НАЈИСКРЕНИОТ ДЕЛ ОД НАШЕТО ТЕЛО

НАЈИСКРЕНИОТ ДЕЛ ОД НАШЕТО ТЕЛО

Читајќи го говорот на телото, многу поединци го почнуваат набљудувањето од горниот дел на личноста (од лицето) и продолжуваат надолу, и покрај фактот што лицето е дел од телото што најчесто се користи за да се блефира и да се прикријат вистинските чувства. Мојот приод е токму спротивниот. Испрашувајќи илјадници осомничени како детектив во ФБИ, научив најнапред да се концентрирам на стапалата и нозете на осомничениот, па продолжував да го набљудувам нагоре, сѐ додека на крај не го прочитам неговото лице. Кога станува збор за искреноста, вистинитоста се намалува додека ги анализираме реакциите од стапалата кон главата. За жал, стручната литература во областа на спроведување на законот во последните шеесетина години, вклучувајќи и некои современи трудови, му даваат предност на фокусирањето врз лицето при спроведување на испрашувања и во обидите да се прочитаат луѓето. Дополнително комплицирање на откривањето дали испрашуваниот е искрен или не претставува фактот дека повеќето истражители го отежнуваат проблемот дозволувајќи некои од осомничените да ги скријат нозете и стапалата под маса.

Кога ќе се подразмисли, постои добра причина за измамничката природа на нашите изрази на лицето. Лажеме со него бидејќи тоа сме го научиле уште во раното детство. „Не прави ја таа фаца!“ ни сржувале родителите кога искрено сме реагирале на храната ставена пред нас. „Барем изгледај среќен кога стоиш до роднините“, ви наложувале, и вие сте научиле да се смешкате сосила. Нашите родители – и општеството – всушност, ни кажувале да криеме нешто и да лажеме со нашето лице за доброто на социјалната хармонија. Затоа и не е за изненадување што кај нас постои склоност да бидеме прилично добри во тоа, фактички, толку добри што кога ќе наместиме среќен лик на семејните собирања, може да се чини дека го сакаме семејството на сопружникот, иако фантазираме за тоа како да го забрзаме нивното заминување.


Размислете за ова. Доколку не можеме да го контролираме изразот на своето лице, зошто изразот безизразно лице би имал некакво значење? Знаеме да наместиме таканаречен израз на ликот за забава, ама малкумина посветуваат некакво внимание на сопствените стапала и нозе, уште помалку на стапалата и нозете на другите. Преку тие делови на телото може да се манифестираат нервоза, стрес, страв, анксиозност, претпазливост, здодевност, немир, среќа, радост, повреденост, срамежливост, понизност, несмасност, доверба, потчинетост, депресија, рамнодушност и незаинтересираност, живост, сензуалност и лутина. Значајниот допир на нозете помеѓу двајца љубовници, срамежливото плеткање на нозете на мало дете кога ќе сретне непознати, ставот на налутените, нервозното чекорење на таткото што чека да му се роди дете – сите тие ја сигнализираат нашата емоционална состојба и истовремено можат лесно да се забележат.

Доколку сакате да го дешифрирате светот околу себе и точно да го протолкувате однесувањето на луѓето, набљудувајте ги нивните стапала и нозете; тие праќаат навистина значајни и искрени информации. На долните екстремитети мора да се гледа како на значаен дел од целото тело во собирањето невербални податоци.


СРЕЌНИТЕ СТАПАЛА ЗНАЧАТ ДЕКА ЖИВОТОТ Е  УБАВ

Пред некое време на телевизија гледав турнир во покер и забележав дека на еден од играчите му беше поделен флеш (силна рака). Под масата, неговите нозе полудеа! Мрдаа и потскокнуваа како кај дете кое тукушто разбрало дека ќе оди во Дизниленд. Лицето му беше безизразно, однесувањето спокојно, но долу, на подот, продолжуваше „степувањето“! Во меѓувреме, почнав да викам накај телевизорот инсистирајќи другите играчи да ги спуштат картите и да се откажат од тој круг. Штета што не можеа да ме слушнат, бидејќи двајца од нив го прифатија влогот и ги изгубија парите во рака во која не можеа да победат.


Играчот кој доби силна рака карти беше научил како да го намести најдоброто безизразно лице. Меѓутоа, очигледно треба да помине долг пат кога станува збор за добро местење на стапалата додека игра покер. За негова среќа, противниците – како и повеќето луѓе – животот го поминале игнорирајќи три четвртини од човечкото тело (од градниот кош па надолу), не обрнувајќи внимание на решавачките невербални кажувања што можат таму да се пронајдат.

Местата во кои се игра покер не се единствените каде што може да се видат среќни стапала. Сум видел многубројни такви реакции во салите за состаноци и на многу други места. Токму кога го пишував ова поглавје, требаше да патувам со авион и на аеродромот веднаш до мене начув телефонски разговор на една млада мајка со некој член од нејзиното семејство. На почетокот, нозете ѝ беа мирни, а стапалата рамно положени на подот, но кога потоа се јави синот стапалата почнаа претерано да ѝ потскокнуваат. Немаше потреба да ми каже што чувствува кон своето дете или за приоритетното место што го има во нејзиниот живот. Нејзините стапала го кажуваа тоа.
Запомнете, било да играте карти, да водите бизнис или едноставно да разговарате со пријатели, среќните стапала се еден од најискрените начини кога нашиот мозок искрено извикува: „Среќен сум!“

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново