Николај Терзијски: Сигурен сум дека луѓето кои читаат се надежта за секоја држава и за светот во целина

Николај Терзијски: Сигурен сум дека луѓето кои читаат се надежта за секоја држава и за светот во целина

Во рамки на „Зимски фестивал на книгата“ на Издавачкиот центар „Три“, бугарскиот писател Николај Терзијски на 6 февруари, во 19 часот, ќе гостува во „Јуроп хаус Скопје“ со неговиот последен и наградуван роман „Ѕвезди под клепките“, дел од едицијата „Нашите приказни“ поддржана од Европската Унија. Романот ќе биде промовиран преку разговор со авторот заедно со промоторката Ана Јовковска и преведувачката Виолета Танчева-Златева.

Ден претходно, на 5 февруари, од 19 часот, Терзијски ќе има понепосредна средба меѓу книгите во книжарницата „Три“ (ГТЦ), преку ѕвезден книгокруг помеѓу авторот и читателите.

Пред гостувањето на Николај Терзијски во Скопје, го споделуваме интервјуто со авторот објавено во „Слободен печат“, каде тој зборува за романот „Ѕвезди под клепките“, за филмскиот режисер Дејвид Линч и за тоа дали љубовта ќе победи.

Во романот „Ѕвезди под клепките“ пишувате за љубовта, за времето и судбината. Дали во современиот свет љубовта има сила да ги надмине општествените превирања или луѓето ги изгубија ѕвездите под клепките?

– Многу размислував за тоа додека ја пишував книгата. Одговорот што уште тогаш си го дадов гласи – да, се разбира. Љубовта може да го победи не само ова време, со неговите правила, обичаи и ограничувања. Љубовта може да го победи и самото време. Како што вели една од хероините во „Ѕвезди под клепките“ – „Јас не верувам во времето!“. Да, во овој роман токму љубовта е она што ги создава световите, таа е способна да измисли нов, поинаков свет, и да го создаде. Да го потчини на самата себе. Зашто нема граници за моќта на вљубениот човек, особено кога тој ќе посегне кон творештвото. Уметникот – кон својата слика. Музичарот – кон својата песна. А писателот – кон својата книга.

Од 2014 година го водите блогот „Терзилаци“, на кој објавувате свои раскази, хумористични есеи, политичка сатира, публицистика, осврти за книги. Имајќи го овој увид, каков е духот на нашето време?

– Често слушам дека живееме во најдоброто време во човечката историја. Исто толку често сум го слушал и обратното – дека живееме во најлоши времиња. Обично се насмевнувам на тие крајности, зашто верувам дека сите времиња се речиси исти, зашто луѓето што ги населуваат си личат како близнаци. Тоа е и една од идеите на „Ѕвезди под клепките“. Во човечката природа е и негирањето (или, пак, идеализирањето) на минатото и омаловажувањето (или, пак, воздигнувањето) на сегашноста. Се разбира, тоа важи и за иднината – секогаш ќе има оптимисти и песимисти.

Татко ми велеше дека секое време си носи и убави и лоши работи – јас си ги замислував убавото и лошото како два дела на една иста облека. Ако го тргнеш едниот дел, ќе мора да се разделиш и од другиот. Можам да кажам многу убави и исто толку лоши работи за денешното време, но сметам дека едното не може без другото. Така било и така ќе биде секогаш. Но улогата на човекот (и на творецот) е секогаш да се обидува да се надмине себеси, да измисли подобри времиња, подобар свет.

Во „Ѕвезди под клепките“ раскажувате цела низа од човечки судбини, низ кои се гледаат и општествените промени. Замислувам дека при пишувањето на романот сте имале голема табла со неколку разгранети семејни стебла. Како успевате да ги држите конците на сите ликови и истории?

– Да, оваа книга се разгранува над нашите вообичаени претстави за времето, за можностите на творештвото, за моќта на човекот. Хероите на романот се измислуваат еден со друг, живеат во различни времиња и затоа лесно не се разбира кој создава и кој е дел од создаденото од некој друг. Технички, овој роман беше напишан по претходно подготвена шема – нешто што го правев за првпат. Но предизвикот беше читателот да не види, да не почувствува и да не насети ништо од таа шема. Да влезе таму, во тој вител од херои, времиња и средби, за да ги подреди самиот во својот ум – на неповторлив начин.

Книгата „Ѕвезди под клепките“ ја доби Националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевната култура и е номиниран за сите значајни награди за проза во Бугарија. Дали книжевните награди влијаат врз интересот на читателите?

– Наградите, можеби, влијаат врз читателите, но тоа дејство е минимално. Тие се поважни за писателите – како задоволство од признанието за напишаното. За читателите и за книгата поважно е нешто друго. Поважно е книгата да се препорачува. Од човек на човек. Го согледав тоа и за трите мои романи – како личните препораки го создаваат вистинскиот интерес кај читателот. Сум добивал многу награди и номинации, но најголемата награда ми е дека веќе две деца го носат името на еден од главните херои на мојот прв роман „Одлачување“. Зар има поголемо признание од тоа – читателите толку да ја засакаат твојата книга што му го даваат на своето дете името на херојот во неа.

Целото интервју со Николај Терзијски е достапно за читање ТУКА.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново