ЧУДАТА СЕ МОЖНИ – РАСКАЗ ОД ПАУЛО КОЕЛЈО

ЧУДАТА СЕ МОЖНИ – РАСКАЗ ОД ПАУЛО КОЕЛЈО

Чудата се возможни само за оние кои веруваат во нив. Ние веруваме во чудото што постои меѓу кориците на книгите, во магиската моќ на зборовите што нè остава без здив по секоја прочитана приказна. Нашиот ексклузивен автор Пауло Коелјо и оваа година ни посветува еден божикен расказ, а ние ви го подаруваме вам...

Како на секоја бадникова вечер, царот го поканил својот прв министер да му се придружи на вообичаената заедничка прошетка. Тие уживале во украсените улици, но бидејќи царот не сакал селаните да арчат многу пари за китење само за да му угодат, двајцата секогаш се преправале како трговци од некоја далечна земја. 

Шетале така тие низ чаршијата восхитувајќи се на светилките, накитените елки, наредените свеќи пред портите, тезгите полни со подароци, како и на мажите, жените и децата кои брзале да ја споделат богатата трпеза со семејството. 

Враќајќи се назад, поминале низ едно посиромашно маало, во кое расположението било поинакво. Немало светилки, немало свеќи, ниту пак примамливи миризби од готвење. Немало жива душа на улицата. Како и секоја година, царот му споменал на својот најверен соработник дека мора да направи нешто за сиромашните во своето царство. Тој кимнал со главата, знаејќи дека работата наскоро ќе биде заборавена, закопана во секојдневната бирократија, во пресметката на даноците и трговијата со странство. 

Одненадеж, слушнале музика во една од најсиромашните куќарки. Колипката била трошна, со разјадени греди полни со такви шуплини што низ нив можеле да видат што правеле луѓето внатре. И она што го виделе било мошне чудно: еден старец во количка плачел, додека ќелава девојка танцувала, а едно момче со тажен поглед удирало по жиците на една тамбура пеејќи некоја народна песна. 

„Ќе откријам што наумиле“, рекол царот. 

Чукнал. Музиката запрела и момчето дошло да ја отвори портата. 

„Ние сме трговци и бараме засолниште за починка. Начувме музика, видовме дека сте будни, па се понадевавме дека ќе можеме тука да преспиеме.“

„Најдете засолниште во некоја крчма во градот. Ние, за жал, не можеме да ви помогнеме. Покрај музиката, куќава е полна со јадови и маки.“

„А зошто, ако не е тајна?“

„Јас сум виновен за сѐ“, проговорил старецот во количката. „Целиот живот го потрошив учејќи го синот занает, да биде писар на царот. Но поминаа години, а за него не се најде место. И потоа, сношти на сон ми дојде една глупост: ми се појави ангел што ми кажа да купам сребрен пехар, зашто како што рече ангелот, царот ќе дошол да ме види. Ќе се напиел божем од пехарот и ќе му дал на син ми работа. 

Ангелот така ме измами што сторив како што ме советуваше. А бидејќи немаме пари, снаа ми отиде утрово на пазар и си ја продаде бујната коса, па го купивме пехарон. Двајцата сега пробуваат да ме развеселат, зашто Божик иде, та играат и пеат, ама залудно е.“ 

Штом го видел пехарот, царот замолил за голтка вода да си ја угасне жедта. Пред да замине, им рекол:

„Замислете, токму денес разговаравме со важни луѓе во царството и ни рекоа дека идната недела ќе бараат нов писар.“

Старецот кимнал со главата, не можејќи да им верува на ушите, и се збогувал со туѓинците. Но веќе следното утро низ сите улици се читало царското соопштение: царот барал нов писар. На закажаниот ден, салата за прием во палатата била преполна со луѓе кои дошле да бараат работа како писари. Човек од власта влегол во салата и ги замолил сите да ги подготват перото и хартијата:

„Ќе пишувате приказна на оваа тема: ’Зошто еден старец плаче, ќелава девојка танцува и тажно момче пее?‘“

Се чуло мрморење и негодување во салата. Никој не знаел како да раскаже таква приказна, освен, се разбира, едно парталаво момче кое се насмеало од уво до уво и веднаш почнало да пишува.

Според индиска приказна. 

(Превод од англиски: Сандра Георгијевска)

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново