ЕСЕНСКО ДЕСТИЛИРАЊЕ НА УМОТ: КАКО ЕМОЦИИТЕ МОЖАТ ДА ВЕ ВОДАТ ВО ВИСТИНСКА НАСОКА?

Секое влегување во нова сезона е еднакво инспиративен период за промена. Септември и октомври секогаш ги посветуваме на менталното здравје. Затоа и сега посветете се максимално себеси и започнете со есенското дестилирање на мислите.
Онака како што дрвјата ги менуваат своите бои, така и вие сменете ги мислите за себе. Но стеблото нека остане длабоко вкоренето во земјата. Во продолжение прочитајте неколку совети од една од најбараните книги за самопомош оваа година, „Завладејте со своите емоции“ од Тибо Морис. Како што нè учи тој – емоциите си доаѓаат и си одат, и не можат да ве дефинираат. Но тоа не значи дека не играат никаква улога. Напротив, кога го отпишувате вашиот внатрешен глас како неважен, тој станува уште погласен.
Како емоциите да ве водат во вистинска насока?
Првиот чекор за подобрување на начинот на кој се чувствувате е да станете посвесни за емоциите што се повторуваат редовно.

За да ги расветлите емоциите во вашиот секојдневен живот, потребна е долга самоанализа. Затоа следете ги практичните примери на Тибо Морис (водете се според неговата книга) и почнете на тој начин што ќе запишувате сè во вашиот дневник за емоции.
Почнете самосвесно да ги анализирате мотивите на своите дејства.
Самосвеста е способност за објективно набљудување на сопствените мисли, емоции и реакции без да им го додавате вашето толкување.
Запишувањето ќе ви помогне да се дистанцирате од своите емоции, да сфатите дека подемите и падовите се нормален дел од животот.
Најдобро е изјавите да ви бидат во форма на одговори на клучни прашања. Запрашајте се во што би требало да верувате за да се чувствувате на таков начин, дали вашите верувања се точни, дали ќе се чувствувавте подобро доколу мислите и настаните ги протолкувавте поинаку и како да се вратите во неутрална состојба.
Протолкувајте ја пораката што ви ја праќаат емоциите. Кога ќе ја примите пораката, почнете со дејствување.
Тоа дејствување исчистено од вашите емотивни реакции е виситинската насока на патот. Внимавајте на тоа дека игнорирањето на емоциите не е исто со чистењето од нив. Прочистувањето значи да ги анализирате и објективно да ги разгледате ситуациите. Но игнорирањето е нешто што не смее да се случи.
Онака како што физичката болка ви кажува дека нешто не е во ред со вашето тело, така емоционалното страдање ви кажува дека нешто не е во ред со вашиот ум.

За повеќе совети влезете со целиот ум, тело и емоции во „Завладејте со своите емоции“ и како дрво сред есен обновете ги своите лисја.