МАЛКОМ ГЛЕДВЕЛ: ЗА ВИСТИНАТА ШТО СЕ ПОДРАЗБИРА

МАЛКОМ ГЛЕДВЕЛ: ЗА ВИСТИНАТА ШТО СЕ ПОДРАЗБИРА

Само се обидувам да ги натерам луѓето сериозно да ја сфаќаат психологијата“

Детектив за новонастанати супкултури, хроничар на работни места за кои никогаш не сте знаеле дека постојат, Малком Гледвел го побива популарното разбирање за пристрасноста, криминалот, храната, маркетингот, расите, потрошувачите и интелигенцијата. Неговите книги ја будат љубопитноста и откриваат вистини скриени во чудни податоци. 

Малком Гледвел е новинар, говорник и автор на шест бестселери кои се најдоа на самиот врв на листата на најпродавани книги на Њујорк тајмс. Тој е творец на сосем специфична публицистика, заснована врз детална анализа на поединечни лични епизоди и искуства, како и нивно споредување со сложени социолошки истражувања. Неговите анализи доведуваат до многу изненадувачки заклучоци за некои веќе познати настани од политичкиот и од јавниот живот, создавајќи сосем нова слика за современото општество.

Последниве години тој од обичен успешен автор прерасна во постојан творец на впечатливи, интуитивни идеи. Неговото мајсторство секогаш одново ја изненадува публиката. На сосема нови начини го открива познатото, размислувајќи за него на невообичаен начин. Дури и ако не сте еден од милионите што ги прочитале неговите книги или написи или сте ги слушале неговите говори, сепак за Малком Гледвел знаете како за некој кој е препознатлив како иноватор на нови перспективи. Ако пак ги читате/гледате неговите поткасти, ќе научите дека јастозите имаат серотинин, дека Елвис Присли страдал од парапракса и дека господин Гледвел цврсто применува едно животно правило: пие само пет течности – вода, чај, црвено вино, еспресо и млеко. 

Во своите книги Гледвел не звучи академски. Неговото пишување е инспирирано од случаите што ги обработува. Го нарекуваат дури и мајстор за раскажување приказни; неговите заклучоци се јасни и соодветни, оставајќи доволно информации зад себе за да можат читателите да формираат свои мислења.

Гледвел своите книги ги нарекува „двигатели за разговор“ и кога луѓето ќе го започнат тој разговор можат многу да научат од анализата на настаните и личностите во нив. Тој е и мајстор на неизвесноста – до тој степен што неговите книги може да се читаат и како мистериозни романи. Некои читатели се воодушевени од неговата умешност да ги оживува ликовите, други се восхитуваат од неговата способност да презентира концепти, но и од способноста да ја илустрира општествената наука со примери од популарната култура. Но сите се согласуваат со фактот дека неговиот успех не доаѓа само од начинот на кој пишува, туку и од идеите што ги претставува.

Тој разгорува интелектуална искра во секојдневните теми, а неговата нова книга „Како да се разговара со непознати“, која наскоро ќе излезе во издание на ТРИ, не е исклучок. 

Ви пренесуваме дел од едно од многуте интервјуа поврзани со оваа книга.

„Сите ние лесно се мамиме, дури и таканаречените специјалисти.“

 „Нема никаков доказ дека постои индикатор на лажењето“, вели Гледвел намерно гледајќи настрана, избегнувајќи контакт со очите и нервозно гестикулирајќи со рацете. „А сепак, можам да ви покажам многу испитувања од секаде во светот и сите велат дека тоа е лажење“. 

Гледвел повторно почнува да го трга погледот настрана, додавајќи: „Ова не е лажење. Не лажам во моментов. Само превртувам со очите“.

Токму таа неспособност прецизно да се читаат луѓето и да се открива кога тие, всушност, ја кажуваат вистината била поттик за настанувањето на оваа книга. „Како да се разговара со непознати“, во суштина, е истражување на човековото однесување, факторите што го предизвикуваат и неговата мотивација. Индивидуалните и колективните проблеми, личните и идеолошките, сите тие формираат однесување кое влијае врз нашите односи со другите луѓе во оваа глобализирана култура. 

Или, како што објаснува самиот автор: „Секој елемент што ја нарушува рамнотежата меѓу двајца странци, без разлика дали е алкохол или чувство на надмоќ, станува проблематичен. Книгата, всушност, зборува за тие влијанија на нарушувањата“.

Човечките суштества по природа веруваат – во луѓето, во технологијата, во сѐ. Но понекогаш премногу веруваме и тоа може да има трагични резултати. Меѓутоа, ако не ги потиснеме мислите за најлошите сценарија, никогаш не би го напуштиле сопствениот дом. Во оваа книга тој тоа го нарекува „вистина што се подразбира“.

 „Но поинаку би било невозможно! Замислете ја социјалната парализа што ќе се случи ако бевме помалку доверлив вид. Секој би ги повлекол своите пари од банките. Всушност, целиот Интернет постои затоа што луѓето се задоволуваат со ’вистината што се подразбира‘.“ 

Книгите на Гледвел нè прават погрижливи. Тој нè предизвикува повторно да размислиме како да ги воспитуваме нашите деца, како да градиме работни места и како да ги живееме нашите животи. Тој ни дава надеж дека, ако вежбаме доволно, можеме да станеме одлични музичари или спортисти. Дека ако идејата е вредна, можеме да ја реализираме. Дека ако го смениме начинот на кој ги гледаме луѓето, можеме да ги надминеме стереотипите и да им дадеме на обесправените еднакви шанси. А ако се соочиме со сопствените недостатоци, можеме од нив да извлечеме сила. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново