тоа.
- Пишувајте затоа што го сакате тоа и станете најдобри.
- Според зборовите на Хенри Дejвид Торо: Пред да седнете да пишувате, мора да станете и да живеете.

Извор: os.me

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново