МАНИФЕСТ НА ЧИТАЊЕТО: ЗОШТО (ТРЕБА ДА) ЧИТАМЕ?

МАНИФЕСТ НА ЧИТАЊЕТО: ЗОШТО (ТРЕБА ДА) ЧИТАМЕ?

Читањето е најмоќното оружје што го имаме. Кога ќе разбереме дека книгите се најдобриот, но и најсигурниот начин да го изведеме светот на прав пат, тогаш веќе сме го направиле првиот чекор.

Читањето има и неколку посебни аспекти. Покрај сите придобивки како што се, на пример, развивање на имагинацијата и подобрување на концентрација, постојат и некои нишки што често забораваме дека токму читањето ги развива во нас.

Читањето ни го гради карактерот. Влијае врз нашите морални погледи, ни ги втемелува ставовите, ни помага да мислиме рационално, ни ги развива аналитичкото и критичкото мислење.

Читањето ни ги развива трпението, љубопитноста, остроумноста, и едно од најважните чувства – емпатијата. Ни дава можност да ги разгледуваме нештата од различна перспектива и на животот да не му приоѓаме само како поединци, туку како припадници на една поширока заедница.

Модерната ера е една од најпредизвикувачките досега и меѓу најголемите противници на книгите. Но сепак, со сета своја историја и моќ, тие сè уште се водечки во битката. Зошто? Зашто дури и кога мнозинството читатели е помалубројно од групата нечитачи, човекот кој чита размислува како две глави.

Како да се запре трендот на опаѓање на читањето? Иако искушува, не треба да заборавиме дека дигиталната револуција има и многу позитивни страни. На пример, книгите никогаш не биле подостапни. Дигитализацијата нуди и решенија за приспособување на динамичниот живот, на пример е-книги или аудиокниги што овозможуваат да се прими пишаното преку друг медиум и додека се извршуваат други работи.

Но ова, исто како и целата иницијатива за зголемување на бројот на читатели, во себе носи и голем ризик за површно читање.

Читањето треба да се темели врз разбирање. Длабинско разбирање на суштината и разбирање на светот, на смислата на зборовите и на постоењето, разбирање на другите.

Книгите нè учат да ги преиспитуваме своите постапки, но и како стратешки да размислуваме. Ја негираат банализацијата и на тој начин стануваме тежок плен за манипулирање. Социјалните медиуми и брзиот живот ги ловат токму оние на кои им бега фокусот. Вистинските читатели знаат да си го одржат фокусот.

Колку повеќе вистински читатели имаме, толку иднината ни станува посигурна. А иднината на читањето зависи од нас самите. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново