ПРИКАЗНИ ШТО НАСКОРО ЌЕ НИ ГО НАПРАВАТ МАГИЧНИОТ МЕСЕЦ УШТЕ ПОМАГИЧЕН

ПРИКАЗНИ ШТО НАСКОРО ЌЕ НИ ГО НАПРАВАТ МАГИЧНИОТ МЕСЕЦ УШТЕ ПОМАГИЧЕН

Месецот декември носи нови предизвици. Да ја заокружиме годината со извонредни наслови! Прочитајте што во моментов се подготвува во нашата редакција и кажете ни за кој наслов сте најмногу возбудени. 

Зимата ќе биде долга, па да ја исполниме со книги што долго ги очекувавме или, пак, што случајно ќе ни се најдат на полицата и не случајно ќе ни се преселат во срцата.

„Крвава месечина“ од Ју Несбе

Сите кои веќе сме се посветиле на приказна што произлегла од под прстите на Ју Несбе знаеме дека неговите книги не се пуштаат од раце сè додека не дојдеме до разврската. Каков случај ќе разрешуваме во тринаесеттата книга од серијалот за скандинавскиот Шерлок Холмс, најпознатиот детективски херој од светот на книжевноста? Преку овие страници навлегуваме во психолошка анализа на одмаздољубивите срца. Но што кога на патот кон одмаздата се јавуваат невини жртви? Колку и да ни е огорчена душата, не смеат да страдаат невините. Хари Хуле го има вистинскиот клуч за справување со сите заплеткани ситуации.

„Приказни од кафулето“ од Тошиказу Кавагучи

Се сеќавате на најдобрата приказна од крајот на минатата година? „Пред да се излади кафето“ од Тошиказу Кавагучи беше вистинско освежување за читателите. Толку нежна, а истовремено и поучна, на моменти тажна, а на моменти измамува насмевки од душата. Нејзиното продолжение со наслов „Приказни од кафулето“ ќе ни биде одлично затоплување на срцата и оваа зима. Нови ликови кои треба да се соочат со своето минато, со правилата што важат во кафулето кое е истовремено и временска машина, и истиот ти, што повторно ќе проникнеш во најновото и најдоброто од јапонската литература.

„Вистинскиот“ од Шандор Мараи

По „Свеќите горат до крајот“, се впуштаме во уште едно ремек-дело на унгарскиот класик. Овој роман-портрет на еден брак што пропаѓа нè води низ комплициран љубовен триаголник од две перспективи – на сопругата и на сопругот. Дали е можно да се уништат емоциите со разумот? Оваа психолошка драма ќе ни го даде одговорот истовремено поттикнувајќи нè на размислување, за да откриеме дека сета убавина на постоењето што ја откриваме со разумот, на крај, сепак е сместена во срцето.

„101 лекција што ќе ни го сменат начинот на размислување“ од Бријана Вист

„Планината си ти“ беше вистинско откровение за оние кои успеваат да ги најдат решенијата во книгите. Бријана Вист во „101 лекција што ќе ни го сменат начинот на размислување“ не ни носи засолниште, туку нè вооружува со разумни одлуки што ќе нè направат толку цврсти што нема да ни треба скривница туку сами ќе можеме да си го одбраниме домот – нашата душа. Со нетрпение чекаме да ги видиме новите методи што ќе ни дадат решение за безброј проблеми, а со тоа ќе ни го олеснат и ќе ни го сменат животот.

„Зошто никој не ми го кажал ова порано?“ од Џули Смит

Колкупати во животот си велиме: „Како не го знаев ова порано“? И навистина, има толку многу нешта што посакуваме однапред да сме ги знаеле, пред сами да ги најдеме решенијата на потешкиот начин. Џули Смит ни дава одговори за кои ќе бидеме благодарни при следната пречка на патот која ќе успееме да ја пречекориме без мака. Зошто? Зашто ни кажува сè што треба да знаеме пред да се впуштиме во чудото наречено живот. Од грешките најдобро се учи, но кога учиме од туѓите грешки можеме да поминеме без повреди. Во тоа е и суштината!

„Втора Фондација“ од Исак Асимов

„Фондација“ и „Фондација и Империја“ се врвно доживување за сите искусни читатели и вљубеници во светот на научната фантастика, но будат посебно чувство и кај оние кои првпат се среќаваат со необичните галаксии основани од Хари Селдон. Ако никогаш немате чуено за овој неверојатно автентичен лик, сега е вистинското време за тоа. Исак Асимов е таткото на научната фантастика во литературата. Тој е првиот чекор кон доживувањето на оваа литература, но и место на кое постојано се навраќаме.

„Живот наспроти сè“ од Виктор Франкл

Книжевниот феномен на своето време, човекот кој по сите голготи што ги минал успеал да проникне во смислата на постоењето, го читаме со нов наслов. Тој секогаш успеал да ја види, или барем да ја насети светлината, дури и кога изгрејсонцето на другите им се чинело недофатливо. Неверојатна, современа книга од човекот кој го одбележа времето и класика на филозофската мисла. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново