ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

И ние сме бескрајно нетрпеливи за овие наслови! Наскоро ќе пристигнат во нашите книжарници и заедно ќе се радуваме откривајќи ги тајните на животот. На крајот на краиштата, зад секој роман, приказна, песна, па и во бизнис-книгите со практични чекори, стои мудрост за живеењето што треба да ја извлечеме од нив.
Габор Мате, Мод Анкауа, Штефани Штал и другите автори чиишто имиња ќе ги прочитате, се едни од најдобрите водичи на патот кон исполнет и среќен живот. Албер Ками одамна нè просветли кога рече дека фикцијата е лага преку која ја кажуваме вистината. Навистина е така!
Ајде да видиме кои наслови ќе ни ги прикажат вистините за животот.

„Митот за нормалното“ од Габор Мате
Тргнувајќи од себеси, д-р Габор Мате успеа да дојде до големи сознанија што денес им помагаат на многумина да се справат со своите болести и зависности. Барајќи ја траумата што постои во нас како нивен извор, ја имаме моќта да ги запреме сите болки што однатре нè уништуваат. „Митот за нормалото“ со причина е неговата најреволуционерна и најамбициозна книга. Таа е водич кон исцелувањето и претставува неодложен повик за спас на современиот човек.

„Сè што би сакал да знаев порано“ од Коста Петров
Со „Што ќе кажат другите“, Коста Петров успеа да им ги отвори очите на читателите, следбениците, луѓето кои (не)случајно дојдоа до допир со тоа запишано парче од неговиот живот. Оваа нова книга е уште едно во низата животни искуства што можат да ви го променат животот. Како што поминуваат годините ги согледуваме нештата што би сакале да ги знаевме порано. Но зошто да нè се водиме според оние кои веќе ги согледале?

„Запознај се себе и другите“ од Штефани Штал
Една од најпознатите современи германски психолози продолжува да нè води низ процесот на себеспознавање. Веќе ја читавме „Детето во тебе мора да си го најде својот дом“ и многу научивме од неа. Таму го најдовме клучот за решавање на (речиси) сите проблеми. Овој пат, преку тест на личноста ќе ја најдеме заднината на нашите реакции, и на тој начин ќе научиме како да се справиме со лутината, болката, бесот и други негативни емоции што влијаат врз односите со луѓето околу нас, а со тоа и врз среќата во нашиот целокупен живот.

„Првиот ден од остатокот на твојот живот“ од Мод Анкауа
Целиот живот е резултат на нашите избори. Ни треба само добар метод за да знаеме кои одлуки се добри за нас. Ако сте љубител на Рафаела Жордано и нејзината „Твојот втор живот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден“, сигурно и оваа книга ќе ви го смени светогледот. Не ја освојувате планината, туку се совладувате себеси. Оставете го егото и задржете ја љубовта. Од една хероина, нејзините животни ситуации, мудрости од луѓето околу неа и од целата оваа приказна ќе научите многу повеќе за животот од кога било.

„Магот од Кремљ“ од Џулијано да Емполи
Светот е во криза. Книгите како овој роман, што ја пресликуваат политичката стварност можат да нè поттикнат да дејствуваме. Општеството е онакво какво што ќе го направиме да биде. Затоа треба да ги пополниме дупките кои постојано потајно се прекриваат. Суров и необичен, „Магот од Кремљ“ е роман каков што ретко се сретнува во книжевноста. Наскоро ќе прерасне во задолжително четиво за секој современ човек.

„Мисли и збогати се – практични чекори“ од Наполеон Хил
„Мисли и богати се“ од Наполеон Хил е класика во бизнис-литературата. Таа е една од најпопуларните книги во својата област во светот и кај нас. Овие 17 практични лекции ќе ви ја откријат тајната на успехот за којшто е роден букавлно секој од нас. Успеваат само оние што ја знаат. Откријте ја и вие! Наполеон Хил преку примери од животите на остварените луѓе (секако и од својот) нè насочува кон патот на успехот што не мора да биде трнлив.

„Група“ од Кристи Тејт
Група на непознати луѓе можат да ви го променат животот. Во оваа автобиографска приказна на Кристи Тејт, таа е наш водич во тешкиот, но возбудлив процес на поврзување со себеси и со другите – врска за која не сме знаеле дека ни е толку потребна сè додека не се најдеме разголени пред оваа книга согледувајќи колку нè чинат чувствата што ги потиснуваме во себе. Време е да ги пуштиме надвор, кон новиот, среќен живот.