100 НАЈДОБРИ РОМАНИ НА 21 ВЕК СПОРЕД „ЊУЈОРК ТАЈМС“ – „МОЈАТА ГЕНИЈАЛНА ДРУГАРКА“ НА ПРВО МЕСТО
Вкупно 503 писатели, автори на популарна психологија, критичари и членови на клубови на читатели – и со мала помош од вработените во „Њујорк тајмс бук ривју“ – дојдоа до овој извонреден список на најдобрите романи за 21 век објавени досега.
Многумина од нас се радуваат кога во читачките ретроспективи ќе најдат книги што ги прочитале и што им се драги. Анкетата на стотици книжевни личности од кои „Њујорк тајмс“ побара да ги наведат своите топ 10 наслови објавени од 1 јануари 2000 година до денес, нека ве поттикне да се присетите на чувствата што ве обземале додека сте ги читале или, пак, нека бидат повод да се нурнете за првпат во нив.
Освен што во овој список препознавме 12 изданија на ТРИ, меѓу авторите кои учествуваа во ова гласање, какви што се Стивен Кинг и Роксан Геј, најдовме и автори што неодамна ги читавме во превод кај нас – како Џејмс Патерсон, Бони Гармус и Мин Чин Ли!
Проверете го списокот и видете кои од овие наслови ги имате прочитано и дали се дел од вашиот топ 10 за книги на 21 век?
#1
„Мојата генијална другарка“ од Елена Феранте
2012 година
Од „Њујорк тајмс“ велат дека читањето на овој роман е како возење велосипед по чакал: истовремено е полн со камења, многу е лизгав и ги буди сите сетила. Книгата што е дел од неаполската сага за двете пријателки Елена и Лила е едно од најзначајните автофикциски дела, иако е пишуван под псевдоним. Оваа приказна се проширува како универзум – опфаќајќи теми за уметноста, класата, полот, политиката, филозофијата и судбината, и сето тоа преку два извонредно изнијансирани лика.
#3
„Вулф Хол“ од Хилари Мантел
2009 година
Го гледаме минатото онака како што ги гледаме ѕвездите. Нејасно, слабо и матно, од голема далечина, но Хилари Мантел и нејзината книга се како телескоп. Таа ја гледа историјата со неоспорна јасност. Ја зема за протагонист историската личност Томас Кромвел, го виде низ меморијата и го искористи за објектив и за приказ на една необична стварност. Нашата стварност.
#6
„2666“ од Роберто Болањо
2008 година
Вртоглаво добар роман! Оаза на ужасот во пустината на здодевноста. Речиси илјада страници за цел свет на кој му се заканува ужас. Книгата е објавена постхумно. За среќа, го имаме овој длабок, мистериозен роман што остава чувство како да набљудувате торнадо, или што би рекле авторите на статијата на „Њујорк тајмс“, такво торнадо што ќе имате постојан страв да не влезете во неговиот вител, а можеби и чувство дека вие сте самото торнадо.
#9
„Никогаш не оставај ме“ од Казуо Ишигуро
2005 година
Она што е болно во оваа навидум научна фантастика не е разочарувањето од општеството, туку сочувството. Дали Ишигуро дава видување за биотехнологијата, репродуктивната наука или когнитивната дисонанца неопходна за доцниот капитализам? Никој не би знаел да каже со сигурност. Во срцето на оваа извонредна книга не лежи социјалната сатира, туку длабокото соживување и емпатијата. Нобеловецот докажа зошто е нобеловец.
#14
„Контури“ од Рејчел Каск
2015 година
Кратко ремек-дело за творечкиот порив што заслужено наиде на блескави критики и номинации за многу книжевни признанија. Сосем поинаков роман од очекувањата. Отстапувајќи од традиционалните конвенции што ги задава романот според формата и техниката, „Контури“ е зрел оглед за идентитетот и неговото обезличување, за потребата од другиот и потребата од (не)искажувањето.
#15
„Пачинко“ од Мин Чин Ли
2017 година
Хроника за едно корејско семејство што следи четири генерации растени во војна, колонизација, семејни и лични предизвици и судири. Повеќеслојната и трагична приказна нè носи од напуштените улици до ходниците на најпознатите универзитети во Јапонија. Таа е доказ дека една семејна приказна може да ја раскаже историјата на цел народ. Живописна и извонредна! Сосем заслужено го доби високото 15. место во овие 100 наслови!
#38 место
„Дивите детективи“ од Роберто Болањо
2007 година
Според многумина, ова е најинтригантното дело од еден од најголемите латиноамерикански автори на нашето време. Во овој раскошен, еротичен и крајно инвентивен роман, тој ја раскажува приказната за двајца современи донкихотовци. Блескав роман што ја потврди генијалноста на авторот и меѓународното реноме на Болањо.
#39 место
„Посета на бандата“ од Иган Џенифер
2010 година
Моќни теми, смешно, возбудливо и интимно раскажани, зачудувачки познати како вашиот албум што одвај чека да го преслушате. Добитник на Пулицеровата награда, оваа книга по своето објавување стана една од најпознатите во светот. Возбудливо дело напишано од еден од најсмелите автори на денешницата.
#46 место
„Трнарчето“ од Дона Тарт
2013 година
По „Тајната историја“, многумина мислеа дека не може да се напише уште едно такво дело, дека е единствената ѕвезда што во кариерата на еден писател може само еднаш да се вивне на книжевното небо. Потоа, по повеќе од една деценија, Дона Тарт продолжи да пишува бескрајно добри дела. Какво што е ова! За младиот Тео што преживеал бомбашки напад во кој е убиена неговата мајка. Симфонија од роман!
#80 место
„Приказна за изгубеното девојче“ од Елена Феранте
2015 година
На сите нешта, дури и на најпознатото пријателство во современата литература, еден ден им доаѓа крајот. Додека сега средовечните Елена и Лила го продолжуваат танцот на комплицирани односи, Феранте полека нè придвижува кон крајот на сагата, пркосејќи им на законите на обичниот живот. Експлозија од проза!
#93 место
„Станица Единаесет“ од Емили Сент Џон Мендел
2014 година
Сè потешко станува откривањето на невообичаени и филозофски романи. Но не е и невозможно! Таква е оваа книга од авторката која со страшно меланхолична убавина нè поведе во овој зачудувачки прекрасен, четврти по ред нејзин роман. Апокалипсата што ја доживува светот за кој таа говори ќе ве одведе до книжевна апокалипса. Крајот на светот што носи почеток на нови хоризонти и книжевни очекувања!
#95 место
„Испратете ги мртвите“ од Хилари Мантел
2012 година
Насловот доаѓа од стара англиска фраза за повикување мажи на судење, кои се обвинети за предавство. Во очите на судот, тие се веќе мртви. Што може да се очекува од роман што носи ваков наслов? Неверојатно доживување! Верувајте, сите овие романи се едно посебно доживување. Токму поради нивната тежина и комплексност и поради сите точки што ги поврзуваат со современоста.
Останатите книги разгледајте ги на изворната статија на „Њујорк тајмс“ ТУКА.
Ви благодариме што сите овие години сте покрај нас – заедно да ги живееме и да ги оживуваме векот и светот. Благодарение на прекрасната литература!