Три предлози од нашите книжари

Три предлози од нашите книжари

Ви предлагаме три извонредни дела по избор на нашиот колега и книжар Филип. Преку мистичниот и фантастичен стил на Гејман, до социолошкиот пресвртник на Казуо Ишигуро „На крајот од денот“ и моќната приказна на еден лик затворен во сопствената реалност во „Платформа“ на Мишел Уелбек – овие три различни но еднакво интересни книги ќе го задржат вашето внимание.


1. „Предупредување за содржината“– Нил Гејман

Последната збирка раскази од Нил Гејман „Предупредување за содржината“ е идеална книга за сите обожаватели на фантазијата, но и за тие што сакаат хорор и научна фантастика. Гејман во воведот нè предупредува за содржината и за моќта на зборовите, а потоа нè препушта на приказните. За секоја приказна има краток опис што ни појаснува како настанала, а тоа ја прави оваа збирка исклучителна и инспиративна за љубителите на кратката форма.


2. „На крајот од денот“ – Казуо Ишигуро

„На крајот од денот“ е вешто напишан роман во кој суптилно се разгледува односот на батлерот Стивенс кон неговите претпоставени, поранешниот и сегашниот лорд. Од перспективата на Стивенс детално ја согледуваме неговата професија, но и неговата личност, која е неразделна од опкружувањето. Преку внатрешен монолог, тој ни ги открива сите подробности на батлерската работа и значајните средби со познатите историски личности од периодот пред Втората светска војна, но исто така и односот и ставот кон самата работа. Што значи должноста? А што достоинството? Каква е релацијата меѓу овие два поима? И на кој начин нивното толкување може да го предодреди животот? Овие се клучните прашања што Стивенс си ги поставува себеси, но исто така и Ишигуро кон читателите.


3.  „Платформа“– Мишел Уелбек

Не постои писател што може подобро да ја долови мизеријата на современиот изолиран граѓанин од Мишел Уелбек. Во „Платформа“ тој на сатиричен начин, луцидно ја отсликува современоста видена преку главниот лик Мишел, обичен канцеларски работник кој има сексуални опсесии и се препушта на тривијални задоволства. Иако неискусен во љубовта, тој сепак ќе воспостави една необична врска, преку која се проблематизира прашањето за трајната љубов.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново