40 години од издавањето на култниот роман на Петре М. Андреевски, „Пиреј“

40 години од издавањето на култниот роман на Петре М. Андреевски, „Пиреј“

Симболиката и темата во романот „Пиреј“ произлегуваат од истоимената троскотна трева. Таа никнува на невозможни места, истрајна е и жилава, оживува и преживува. Историски, овие карактеристики на пирејот се впишани во непокорната сила на македонскиот народ да ги изоди сите беспаќа и да продолжи со животот, избавувајќи се од несреќите.

Петре М. Андреевски, како великан на македонското раскажувачко перо, мошне сликовито ја распостила приказната во романот.  Двајца сопружници во периодот во Првата светска војна, Јон и Велика, го раскажуваат наизменично страдањето низ нивните животи. Особено потресна е тагата што надвиснува над мајчинското срце кога ги губи своите деца, без моќ да ја запре трагичната судбина. На тој начин, „Пиреј“не е само показател за жилавоста и одржувањето на идеалот за непокорност, туку и трајно обележје на воениот период во кој македонскиот народ бил растргнуван и раселуван. Првпат е објавен во 1980 година од издавачката куќа „Мисла“, доживува неколку препечатени изданија, а е дел и од лектирната програма по македонски јазик и книжевност во средните училишта.

Со творечко мајсторство кое го претставува богатството на македонскиот јазик, во разговорен и раскошен исказ, со чувства кои разгоруваат најдлабока емпатија, романот „Пиреј“ е ремек-дело на Петре М. Андреевски. Во моментите на војна, неукост, глад, студ и животни премрежја, една нишка надежност се провлекува и го „држи“ ова дело секогаш над поразот.

Важноста и вредноста на оваа книга лежат во нејзината народна вистина, како и во силната симболика на моќта да се допре земјата одново, кога е ослободена, кога не е повеќе потопена во крв и пак да се фати, да оживее и да потера пирејот. Ништо не ја ништи таа трева – е една од најтешките, а воедно и најсилни цитати од книгата која 40 години е иконичен приказ на книжевниот идентитет на нашиот народ. 




Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново