Три предлози од Виолета Танчева-Златева

Три предлози од Виолета Танчева-Златева

Нашите вработени секогаш можат да ви ги препорачаат вистинските книги. Доколку се двоумите за некој наслов или не знаете што може да очекувате од некое дело, нивните предлози се секогаш добра насока.
Нашата лекторка Виолета Танчева-Златева, која и самата е авторка, има богат читачки избор. Овој пат ви претставува три наслови кои го заслужуваат вашето внимание.


1. „Образована“ од Тара Вестовер

По објавувањето во 2018 година, „Образована“ наиде на одличен одглас кај читателите и критиката, се задржа 32 недели на списокот на најпродавани книги на „Њујорк тајмс“, беше препорачана од Бил Гејтс... Но кога ќе ја отворите и ќе ја зачитате, таа воспоставува личен контакт со вас врз кој не влијаат сите тие факти и уште со првите страници стапувате во интимен дијалог со неа и со девојчето од планината.

И покрај насловот, оваа книга не е само за образованието – желбата за знаења што го шират духовниот видик и што имаат моќ да го сменат животот. Ниту пак е само приказна за едно мормонско семејство, или за која било религија и верување. Ова е вистинска сага за можностите што се кријат во секого од нас, за силата да надминеме сѐ што нѐ ограничува на патот кон остварување на целосните потенцијали што знаеме дека лежат во нас. Ова е роман за вербата дека заслужуваме повеќе и подобро, и дека можеме да се избориме за него. И конечно, дека дома може да биде секое место каде што ќе се чувствуваме исполнето и достоинствено како луѓе.

Роман што ќе посакате што побрзо да го прочитате за да ја дознаете целата приказна, но истовремено сакате и што подолго да трае. Роман што се памети цел живот.

 


2. „Приказна за трите града“ од Митко Маџунков

Верувале или не, оваа приказна за мистериозните три града е првиот роман што се родил од даровитото перо на тогашниот гимназијалец Митко Маџунков, пред точно 60 години! Самиот овој податок ми го создаде оној трепет за што побрзо и желно „исчитување“ на страниците што им е познат на сите вљубеници во литературата. И иако можеби ќе зазвучи малку апсурдно, го доживеав како зрело остварување и дури своевидно заокружување на богатото, раскошно творештво на нашиот докажан романсиер, есеист и драматург Маџунков.

„Приказна за трите града“ е повеќеслоен роман што е тешко податлив за жанровска определба. Надреален и фактографски, младешки и љубовен, на моменти и апокалиптичен, во него еднакво можат да уживаат и приврзаниците на реализмот и поклониците на надреализмот, односно на фикцијата. 

Роман за разбирањето (и не помалку важно: за именувањето!) на светот и нашето место во него. За растењето во животната средина во која сме се родиле и за нужноста од нејзино надраснување, кога јасно пред себе го гледаме патот што ќе нѐ однесе понатаму во животот. Но и за копнежот секогаш да се вратиме во тоа место, во таа приказна во која напоредно постоиме како деца зачудени од бескрајноста на светот. 

 


3. „Вилино“ од Винка Саздова

Секоја возраст си има свои тегоби. Младоста поминува во трчање – да се изгради дом, семејство, кариера, да се израснат и воспитаат децата. И кога по многу години ќе се погледнеме во огледалото, што друго гледаме во него освен толкуте поминати години исцртани во нашите брчки? Сме се оддалечиле во таа безглава трка со времето, сме се отуѓиле еден од друг, секој фатил свој пат. Попусто било градењето заеднички дом, опкружувањето со модерен мебел и убави предмети – ја нема веќе убавината на животот, исчезнале малите радости и топлината... 

Винка Саздова е мајстор за психолошко портретирање на ликовите и на самото време во кое тие постојат. Затоа и „Вилино“ толку длабоко се доживува – ви се чини дека со еден свој дел веќе сте биле во приказната на Видан, Огнена и Тони. Веќе сте го доживеале тоа треперење на душата, сте ги почувствувале солените солзи, стравот од загубата на саканите... И онаа мала надеж што уште првка со крилцата под урнатините на сонот, што не се предава и собира сили одново да изникне како феникс, да се раскрили.

И секое време си има свои тегоби. Во времево што го живееме и во кое голема поткрепа наоѓаме во книгите, најголемиот дел од нас првпат се соочуваат со вакви ограничувања на секаков можен план. И токму среде ваквите неизвесни и тешки денови, романот „Вилино“ доаѓа како вистинска терапија. На сите ни треба една Вили, да нѐ сепне дека сме несвесно отуѓени еден од друг, затворени и заробени во своите малечки светови, иако сме еднакви битија со иста потреба од близина, љубов и разбирање. Ни треба една Вили која со својата ѕвонлива смеа ќе ги урне непотребните бариери меѓу нас и ќе ги разбие сите малери! И ни треба едно Вилино – убаво, здраво место за живеење во кое луѓето имаат топли зборови и прегратки еден за друг, во кое се блиску до природата и до себе.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново