ОДБЛИЗУ СО ЕЛИФ ШАФАК

ОДБЛИЗУ СО ЕЛИФ ШАФАК

Елиф Шафак, најчитаната турска писателка, во светот е позната по тоа што отворено зборува за сите прашања поврзани со подемот на национализмот и авторитаризмот низ целиот свет, станувајќи на тој начин гласот на нечуените и маргинализираните. Овие лични размислувања таа маестрално ги користи како инспирација за своите книги.

Овде таа зборува за своите навики, сеќавањата од детството и омилените работи и места, како и за својата изненадувачки бурна страст.

Предмет без кој не можам да живеам. Книга. И бележник. И пенкало. Добро, можеби и компјутер, бидејќи не си го сакам ракописот!

Совршено помината вечер. Кога сите дома конечно ќе заспијат, а јас ќе седнам на бирото и ќе ја оставам неродовата муза да танцува околу мене, гледајќи како неговата/нејзината сенка станува сѐ појасна на ѕидовите.

Уметничко дело кое би го купила. Од (Франциско) Гоја. Уште од најраната младост многу ги сакам неговите дела. Во нив се испреплетени темнината и светлината, надежта и лудилото, секојдневното и духовното. Опседната сум со Гоја.

Најдобрата книга што ја прочитав минатата година. Лани претседавав со жирото за наградата „Велком“. Таа е награда за книги што ни разјаснуваат како здравјето, болеста, науката и медицината ги обликуваат нашите животи; го поставуваат прашањето што значи да се биде човек. Дефинитивно би ги препорачала сите наслови од нашиот потесен избор. Освен нив, книгата што ја прочитав и која сѐ уште ја паметам е „Крудо“ од Оливија Лаинг. Таа е неверојатно напишана, храбра, оригинална, предизвикувачка книга, неконформистичка и бунтовна – токму онаква какви што треба да бидат книгите.

Страст за која малкумина знаат. Многу ми се допаѓа мрачна, гласна, агресивна музика. Сакам прогресивен, алтернативен, готски, викиншки, пагански, симфониски, идустриски хеви-метал. Кога ме поканија од емисијата „Десерт Ајланд дискс“ во Би-би-си, се изненадија од мојот избор. На крајот ја пуштивме „Арченеми“! Луѓето не го очекуваат ова кога ги читаат моите дела, но романите ги пишувам слушајќи го овој вид музика. Малку е гласно во мојата глава.

Омилено соседство во светот. Имам многу: Асмалимесит во Истанбул, Ковент гарден во Лондон, Гринич Вилиџ во Њујорк, Готскиот кварт во Барселона...

Кога би можела да поканам некого на вечера, жив или мртов, би го поканила... Џастин Тридо, Џејмс Болдвин, Руми и Елен Деџенерис. Одлично друштво за вечера, нели?

Активност неповрзана со работата што секогаш ја правам кога сум на турнеја. Шетам и ги вдишувам звуците и мирисите на градот, ги разгледувам графитите или си купувам смешен украс или канцелариски материјал – обично виолетови пенкала.

Омилено милениче. Нашиот бел малтезер Ромео-Толстој-Капучино. Има три имиња и не се одзива на ниту едно. Кога би можела, би сакала да имам слон дома или во близина. Тие се фасцинантни суштества и мудри души.

Место кое веќе сум го посетила, но во кое одново би се вратила. Сан Франциско. Романот „Копилето од Истанбул“ го напишав кога живеев во Аризона две години. Додека работев на него извесно време престојував во Сан Франциско. Градот е прекрасен и на некој чуден начин ме потсетува на Истанбул.

Единственото нешто во мојата кујна без кое не можам да живеам. Јогурт. Тоа е турски обичај. Турската кујна многу користи јогурт. Го пиеме, го јадеме, го ставаме во супа, мезе и врз секое главно јадење.

Проект кој отсекогаш сум сакала да го остварам, но сум немала можност. Да напишам сценарио за филм. Танцот на зборовите и сликите отсекогаш ме фасцинирал.

Работите кои ме расонуваат наутро се... чај и кафе. Има писатели кои пијат само чај или кафе – Чарлс Дикенс наспроти Балзак. Јас, пак, обожавам и турско кафе и англиски чај, па затоа и двете.

Личноста која ме инспирира да пишувам е... Постојат многумина, почнувајќи од баба ми, која иако не беше високообразована, силно веруваше дека жените треба да се образуваат. Нејзината куќа беше полна со магија, спиритуалност и усни приказни.


Елиф Шафак е една од најнаградуваните и најчитаните современи турски авторки. Таа е професор, политиколог и мошне буден набљудувач на современите случувања во светски рамки. Космополитскиот дух што го поседува се должи на различните животни искуства поминати во многу држави со мајка ѝ, која била дипломат. Шафак вели дека покрај многуте места на живеење, го избира Истанбул како нејзиното пристаниште, светилиште и дом во кој живее со сопругот и децата. Во нејзините книги се преплетуваат силните нишки помеѓу езотеријата на Истокот и импулсивноста на Западот. Жената ѝ е централна фигура во секоја книга, а околу симоболот на пркос, сила и храброст, ликовите ги „бои“ во најчудесни нијанси на животворност. На македонски е застапена со неколку значајни книги кои побудија голем интерес кај читателите: „Копилето од Истанбул“, „Чест“, „Чиракот на архитектот“, „Трите ќерки на Ева“, „40 правила на љубовта“ и „10 минути и 38 секунди во овој чудесен свет“, сите во издание на ТРИ, кои можете да ги најдете во нашите книжарници.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново