ДЕЦЕНИСКА КНИЖЕВНА РЕТРОСПЕКТИВА

ДЕЦЕНИСКА КНИЖЕВНА РЕТРОСПЕКТИВА

Колку нешта можат да се променат за 10 години? Не само многу нешта, туку и многу желби, личности и прочитани книги, и што е најважно, променет си и ти, драг читателу. Сега си нова личност. По десетгодишни искуства, ова е вистинското време за евоцирање спомени, но и за создавање нови.

Потсети се каде за првпат читаше некоја од овие книги, како се чувствуваше кога ги допре кориците на книгата од автор што претходно не си го читал, што ти се случуваше во животот кога смести некоја од следниве книги во полиците на твојата библиотека.

Секоја книга е различна приказна. Секој од нас е различна книга чија приказна расте и се развива низ годините збогатувајќи го духовниот живот. Погледнете ја нашата книжевна ретроспекција и следете ја сопствената интроспекција.

Џулијан Ментл е врвен адвокат кој по своето физичко пропаѓање доживува духовна криза што ќе му го промени животот. Чекор по чекор, како што тој се трансформира, откриваме моќен начин за тоа како да се ослободи потенцијалот на умот, телото и душата. Оваа книга ја крие тајната за пронаоѓањето на балансот. Со ова неповторливо дело на Робин Шарма ќе станете акробат кој сигурно чекори по јажето на животот, со срцето во едната и умот во другата рака.

„Книга за сите кои сонуваат големи соништа!“ –  храбро врескаат кориците под името на Коста Петров. Од мигот кога излезе од печатницата, оваа книга стана апсолутен хит на книжевната сцена. Коста Петров не пишува само за својата животна приказна, туку со своите подеми и падови го инспирира секој читател. Влезете во светот каде што сè е можно. Сонувајте, читајте го Коста Петров и остварувајте. Се гледаме на врвот!

Кога вкусот на зборовите на Винка Саздова ќе ти поминат низ грлото, ќе ти ја стоплат душата како шолја убав, мирислив чај. Ќе те стаписаат, ќе те вљубат, ќе те разнежат како лелеава вејка на ветер, а истовремено и ќе те зацврстат како планинска карпа. Меки зборови за груби вистини, кои умеат да претворат сè во спокојство, преку роман кој ги раскажува нашите сопствени приказни.

Сите имаме различни цели, се движиме по различни патишта, но за да го најдеме крајот на улицата кој нè носи до нови булевари, а не до слепа улица, потребен ни е ист начин. Потребна ни е светлина на патот. Гуруто со фенер во рацете е кој друг ако не Џозеф Марфи. Тој е авторот на неверојатната книга со практични примери што ќе ви го открие влијанието на потсвеста и како да ја насочите нејзината моќ за да ги остварите целите и соништата.  

Научи се да го читаш романот што го пишува твоето срце. Тој искрен роман е пишуван во знаци кои чекаат да бидат дешифрирани. Пауло Коелјо во оваа своевидна филозофска сказна пишува за едно долго и макотрпно трагање по сопствената среќа. Нека Коелјо биде твојот алхемичар што ќе те води низ судбинската пустина.

Марија Јаневска пронајде начин како да ја раскаже својата приказна онака како што таа сака да заврши. Преку корици. Преку белешки. Зад името на Лајла Грејс. Нурнувајќи се во нејзината проза или зад сопственото јас. Но кога ќе ја прочитате, ќе сфатите дека нема пореална приказна од фиктивните ликови во книгите.

Откривте како се достигнува врвот по долго качување на планината на успехот. Следно што треба да знаете е како да го совладате стравот што е дел од патувањето. „Стравот“ е повеќе од книга, таа е повик на битка со стравовите. Тие не се наш непријател, зашто секоја нова борба те прави посилен. Човек си онолку колку што имаш стравови. Се приближуваш кон целта толку колку што стравови си совладал.

Тоа „понекогаш“ е мигот кога ќе излезете од книжарница со оваа книга в раце. Зашто допира до најранливите места, правејќи ги предности. Приказната за младата Гора, за средбата меѓу девојката и зрелиот човек која навестува љубов е болна, полна со пречки, интимни соочувања, но и со најважното: созревање.

Сто и осум навидум исти денови обоени во бојата на секојдневјето се сто и осум жолти ливчиња и сто и осум обиди за да се разбуди ликот на Винка Саздова. Како коцка мраз на сонце, да го стопи ледот околку срцето, за да го пронајде вистинското јас. Необичната приказна за едно неверство ќе ве воодушеви со мајсторството во монтажата на нарацијата, во суптилната инверзија во која ни се откриваат ликовите, и уште посуптилната инверзија во која се откриваме себеси.

„Правилото е едноставно. Ништо во нашите животи нема да се промени ако не се промениме себеси.“ Ја извојувавте битката со стравот, но следуваат нови предизвици. Зашто животот е битка со многу внатрешни гласови: на стравот, на болката, на загубата... Кога животот сурово ќе те соочи со тешки искушенија, тогаш е вистинското време да го испиеш последното кафе со Коста Петров пред да се решиш да тргнеш во освојување на светот.

Несомнено, сите овие наслови се наша книжевна препорака до вас. Не само затоа што се најбараните во последниве десет години, туку зашто се исклучителни, прекрасни, непроценливо вредни. Зашто тие се гласот на промената. Читајте и освојувајте светови. Среќна Нова читачка деценија! 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново