СТЕРЕОТИПИ VERSUS МУДРИ МИСЛИ
Започни ја годината со мудри мисли и сопри ги стереотипите! Како? Па со лепословие!
По успешната серија на Трибина за креативно пишување со Венко Андоновски, споделуваме извадок од неговото најново дело „Опијатите на лепословието“!
Излези од клишеата и верувај во своите идеи, за нови, подобри почетоци. А нив можеш само ти да ги започнеш!
***
Стереотипи versus мудри мисли
Главната особина на стереотипната книжевност е нејзината книжевна мимикрија. Тоа наивно маскирање на обични стереотипи и нивно претставување како „мудрости“ го имате во речиси секој светски бестселер од рангот на писателите каков што е (до неодамна многу популарниот) Гијом Мисо.
Во нив проблемите се поставени стереотипно и колекти вистички, а не индивидуално (преку берѓаевската персоналност, услов без кој нема добар книжевен лик). Но затоа, таквите „колективистички“ дела (форма на западен соцреализам) се редовно накитени со „мудри мисли“ како провинцијална новогодишна елка, и тоа обично на почетокот од секоја глава. Ако ги препишете сите тие мудрости на еден лист хартија, ќе забележите дека тие не сочинуваат никаква конзистентна филозофија туку дека, напротив, се препишани од оние денес мошне популарни лексикони под наслов Мудри мисли на големите луѓе. Неодамна читав еден таков светски бестселер, кој расправа за идеолошки забранета љубов меѓу двајца кои им припаѓаат на различни, а завојувани народи. Одлична е таа тема, ама кога ќе налетате на толку клиширана реченица која гласи: „Љубовта не знае за националност“, добивате пример за чист политички слоган кој има претензии да биде мудра мисла а ла Руми или а ла Чуанг Це. Арно ама, тaa „мудрост“ не е ништо друго туку – стереотип, клише, општо место. Зошто? Затоа што клишеата од мудрите мисли ги разликува само едно нешто: клишеата и со варијација остануваат вистинити, а мудрите мисли – не (ја губат смислата). Иако ви се чини генијално и уникатно она „Љубовта не 246 признава националности“, помислете само дека и криминалот не познава националности. Спортот, науката и уметноста не признаваат националности, ама и душевните и кожновенеричните болести не признаваат националности. Тоа значи дека едно општо место – „X не признава националности“ (каде Х може да биде цело множество составено дури и од спротивности), се претвора во лажен сингуларитет, во лажна уникатна вистина (секоја вистина е уникатна). Таква „поливистинитост“ кај мудрите мисли нема – кога ќе се каже „Богат не е оној што има, туку оној кому ништо не му треба“, со никаква мутација не можете да добиете уште една „мудра вистина“. Пробајте: „Алкохоличар не е оној кој има, туку оној кому ништо не му треба“. Можете само да го замените „богат“ со еден-два „синонима“ или метафори – на пример, „мудар“. И тоа е сè.
Стилот на лепословието
Лепословието од нелепословието, покрај конзистентна филозофија (на апсурдот), од која потоа се извлекуваат „мудрите мисли“, сепак, најмногу го разликува стилот. Јазикот на кој е напишано едно лепословие е раскошен, и затоа лепословие може да се создава само на мајчиниот јазик. Тоа само ја докажува тезата на постмодернистите како Слотердајк: човек вистински се раѓа не во гинеколошко-акушерската клиника, туку во јазикот, кога проговорува и почнува да плива низ таа екстерна лингвофетусна течност, како риба во своја вода. За тоа и секое лепословие е тешко преведливо, како што се речиси непреведливи Бодлер, Едгар Алан По, Достоевски, или нашите Чинго, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Михаил Ренџов, Митко Маџунков...
