Игор Џамбазов: „Тоа што останав жив го сметам за најголем успех во животот“

Игор Џамбазов: „Тоа што останав жив го сметам за најголем успех во животот“

Меморијата е најмоќното оружје со кое Игор Џамбазов му се спротиставува на времето. Времето оди во една, а спомените во друга насока. Затоа, му поставивме три прашања на безвременскиот Игор, а тој во една кратка ретроспектива ни ја разбуди вербата во сегашноста, во љубовта и во остварливоста на идејата за спокој.

1. Гол, облечен, умрен – ги поминавте сите фази на бидување човек. Што значи за вас да се остане жив човек во вакви чудни времиња?

Тоа го сметам за мојот најголем успех во животот. Тоа што останав жив. И нормален, се надевам. (Ха-ха-ха!) Една простопроширена реченица што одамна ја напишав гласи: „Минатото се заборава, сегашноста се живее, иднината се сонува...“

И една забелешка – овие времиња не се воопшто чудни.

Ние сме чудни во овие времиња. Секојдневно покажуваме и докажуваме колку сме себични, неодговорни, невоспитани и колку не водиме сметка за себе, а уште помалку за тие околу нас. 

2. Од театар и филм, до блуз и лотарија. Шоумен што е симбол на различни генерации. Кој е Игор кога е сам со себе?

Од сето тоа по малку. Оној момент кога се откажав од љубовта, сфатив дека сум си доволен самиот себеси. Бев сам, но се трудев да не бидам осамен. Се разбира дека сето тоа беше уште една голема илузија. Нема живот без љубов. Нема блуз без љубов. Уште помалку театар. Таа е сѐ уште движечката сила на човековиот опстанок. Не сум повеќе сам, а уште помалку осамен. Сега блузовите и книгите како самите да се пишуваат.

3. Чувство на спокој ви дава...

Планинска куќичка со поглед на врвот. Таа пие вино, јас ја гледам, рацете ни се цврсто споени во еден благороден љубовен грч, го слушаме Ману Чао и ништо не може да нѐ измести од тој Купидонов колосек. Заспиваме во една голема гушка и одвај чекаме да осамне за што побргу да си кажеме: Те сакам...

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново