КАКО НЕКОГАШ ДА БЕШЕ ВЧЕРА – 25 ГОДИНИ КНИГОПЛОВ СО ТРИ
„Да се прочита макар една добра книга е како да си украл нечие туѓо време и со него да си го продолжил своето. А има ли поголема награда од тоа да го одмориш својот живот користејќи го туѓиот кому веќе не му е потребен, зашто тој го потрошил многу години или многу векови пред нас“, рече Петре М. Андреевски во 2005 година, на отворањето на книжарницата на ТРИ во ГТЦ, во улога на осветувач, како што се нарече самиот.
Зашто книжарниците се вистински храм. Храм на книгите. А ние, како издавач, веќе 25 години ги полниме тие книжевни храмови со книги, страниците со приказни, срцата со љубов. Четврт век чиста верба и доверба во љубов на прва страница.
Уште пред еден век Достоевски советувал во тагата да се бара среќата, а ние додаваме: и туѓите приказни да ги чувствуваме како наши. Виктор Иго направил толку блиска споредба меѓу архитектите и книжевниците што ние денес можеме да се наречеме ѕидари. Ѕидари на еден дом во кој е добредојден секој читател за да ја пронајде книгата на својот живот.
Безмерно сме ви благодарни вам, на нашите читателите, зашто дом без семејство не е дом. Ниту, пак, книжарница без читатели. Ви благодариме што сте дел од нашата приказна, која започна на 23 ноември 1999 година, кога Винка Саздова ги положи прстите врз празен лист хартија и реши да создаде нов книжевен свет што ни го остава во аманет уште долго да го градиме.
Збогатени со многу страници испишани од домашни автори или преведени од најдоброто на светската литература, со корици на кои стојат имињата на Венко Андоновски, Лидија Димковска, Румена Бужаровска, Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, Митко Маџунков, Виолета Танчева-Златева – и уште многу други автори кои станаа столбови и катови на кои како вавилонска кула се издигнува македонската книжевност.
Аурелиј, Руми, Достоевски, Херман Хесе, Џорџ Орвел, Елиф Шафак, Харуки Мураками, Казуо Ишигуро, Јувал Ноа Харари – тешко е одеднаш да се набројат сите имиња, од најпрепознатливите до современите автори и нобеловци чиишто преводи блескаат на полиците и чекаат рацете на читателите да се подадат кон нив.
А кога сме кај книжарниците, со најтопли спомени се присетуваме на миговите на отворањето и на книжарниците во Дебар Маало, Зебра, Ист гејт и Џамбо. Секое место си е приказна за себе и секој книжар ги просветлува читателите на свој начин.
Како разгрането дрво, оваа наша приказна нема позначајна или помалку значајна гранка. На секоја од нив се добредојдени сите птици од сите светови, кои само ги доградуваат своите гнезда и во овој наш голем заеднички дом додавaат нови домови.
„Секој ден од животот садам семиња што еден ден ќе ги ожнеам“, мудро рекол Буда.
Ние продолжуваме секој ден да садиме добра мисла, од која ќе се жнеат добрина и љубов уште долго после нас.