За да не теоретизирам стилистички за стилот на лепословието, ќе ви раскажам една вистинита случка, парабола за тоа што значи стилот за едно лепословие. Никогаш нема да го заборавам своето лекторско искуство со романот „Папокот на светот“. Една искусна лекторка која беше задолжена за мојот ракопис, ми го врати романот целосно уништен: имаше повеќе црвено пенкало и корекции одошто печатен текст на страниците. Причина: јас се трудев, и тоа беше моја стилска интенционална постапка, во првиот дел (оној за IX век) да користам или подзаборавени црковнословенизми, или архаизми, или, што беше почест случај – врз база на законитостите на македонскиот јазик (неговите морфолошки и акцентски карактеристики) да создадам неологизми кои ќе имаат призвук на архаизми. Поточно – ќе бидат симулакруми на архаизми. Сите тие зборови беа пречкртани со образложението дека „ги нема во речникот“, и беа заменети со „официјалните“ зборови, синоними во речникот. „Сочинение“ стана „текст“ и „состав“, „сотворение“ стана „суштество“, „игроказ“ стана „драмска претстава“, „глаголење“ стана „говорење“. Романот беше стилски уништен, сведен на Бартовиот „нулти степен на писмото“, како обичен политички говор во Собранието! Таа непријатна епизода беше жестока шлаканица за мене: оттогаш сум жесток приврзаник на тезата дека од лош лектор полош е само ригиден лектор кој слепо се држи до Речникот како до Библија. Ригидните лектори не смеат да лекторираат уметнички дела, а особено не такви кои се трудат да го збогатат лексичкиот фонд на македонскиот литературен јазик. Та нели книжевноста го храни речникот, а не речникот книжевноста?! Ако тоа важи за обичната книжевност, што да се каже за лепословието? Па некои од тие мои зборови сега ги употребуваат помлади писатели од мене, и мене срцето ми е полно! Затоа, гневен, се пријавив и си положив лекторски испит. Но, и покрај тоа што имам положено лекторски испит, и денес сите мои дела ги давам на лектура. Се разбира, кај одбрани лектори, и самите добри писатели, кои разбираат што е јазичен и стилски експеримент. Всушност кај една – писателката Виолета Танчева-Златева.
Темите на лепословието
Дури на трето и последно место доаѓа „темата“. Добар лепословец и од најбанална тема ќе направи ремекдело. За тоа, мислам, доволно кажав и досега: ако се оди длабоко во темата, ако се дојде до златното ковчеже на апсурдот – нема „виши“ и „нижи теми“. Лепословието, дури и кога за тема зема „сензација од насловната страница“ (најактуелен сегашен проблем), бара одговор на вечни прашања. И да пишувате детален роман за ужасите на актуелната војна меѓу Русија и Украина, ништо не сте сториле (освен што сте останале воен репортер или политички навивач), ако не ги поставите „вечните прашања“: што е војната и што е човекот во неа, од каде желбата да се убие другиот, дали убиството е и самоубиство (веќе реков нешто за тоа), од каде територијалното однесување кај човекот кога само животни маркираат територија со урина (а човек со нуклеарна урина). Јас, на пример, кога би пишувал роман за војната, би се прашал: каква тоа бесмртност постои за мртвиот војник и дали токму тој мртов младич вратен во лимен сандак дома, кај некоја Прличева Неда, ги урива сите наши надежи и религиски убедувања за „утеха“ и бесмртност на душата? Дури и кога пишувам на „актуелни теми“, задолжително се свртувам кон најшироките и вечни филозофски прашања, кои си ги поставувале уште првите филозофи, почнувајќи од Талес и Хераклит Мрачниот, преку Зенон до Сократ, Платон и Аристотел. А преку нив, како далечно ехо – тоа се прашањата на Ајнштајн, Бергсон, Фројд, Клод Леви Строс, Шопенхауер, Стивен Хокинг... Здодевно? Не е. Затоа што на ниедно прашање поставено во антиката, без разлика дали се однесува на космосот, на човекот или на познанието – не е одговорено до ден денешен на задоволителен начин. Не е одговорено дури ни на најелементарни, научни прашања. Биологијата, на пример, сè уште не одговорила на едно такво навидум неважно прашање: од каде знае ластовицата „да свие“, а всушност, да изѕида гнездо? Кое градежно училиште го завршила? Секој кој внимателно погледнал такво гнездо, забележал дека е тоа интелигентен дизајн, архитектонски осмислена градба, која наликува, според системот „камче по камче“, на египетските пирамиди. Од каде тоа знаење? Или, она за што пишуваат познати зоосемиотичари: од каде пчелата која открила пасиште, научила јазик со кој на другите пчели ќе им каже каде и на колкаво растојание се наоѓа пасиштето? Тој јазик се состои од танцување и вртење на пчелата во круг, при што бројот на круговите и кај овој интелигентен инсект е математичка информација! Бројот на круговите им ја кажува на другите пчели оддалеченоста на новото пасиште, а насоката на вртење – правецот во кој треба да се лета за да се стигне до него. Ваквите прашања денес се истуркани настрана од грубиот антропоцентризам, загрижен само за правата на човекот, небаре човекот е центар на оваа вселена (а не е, има многу исклучително интелигентни живи видови, и тоа интелигентни на друг начин). Кој ќе одговори на овие прашања – како што се „Од каде знаење за гнездото кај ластовичката?“ или „Од каде јазикот на пчелите?“ – без да посегне по лепословието, кога науката веќе не знае?